Невиден дилетантизам ги доподели граѓаните

Дебатата може да оди во недоглед бидејќи „повеќе затворање“ и „повеќе отворање“ имаат многу аргументи и контрааргументи, и затоа е време да преминеме на комплексни решенија што ќе ги вклопат интересите на двата табора, а тоа ќе значи различни мерки за различни степени на образование, основно, средно и високо, и различни мерки за различни општини и училишта

На денот на годишнината на Охридскиот рамковен договор тоа не е тема број еден, па се чини ниту барањето на ДУИ за премиер етнички Албанец, туку тема број еден е започнувањето на учебната година во услови на корона. И во услови на традиционални августовски одмори, јавноста со жестока дебата се поларизира и подели на два табора, за и против започнување на учебната година со физичко присуство. Дебатата е вжештена во цел свет, со поделба на „повеќе затворање“ и на „повеќе отворање“, а училиштата (и градинките) беа први на листата на затворање како затворени објекти со долга и интензивна комуникација на многу луѓе.
И кај нас во Македонија, всушност, затворањето почна спонтано, кога родители во Скопје престанаа да ги носат децата во училишта, бидејќи таму учат деца на можни заразени по познатиот случај на скопски кожен доктор. И кога во март почнаа да се носат мерки за затворање први на листата беа училиштата и градинките. Таа мерка беше проследена со ослободување од работа на еден родител на децата до 10 години. Во тој момент, кога се надевавме дека короната ќе биде сезонска и до мај ќе ја снема, немаше многу реакции во јавноста. Како што стануваше јасно дека короната нема да замине со летото, така почнаа критиките на мерките.

Првите беа за неодвивање на наставата, како и за тоа дека значаен број ученици немаат технички можности за онлајн настава или, пак, немаат членови на семејството што можат да им помогнат. Вторите беа за ослободувањето на еден родител од работа, како е дојдено до возраста од 10 години како граница на самостојност, и кој ќе ги плати трошоците за отсуствата. За потсетување, во случај на боледување поради дете, по одреден период трошоците за плата се на сметка на државата. Но дебатата спласна со завршување на учебната година, а потоа сето внимание беше на изборите.
Поминаа изборите, почна да се приближува почетокот на учебната година и се отвори дебатата меѓу „повеќе затворање“ и на „повеќе отворање“. Дебатата се загреваше бидејќи тоа е дебата меѓу две легитимни позиции таа за „повеќе затворање“ – „многу ученици во затворени објекти со долга и интензивна комуникација се здравствена закана“ и таа за „повеќе отворање“ – „учениците, особено на рана возраст, неопходно им е физичка настава, како и на тие што немаат услови, технички или родителски, за онлајн настава“. Ова не е само наша дебата, тоа е дебата од Австралија до Канада, и нема држава и општество, нема меѓународна институција што не е загрижена за оваа ситуација.

Тоа што кај нас ја „запали“ дебатата беа доцнењата на надлежните институции, пред сѐ Министерството за образование, со мерки, што ги зголемуваше несигурноста и нервозата, за на крајот да се излезе со невиден дилетантски предлог за „20-минутни часови“. Овој предлог не е добар ниту за еден од двата табора, за „повеќе затворање“ бидејќи предлага физичко образование, без соодветни заштитни мерки, и на „повеќе отворање“ бидејќи не го решава проблемот со отсуства на родителите. Дилетантизмот само го зајакна „повеќе затворање“ убедувањето, и стана јасно дека многу родители нема да им дозволат физичка настава на децата. Од претходно за градинките е усвоен ставот дека ќе работат само за деца чии родители не можат да отсуствуваат од работа. Од еден дилетантизам се влета во нов со предлогот само првачињата да имаат физичка настава.

Дебатата може да оди во недоглед бидејќи „повеќе затворање“ и „повеќе отворање“ имаат многу аргументи и контрааргументи, и затоа е време да преминеме на комплексни решенија што ќе ги вклопат интересите на двата табора, а тоа ќе значи различни мерки за различни степени на образование, основно, средно и високо, и различни мерки за различни општини и училишта. Кои се туѓите искуства? Мерејќи ги аргументите од двете страни, Германија не ги затвори градинките за деца на родители вработени во есенцијални сектори, а Шведска ги остави отворени основните училишта и поради родителската грижа и потребата од поддршка, а средните училишта и универзитетите преминаа на онлајн настава. „Харвард“ најави онлајн настава до февруари 2021 година. Србија деновиве најави дека ќе има различни мерки за различни степени на образование. Стручњаци сметаат дека особено е важно настава во училиште за годините на премин, што кај нас би биле прво и шесто одделение во основно, прва година во средно и на факултет. Веќе прифативме дека градинките ќе работат за децата чии родители не можат да отсуствуваат од работа.

Како би можеле да изгледаат мерките?
Главно отворање на градинките и основните училишта, и главно онлајн настава во средните училишта и универзитетите. Часовите не треба да бидат скратени. Градинките и основните училишта треба да обезбедат физичка настава за сите деца чии родители не можат да отсуствуваат од работа или немаат технички услови. Прва година во средно и универзитети, како и техничките училишта, да организираат физичка настава, која може да се следи и онлајн. За намалување на бројот на лица во училница може да се предвидат мерки за ротации.

Исто така треба различни мерки за различни општини и училишта. Има општини и населени места што немаат активни случаи на корона, и во кои образовниот процес треба да биде во училиштата. Има училишта, на пример „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4, каде што ќе има само 3 класа со 20 ученици во прво одделение. Училиштето има и просторни и други можности за редовна настава. Ова ќе значи дека градоначалниците и директорите треба да имаат повеќе простор (и одговорност) да одлучат како ќе се одвива образованието кај нив. Секако сево ова со примена на највисоки здравствени стандарди и протоколи, за што може да се погледнат мерките во регионот и во Европа.
Комплексните проблеми не можат да се решат со „еден број за сите“ туку бараат и комплексни решенија. И да, сево ова бара политичка стабилност, и формирање влада веднаш.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Ковид-19 #Учебна2020