Не сум разочаран, згрозен сум

Политиката на Македонија не престанува да разочарува, дури и кога граѓаните (ако останаа такви) продолжуваат да се надеваат на нешто подобро од она што го знаат. Очигледно дека никој кај нас не може да биде безбеден од несреќите на тешко заболениот политички систем. Повеќето од најголемите проблеми на земјата произлегуваат од ваквата хронична политичка болест, која не само што не дозволува нашиот политички систем да се подобрува туку и успева постојано да ги репродуцира истите слабости. Очигледно сме едно од ретките места каде што политиката толку брутално го илустрира несовпаѓањето помеѓу очекувањата и реалноста.
Страшно е кога патолошката желба за политичка одмазда ќе ја препокрие пошироката слика за нарушената национална безбедност на државата и интегритетот на разузнавачките служби поради бегството на тимот на разузнавачи на претходната власт на чело со директорот (кој е во куќен притвор) и претпоставениот одлив на разузнавачки информации. Додека ние се забавуваме и навиваме во криминалниот оди ми дојди политички театар никој не се запраша дали и во колкава мера е компромитиран безбедносниот систем на државата? Во кој обем и со какви разузнавачки информации располагаат некогашните први разузнавачи, особено оние пребеганите во странска држава и дали истите тие се направени достапни на странски служби? Доколку тие информации се дојдени во рацете на нашите (не)пријатели, тоа може да им помогне да планираат идни напади врз земјава од секаков вид.

Освен ако овие разузнавачи со себе не понеле рецепти за готвење. Никој не се загрижи дека бегството на разузнавачите и сѐ што се случува со првиот човек на разузнавањето од претходната власт може да ги доведе во опасност оперативците на терен, да ги поткопа напорите за собирање разузнавачки податоци, да ги направи изложени алатките што се користат за собирање разузнавачки информации, да го дестабилизира нашето партнерство во странство и да ги разоткрие операциите, можностите и приоритетите на македонските разузнавачки служби. По сево ова човек да се запраша: дали и колку сме способни да се заштитиме од странските разузнавачки служби да навлезат во најстрого чуваните агли на нашата влада. Одговорот очигледно е не.
Факт е дека некои од најтешките штети нанесени на нашето разузнавање не дојдоа од пробивање од странски разузнавачи, туку од неовластено протекување информации од страна на вработените во разузнавачките служби. Нормално, злоупотребено од политиката и неодговорни политичари. Бракот од интерес меѓу политиката и разузнавањето ни покажува дека не сме создале култура во разузнавачката заедница во Македонија каде што нулта толеранција е норма за тајноста на податоците со кои располагаат. За какви безбедносни сертификати може да стане збор во држава каде што буквално секој може да го поседува ако е близок со власта.

Наивно е да барате од овие луѓе свест дека ваквото одобрување не е право, дека тоа е привилегија што не им дава овластување да ги споделуваат тајните информации. Особено не со политиката, или со некоја странска служба. Протекувањето на разузнавачките информации, па ако сакате и јавно обелоденетите соработки со странски разузнавачки служби не гледам дека се доживува како алармантна закана за нашата национална безбедност. А и зошто би било така, кога луѓето со највисоки безбедносни сертификати во државава се и најголем безбедносен ризик.
Искрено, се прашувам што работи собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање? Зошто за сиве години не видовме и слушнавме за некаква процена на штетата на националната безбедност од истекувањето класифицирани документи од УБК, особено по бегството на првите разузнавачи од државава и колкав е опсегот на компромитирано знаење поврзано со македонските разузнавачки способности. Изгледа дека премногу барам зашто таканаречената процена на штетата би се базирала целосно на претпоставки, а не на факти или докази. Можеби затоа никој во оваа држава не се заинтересира на кое ниво е компромитиран нашиот безбедносен систем: стратегиско, техничко или оперативно. И, реално, колку нашиот безбедносен систем е способен превенцијата од измама, анализата на ризик и другите безбедносни процеси на високо ниво да ги збогати со разбирање на тековниот пејзаж на закани што ги обезбедува разузнавачката закана, вклучувајќи и клучни сознанија за актерите на таквите закани, нивните тактики, техники и процедури.

Допрва ќе ги чувствуваме последиците од оди ми дојди политичкиот театар по безбедноста на државата и ефикасното функционирање на разузнавачкиот систем на државата. Ако воопшто и постои таков во моментов.
А во меѓувреме ние ќе продолжиме да ја живееме политичката епска надреалистичка борба за демократија, човекови права и правда, во која добрината и светлината се спротивставени на силите на темнината. Поточно на силите на „режимот“ што беа поразени пред безмалку пет години. Но оттогаш светлина не видовме. Ниту правда. Гледаме како се разнебитуваат државата и нејзиниот безбедносен систем. Гледаме уценета држава, уценети поединци. Гледаме манипулација со вистината. Гледаме порази како победи и слушаме разочарани политички лидери. За жал, јас не сум разочаран, згрозен сум со она што ѝ се случува на Македонија.