Не може варвари да ми продаваат цивилизација

Поминаа две недели од кобниот 19 октомври, ден кога Собранието ја укина демократијата. Македонија и дефинитивно стана протекторат на „длабоката држава“. Октроираната власт врши прогон на неистомисленици. Европската Унија, таа лажна и лицемерна колепка на демократски вредности, даде амин за користење „балкански методи“ на малтретирање, притисоци и уцени. Македонскиот народ, неговиот идентитет, историја, култура и традиција се ставени во модерната гасна комора за нов софистициран геноцид.

Поминаа две недели од кобниот 19 октомври, кога Собранието го одзеде суверенитетот од рацете на народот. Меѓународната изопачена моќ преку своите октроирани послушници мирно го спроведува планираното сценарио за укинување на Македонија и на македонскиот народ. Отпор нема. Институциите на државата не постојат. Речиси сите медиуми се на страната на геноцидот, кој треба да се спроведе преку уставните измени. Никој не протестира на улица против укинувањето на суверенитетот, демократијата и на уставноправниот поредок на државата. Додека новата окупација на Македонија е во полн ек, таканаречената меѓународна заедница и нивните тукашни марионети ликуваат.
Еден дел од народот е исплашен. Со глави забиени в песок, си мрморат во брада дека ништо не можат да сторат против моќта. Вака изгледало и времето на нацистичкиот холокауст, исплашените Германци со наведнати глави ги проследувале своите еврејски сограѓани на пат кон гетата и логорите. На друг дел од народот, сеедно му е. Нивната безумна логика вели дека „сè е веќе договорено одозгора“, немало шанса ништо да се стори. За нив „одозгора“ не е од бога, туку од моќта на светската политика. Тоа ви се оние луѓе што ако утре се донесе закон дека нивните ќерки и сопруги мора да ги наполнат европските бордели, ќе ти речат „сè е веќе договорено одозгора“, а потоа ќе влезат во првиот бордел да легнат со ќерката на соседот. Трет дел од народот се маловерни. Се предале, кренале раце од сè, тешкотиите, одредени несреќи и падови, речиси ги направиле бескорисни. Четврти дел од народот, тоа се конформистите. Нив ништо не ги допира освен сопствената удобност. Другите спаѓаат во групата обезумени, платеници, злорадосни што ликуваат на фактот дека ќе ја снема Македонија и Македонците.

Во меѓувреме, министерката Десковска обелодени дека со уставните промени се брише АСНОМ од Уставот. По ова, геноцидот врз македонскиот народ е потврден. Сега шарените „револуционери“, интелектуалната бижутерија, лажната авангарда, скопеното по дух прогресивно граЏанство, медиумските платеници, грантираните активисти и слугите на Соросовата зомбификација со гордост можат да заклучат дека се запишале во историјата, застанувајќи рамо до рамо со инквизицијата, робовладетелството и холокаустот.

Со години се борам со светската изопачена моќ, со немилосрдниот Левијатан што уништува луѓе, држави и народи. Се борам индивидуално, со талентот што ми го дал бог, се борам за човековото право на самоидентификување. Се борам затоа што не сакам некој да ми ги брише народот и државата од минатото, сегашноста и иднината, не сакам некој да ми укинува идентитет, да потпишува договори за моето битисување. Ја загубив ли битката? Јас не се срамам да признаам дека ме поразила светската изопачена моќ, перверзниот наци-левијатан. Воопшто не ми е проблем да се соочам со фактот дека „длабоката држава“, Европската Унија, НАТО-алијансата, октроираната власт во Македонија со сиот нејзин удбашки, криминален и медиумски потенцијал, успеале да ми ја окупираат државата, каде што институциите, судовите, војската и полицијата се соработници во обезличувањето. Нивната планетарна моќ наспроти мојата бунтовна душа. Нивните милијарди наспроти мојот стих.

И јас, како многумина од вас, се чувствувам беспомошно, ама не им се плашам. И не, не ги прифаќам нивните злосторства како правда. Не го прифаќам нивното силеџиство како демократија. Не го прифаќам нивниот геноцид врз нас како европска вредност. Тие се обични варвари. Можат да глумат дека се цивилизирани политичари пред своите граѓани, ние сведочиме дека се обични варвари. Кога јас растев со Марк Твен, тие поставуваа свои диктатори низ Јужна Америка, кои убија стотици илјади луѓе. Додека губев невиност меѓу два стиха од Есенин, тие го потпалија колежот во Југославија. Созревав со Џером Селинџер кога тие го почнаа пеплосувањето на Блискиот Исток. Се обликував со мудроста на Достоевски, а тие уништуваа детски соништа за да приграбат нафта и опиум. Не може варвари да ми продаваат цивилизација. Јас одбивам да ги прифатам нивното лицемерство и насилство. Не го прифаќам изопаченото зомби од нивниот наци-договор потпишан во Преспа. Сеедно што таму се клештеа пред камери претставниците на варваризмот, Нимиц, Могерини и Хан. Јас нема да живеам и умрам во, преку насилство и окупација, создадената Северна Македонија. Каде ќе одам? Сеедно каде. Што подалеку од лажните вредности на „длабоката држава“, ЕУ, НАТО и нацилибералниот глобализам. Го изживеав нивниот варваризам за два живота.

А сиромашен можам да бидам секаде. Подобро да чистам руски јавни клозети, отколку да бидам опкружен со лицемерството на изопачената моќ во зомби-држава. Повеќе сакам да талкам како скитник од еден до друг руски манастир, отколку да се движам меѓу скопената по дух интелектуална бижутерија низ Скопје. Подостоинствено ќе биде да ме заколе некој руски разбојник, отколку да глумам рамнодушност среде лажна демократија, каде што вистината беше изведена пред стрелачки вод. Повеќе сакам да умрам заборавен под некој ѕвонлив кедар, отколку да живеам лицемерен живот меѓу маловерен, плашлив и од комформизам изеден народ што дозволил да биде обезличен.
А ха, ете го русофилот, ќе крикне лицемерната јавност, која не зуцна кога се укинуваа суверенитетот и демократијата. Баш ме заболе мајсторов, жими Маргарита, што тие имаат да кажат. Ако веќе ми го избришаа идентитетот преку наци-договор, укинувајќи ја демократијата и поништувајќи ја волјата на мнозинството, подобро да бидам без корен кај оние што ме признале и покажале принципиелност, а не лицемерство и двојни стандарди, за време на специјалната војна на „меѓународна“ заедница против мојата татковина. Ако Република Македонија биде укината и насила преобразена во северна НАТО-провинција преку варварските методи на Европската Унија, зашто осумдесет полтрони ми го укинале идентитетот, подобро ќе бидам облак во панталони среде пикник крај патот, отколку искосен пиреј врз кој послале лажна англиска трева.