На заслужните им даваат цели улици, себеси само станови

(Разговор на сон со татко ми Верољуб, ноќта откако Талат Џафери ги караше пратениците дека земаат дневници, а не доаѓаат на работа)

Е, не ти било пишано. Таман се израдував дека, ете, некој се сетил да предложи една скопска улица да носи твое име, за новинарски заслуги, кога – предлогот не поминал на гласање. Знам, знам дека не сакаш ни улица; да сакаше, дури беше жив, можеше да си земеш што сакаш, ама таков ти беше табиетот, не сакаше многу околу тебе да се вртат работите. Посебно не материјалните: бегаше и од она што ти припаѓа, па затоа едно време беше шампион по земени кредити во „Нова Македонија“. Две „фиќа“ извози во животот, а пред крајот, додека другите ги возеа „тојотите“ на Кљусев, ти со кредит си зеде „шкода фаворит“. Еден твој близок колега, откако ти си замина, на мојата забелешка дека можеле баш и да те зачуваат малку, да ти дадат и тебе дел од општественото мезе, ми рече: „Па тој никогаш не рече дека нешто му треба. А и кога му нудевме, одбиваше. Со сила не можеш некому да дадеш, можеш само да му земеш“. И прав беше човекот.
А и што ќе ти е лебати, темна улица во Скопје, кога си имаш светол стан во зградата небесна? Знам, знам дека има позаслужни новинари од тебе: па никој од твоите пријатели, гении-новинари, нема ни сокаче, камоли улица. Ни Бранко Заревски нема улица, кај кого си го печел занаетот, ни Бранко Варошлија, а Анте Поповски и Петре Андреевски, едвај сега добија. Еснафот да се сети на тебе? Макар награда за фељтонистика? Тешко. Кој бре татко уште помни денес дека ти прв го отвори прашањето за ВМРО во фељтоните, макар и низ тогашната идеолошка диоптрија? Немој да се лутиш, ама ни еснафот не ти е веќе она што беше. И да ти објаснувам, нема да сфатиш: денес секој човек е новинар, затоа што секој човек е медиум. Денес сите пласираат е-информации, не мора да имаме новинари. Сите даваат новинарски услуги, кој повеќе ќе плати. Така ти е.

Туку: се смени и поимот на заслужните, затоа се смени сето тоа. Некогаш големи луѓе живееја во мали куќи, денес мали луѓе живеат во големи куќи. Нашата барака во Влае имаше 36 квадрати: толку ти даде државата, и сите што толку добија, преблагодарни беа! Потоа, како што јас и Ведран растевме, сам си доградуваше, со кредити. Тогаш се гледаа заслугите за професијата, за народот (постоеше дури и орден за заслуги за народ, мислам дека и ти нешто слично доби), ама сега се гледаат заслугите за партијата и за сѐ уште ненапишаната историја. Заслуги за иднината, не за минатото. Како која партија? Па таа што во даден миг е на власт. Главно две се, се менуваат. На приближно рамномерни периоди од неколку години. Не те слушам, повтори? Па види, има нешто во тоа што го предлагаш: не е лошо, ќе им пренесам. Значи, велиш, за да не се караат додека чекаат со години, да се договорат така? Во парни денови едни, во непарни други? Не ти е лоша таа идеја, ќе има бар континуитет во почнатите проекти, нема едните да ми прекинат филм почнат под другите, ама проблемот е во тоа што понеделник, среда и петок се непарни, а вторник и четврток парни, така што власта меѓу едните и другите не би била праведно поделена. И саботата да биде работна, велиш? Да, да, знам дека ти и дежурните во „Нова Македонија“ работевте и во сабота и во недела, ама тешко ќе оди тоа со саботата. Пратенициве ни во понеделник не можеш да ги собереш. А со неделата никако нема да оди, сега и законски ќе биде неработен ден. Не, не, не разбираш: точно е дека Господ рекол од памтивек недела да биде неработна, ама друга тежина има кога Владата ќе го каже тоа. Не разбираш? Ни јас, ама сега законите на луѓето вредат повеќе од божјите.

Да ти објаснам: ако во недела работиш, Господ нема да те казни, ама ако Владата те фати, ќе те казни. Е знам дека ништо не ти е јасно, ама јас со време да ти кажам, да си бидеш информиран, новинар беше, не е убаво да живееш во кусок од информации. А и не ти е добар тој предлог, зашто и твоите историски фељтони ќе важат во парни денови, а во непарни не. Така, убаво. Гоце Делчев во понеделник, среда и петок ќе биде Македонец, а во вторник, четврток и, ете, сабота – Бугарин. За кој Јане ме прашуваш бре, татко? За твојот Пирински Цар? Немам информации за него. Никој изгледа не го бара за свој, не верувам дека некој од денешниве и знае за него. Додуша знаат, ама за нив Сандански не е револуционер, туку бања. Одат таму на зимување, евтино им е, а и лековито е: и кожни, и гинеколошки болести, и дебелина. Па и за Миладиновци сите денес мислат дека се Грци, зашто Рафинеријата беше грчка, ако не се лажам. Такво време дојде: имиња на револуционери и уметници од чест се даваат на фабрики, бањи и на улици. Не можеш да кажеш ништо лошо за новиве владетели: навистина мислат на заслужните. Еве, за малку и ти, тивко, кроце, ќе „закачеше“ улица. Така што, не критикувај веднаш: на заслужните, вистина, им ги укинуваат националните пензии и статусот на национални уметници, ама им даваат улици. За себе ги земаат само становите. Па ти види што е чест, а што потреба насушна. Улицата е луксуз, станот ти е егзистенцијален минимум.

Пишувам ли уште? Да. И колумни пишувам, да. Па знам дека ме дефокусира тоа од романите, ама морам, бајаги деца имам за гледање. Побрзо ќе ги оставам цигарите одошто колумните и хонорарното пишување. Ме помагаат пријатели, бизнисмени, да. Кога нејќе државата… па развивам меценатство во време на антихуманизам и антиренесанса. Каде пишувам? Таму каде што пишуваше и ти, будејќи нѐ наутро со штракањето на машината: во кујничката. Само јас имам компјутер, па бар не ги будам. Русија? Би те советувал да не ја спомнуваш многу Русија, денес малку фали да те прогласат за антиевропски расположен, макар само и добил номинација за некоја руска награда. А и знаеш дека не ги сакам тие муабети: да се родеше ваму, да се родеше таму… да беше баба ми машко ќе се викаше Ташко. Знам, знам, сум чул за дача, државна резиденција е тоа, ама државата не знае што е дача, па не можам да ѝ барам нешто за што не чула. Знам, знам дека во СССР уметниците добивале дачи, и денес добиваат. Пред некој ден се слушнав со другар ми Водолазкин, моја генерација, добар писател и добар другар е тој Евгениј. Па баш ми рече дека го завршува новиот роман во некоја дача крај Петроград, му ја дале на користење до крајот на животот. И слики ми прати: што да ти кажам, ко дворец од руска бајка е. И да си безнадежен светски шлагер-бестселерџија ко Гијом Мисо, и ќорав бројлер да си, ќе клукнеш едно зрно. Ќе се излекуваш од болеста на модерниве светски писаТЕЛИЊА (што велеше твој Гане): кајшто им почнува реченицата, им завршува мислата, и кајшто им почнува мислата, им завршува реченицата (што велеше твој Варош). Ама токму тоа се чита, народот тоа го сака, кога мислите се разминуваат со речениците. Така научија од политичарите.

Не инсистирај бре татко, сфати, не можам да барам од државата нешто незаслужено! Има луѓе – леб немаат да јадат! Па ми нудеа луѓето, и министер и амбасадор, и тоа двапати, ама одбивав. Што е право, право е! Кој ми е крив што не сфаќам дека до леб се доаѓа само со политика, а со пишување само до улица? Што се лутиш бре? Што рече? Еј, каде одиш, дај да поразговараме уште малку! Што рече тоа последното, не те слушнав? Шатор да им барам место дача? Па што ќе ми е шатор, не одам веќе на кампување, 57 полнам за некој ден. Што велиш бре, не те слушам?! Каде ќе сум останел?! На улица?! На твојата улица?! Па ти НЕМАШ улица! Види го, си замина! И тоа уште лут, а ни улица не ни остави…