Малите сипаници долгорочно го уништуваат имунолошкиот систем

Научниците се надеваат дека по овие несомнени сознанија ќе се промени заблудата околу вакцинацијата со МРП и дека популацијата нема повторно да дозволи беснеење на морбилите како во минатите периоди од еволуцијата. Да ги поддржам и лично овие надежи

Иако вакцинациите се воведени пред многу години, во последниве неколку во нашата земја се разви голема дебата околу тоа дали тие се полезни, дали мора да бидат задолжителни, дали институциите имаат право да ги исклучат невакцинираните деца од градинките и од училиштата итн. Како долгогодишен педијатар ќе нагласам дека пред дваесетина години во нашава земја вакцинацијата се одвиваше без никакви проблеми и опфаќаше над 98 проценти од детската популација. Поради овој успех, педијатриската служба беше наградена од страна на СЗО. Токму поради успешната вакцинација се ерадицираа многу тешки инфективни болести како што се полиомиелит, вариола вера, се намали туберкулозата, скоро да ги снема малата сипаница, заушките и компликациите од нив…

Не знам кои се точните причини за разгорување на дилемите околу неопходноста за вакцинации. Особено не знам зошто родителите одбиваат вакцинација со МРП (морбили, рубеола, паротит), за која се создаде заблуда дека наводно го предизвикува аутизмот, што научно беше отфрлено преку големи истражувања.
Битен е научниот факт дека сипаниците се многу поопасни отколку што знаеме!
Само интуитивно во минатото докторите беа свесни дека смртноста кај децата рапидно се зголемува кога се прележуваат морбили, а особено се тешки компликациите со други заболувања.

Овој напис е базиран на некои најнови сознанија околу тоа што малите сипаници (морбили) му го прават на имунолошкиот систем, а врз база на објавени студии во најпрестижното научно списание „Сајанс“ во оваа година.
Можеби овие сознанија ќе придонесат за зголемување на свеста кај родителите, но и кај скептичните медицински работници околу неопходноста од вакцинации.
Сипаниците се познати по тоа што децата ги прават вулнерабилни на други инфекции. Скорешни две најнови студии базирани на примерок на деца од една верска група во Холандија, која упорно ја одбиваше вакцинацијата, дојдоа до заклучок дека сипаниците масовно го оштетуваат имунолошкиот систем, правејќи сипаниците да бидат уште полетални отколку што за тоа некогаш сме биле свесни.

Статистички е докажано дека по 2006 година рапидно се зголеми појавата на сипаници насекаде во светот. Во Африка тој број порасна десетпати, додека во Европа е поголем двапати споредено со поранешните години. Лошиот здравствен систем, слабата јавна информираност и антивакциналниот став се најголемите причини за овој пораст на заболување од сипаници. За разлика од тоа, по воведувањето на вакцинацијата против сипаници (некаде 1960-тите) состојбата беше сменета драматично. Мистериозно за тоа време, смртноста од комплетно неповрзани инфекции со сипаниците исто така беше драстично смалена.

Во 2015 г. научникот Мајкл Мина од универзитетот „Харвард“ дојде до заклучок дека децата што прележале морбили многу повеќе добиваат други заболувања (особено грип, воспаление на уво и пневмонија), а тие предизвикуваат скоро половина од причините за смртност кај децата што живеат во региони каде што циркулираат сипаниците. Во 2017 година околу 100.000 деца умреа токму од мали сипаници. Овој научник се посомнева дека сите оние што прележале сипаници подоцна ќе умрат од други инфекции споредено со оние што не ги прележале. Денес се знае одговорот на оваа појава.

Имено, сипаниците предизвикуваат амнезија кај хуманиот имун систем!
Кога сме изложени на патогени бактерии и вируси како деца, ние всушност акумулираме специјални имуни клетки, од кои секоја го учи организмот како да создава антитела и да ги напаѓа специјалните видови патогени организми. Вирусот на сипаниците ги убива овие клетки, но нивното влијание досега не беше познато.
Тимот на Мина детерминира кои се антителата создадени кај невакцинираните холандски деца, кои подоцна добиле морбили. Пред да добијат сипаници, овие деца можеле да создадат антитела спрема многу вируси и бактерии. Но, потоа, по прележани морбили, 11-73 отсто од нивните антитела против кои било видови патогени стануваат уништени.

Најмногу засегнатите деца губат повеќе од половината антитела што можеле да ги создадат против тестираните патогени организми, изјавил Мина. Со други зборови, прележувањето морбили значи силен напад на севкупниот одбранбен систем на организмот.

За да ја стекнат повторно изгубената способност за создавање антитела, оние што прележале морбили мора да бидат реекспонирани на сите патогени со кои претходно имале контакт, меѓутоа со зголемен ризик за добивање некоја болест. Тие дури треба да примаат некаква превентивна вакцина повторно за нивниот имун систем да „научи да создава“ специфични антитела. Во една друга студија, Колин Расел во универзитетот Амстердам ја секвенционирал ДНК од имуните клетки од дваесетина деца од истата група. Забележиле дека ефектот се изразува не само на клетките што продуцираат антитела, туку и на нивните прекурсорни клетки.

Во нашите први неколку години од животот, овие наивни (матични) клетки созреваат, диференцирајќи се, можат брзо да го препознаат специфичниот тип молекули од разни патогени. Тимот на Расел дошол до заклучок дека морбилите ги убиваат овие зрели клетки, така што всушност нашиот имун систем се враќа во претходната доенечка фаза. Тоа значи дека се потребни уште пет години имуниот систем да се возврати, исто колку што им треба за имунолошко закрепнување на оние луѓе што примале силни имуносупресивни лекарства, кои се даваат при разни канцерозни состојби. Ова објаснува зошто сипаниците го намалуваат имунитетот барем за пет години. Овој факт е потврден и во други клинички студии.

До исти резултати е дојдено и во студијата предводена од Велисава Петрова од еден врвен британски институт. Тестирањата на примерок од истите холандски деца со помош на генетско секвенционирање потврдиле дека Б-клетките, кои се најбитни за создавање антитела, се уништуваат со прележување морбили. Токму тие Б-клетки се најбитни за формирање одбрана против специфични болести, а по прележани морбили тие се толку оштетени што практично имуниот систем се доведува во незрела состојба.
Научниците се надеваат дека по овие несомнени сознанија ќе се промени заблудата околу вакцинацијата со МРП и дека популацијата нема повторно да дозволи беснеење на морбилите како во минатите периоди од еволуцијата.

Да ги поддржам и лично овие надежи, со единствена цел: да овозможиме нашите деца да ги користат бенефициите од науката и да не ги оставаме поради какви било предрасуди да бидат заморчиња!