Максим(ум) за мое Куманово

Големите водачи се големи зашто учат и од туѓите и од сопствените грешки. Прагматично продолжуваат напред, не дозволувајќи ѝ на тоталитарноста да стане вообичаен начин на политичко однесување, преку нејзиното најчесто лице: одмаздата

Почнаа партиските номинации за идни градоначалници. Политичкиот рулет не застанува: од едни избори се влегува во други, а во меѓувреме се завршува (ако се завршува) она што е ветено на претходните избори. И токму во овој миг имам ЛИЧНА потреба да напишам некој ред за еден човек кого високо го ценам и за кој сум убеден дека, доколку Македонија има уште десетици такви, ќе биде силна земја на чесни, работливи и одговорни луѓе. Човекот се вика Максим Димитриевски и е актуелен градоначалник на Куманово. Со него ме врзуваат повеќе нешта, а јас ќе се задржам на едно: мисли со своја глава, иако е социјалдемократ во срцето и му припаѓа на партиско-идеолошки колектив, кој, како и секој таков колектив, не толерира многу „отстапувања“ од идеологијата на „стадото“.
Постои еден важен есеј на српскиот филозоф од светски калибар Никола Милошевиќ, за поимот „алиби во културата“. Есејот говори за тоа како ние, под идеолошки притисоци на колективитетите, често се откажуваме од себеси, односно ги фалсификуваме своите мисли и чувства. А Максим не е таков човек, и затоа е „проблематичен“ за колективитетите. Примерот на Милошевиќ го приспособувам кон темава: да замислиме дека во еден лифт се возат тројца членови на една партија. Двајца од нив имаат позитивно мислење за најновата одлука на партијата, а третиот мисли дека таа е погрешна, ама сѐ уште не го соопштил тоа јавно. Двајцата што се „за“ раскажуваат виц со кој ги исмеваат оние што се „против“. И, што ќе се случи? Оној третиот, кога ќе го чуе вицот, ќе мора принудно да се насмее, за да не биде откриен како „противник“. Така, тој си обезбедува „алиби во културата“, за да не биде отфрлен поради различното мислење. Но поимот „алиби“ подразбира дека за нешто си обвинет. Дали различното мислење денес стана грев? И колкумина полтрони што лазат околу владетелот имаат спротивно мислење, ама се насмевнуваат и се преправаат дека мислат исто, само за да си ги задржат позициите?
Тоа е првото што ме зближи со Максим. И јас и тој (иако тој е социјалдемократ, а јас немам партиска припадност) веруваме дека ниедно критичко мислење не може да загрози ниедна ЗДРАВА идеја и дека секој колектив станува поцврст со конструктивна критика. Тоа што најчесто тие критики се враќаат како бумеранг преку најразлични одмазди под маска, говори за примитивна идеолошка свест и за отсуството на домашно, морално воспитание. Никако да сфатиме дека секоја идеологија што се држи под стаклено ѕвоно, за да не се „зарази“ од различно мислење, е осудена на пропаст и тоталитаризам.

Но градоначалникот Максим, како и јас, не се плаши од одмазди. Човек не треба да се плаши кога јасно и гласно го кажува своето мислење, залагајќи се ВИСТИНАТА да се погледне од повеќе страни, зашто вистината има повеќе лица, полиперспективна е. Да не ја погледневме Земјата од височина, и натаму ќе мислевме дека е рамна плоча. (Тоа, поправо, се насети уште на Земјата, преку дурбин, во кој бродот се покажува најпрвин со јарболот, па потоа цел, од што се заклучи дека Земјата е сферична). Се разбира дека спротивните мислења од памтивек се прогласуваат за еретички од „стадото“ (крдото) копитари, кои можат и да те изгазат. Таков беше ставот на Максим, кој во промената на името, за разлика од мнозинството негови сопартијци, виде, како и јас, опасност за ерозија на македонскиот идентитет. Удираа по нас сметајќи нѐ за параноици, но пред некој ден дочекав угледно светско списание во белешката под мојот текст да сака да напише дека сум „северномакедонски“ писател, што јас го спречив. Во спорот со Бугарија, градоначалникот јасно кажа дека окупаторот не може да биде „ослободител“, особено не на Куманово, кое во Втората светска војна стекна митски статус на револуционерен град-херој. Во екот на пандемијата, на Максим му се зеде за зло тоа што без пардон се грижеше за здравјето на своите сограѓани, па му беше префрлано дека наводно непослушно се однесува кон техничката влада, која пак, според него, имаше двојни стандарди кон општините околу карантинот. Го критикуваше и погрешниот потег за финансирање на проектите од страна на фондот за иновации, на луѓе блиски до неговата партија. Според „стадото“, тоа морал тоа да го каже внатре, а не вон партијата. Дали е тоа погрешно? Па, кому да му каже „внатре“, кога внатре се тие кои и грешат и се одмаздуваат? Сето тоа беше доволно, во случајот Максим, неспособните да се обединат, за да пробаат, според вековниот рецепт – да ги елиминираат успешните и, нормално, по балкански тертип – да им определат казна. Го искусив Максимовото и врз своја кожа. Од доаѓањето на СДСМ на власт, поради мои различни ставови, стопиран ми е еден филм пред прва клапа и одбиени ми се (како на најнаградуван драмски писател во Македонија) ТРИ драмски текстови. Само слабоумник не би сфатил дека некое нереализирано уметниче на висока позиција ме ставило на личната црна листа. И тука сме слични со Максим. Веруваме дека не можат тие душички да урнат толку колку што ние можеме да изградиме.

Максим досега беше максимум „за Куманово“: кон сите отворен, без разлика на националност и конфесија. Направи многу за тој град, иако многумина минираа и уриваа. Прашајте ги граѓаните; впрочем тие и ќе се изјаснуваат. А за детални реализирани проекти, особено од инфраструктурата и стопанството, неговиот кабинет сигурно има импресивен отчет. Јас овде само укажувам дека ние и годинава ја одржавме, во пандемиски услови (онлајн), традиционалната кумановска школа за креативно пишување „Кумановско тинејџ перо“. Максим ја поддржа школата без збор, како и кога работевме во живо, пред пандемијата, иако буџетот му беше повеќе од скромен. Таков гест во немаштија може да направи само голем човек, свесен за духовните вредности наспроти материјалните.
Затоа, со некое студенило во душата ги чекам локалните избори. Не дека Максим мора да остане градоначалник по секоја цена, не дека нема други квалитетни кандидати. Но стравувам дека и нему ќе му се одмаздат поради „непослушноста“ кон крдото. Само да не победи ситнопартиската одмазда, која има исклучиво паланечки карактер: да се убие способниот зашто е фенер кој ги осветлува неспособните.

Затоа, ако Максим не добие поддршка од своите во партијата, тоа за мене ќе биде пораз на демократијата. А ако регуларно загуби на гласање од граѓаните – тоа ќе биде чесен пораз. Затоа и ја пишувам колумнава. Ако се замени непослушен (Максим)ум за послушен минимум – одиме назад.
Сакам, како и секогаш, да верувам дека ќе победат рациото и прагматизмот, а ќе се отфрли суетата. Навиките на стадото се менуваат тешко, но стадото е такво каков му е пастирот. Големите водачи се големи зашто учат и од туѓите и од сопствените грешки. Прагматично продолжуваат напред, не дозволувајќи ѝ на тоталитарноста да стане вообичаен начин на политичко однесување, преку нејзиното најчесто лице: одмаздата. Големите водачи знаат дека НЕПРИРОДНО е да мислиме сите исто, зашто тогаш е најекономично еден да мисли за сите. А другите да му се насмевнуваат како оној човек во лифтот на оние двајца. Верувам дека овој пат ќе победи човекот во партијата, а не партијата во човекот.