Македонска пареидолија

Вообичаено е децата да препознаваат форми на лица и животни во облаците. И не само децата. Постои збор за тоа, се вика пареидолија и има грчко потекло. Се преведува „покрај сликата/формата“ и означува тенденција да се перципира специфична, често значајна слика во сосема случајни визуелни примери, како што се облаците.
Верувам, секој понекогаш е „жртва“ на феноменот на пареидолијата – да препознава нешта онаму каде што реално не постојат. Ова се должи на човечкиот мозок, кој е во постојан напор да му даде смисла на она што го гледа во согласност со она што го знае. Да го протолкува светот составен од знаци и да ја комплетира (превентивно) непотполната слика на опкружувањето со дел од своето (и наследено) искуство и знаење.

Вака разбрана, таа е императив на преживувањето – резултат на еволутивниот развој на човековата природа да го препознае она што му е блиско и потребно (како човечкото лице) паралелно со она што е туѓо и опасно (како човековиот предатор). Нешто како систем за рано предупредување и брза реакција со развиени шеми за „декодирање“ на нужноста и опасноста. Знаците се тема и кај поетите: романтичарскиот поет Хелдерлин сугерира дека сè околу нас е исткаено од знаци (од небото), а поетот треба „само“ да ги препознае и преведе во песна.
Во секој случај, пареидолијата е оптичка илузија, особено забавна меѓу децата: „гледаат“ животни меѓу облаците, но и во каменот или дрвото.

Слабее како што ја губиме навиката да гледаме во небото и како што гравитацијата (на животот), го спушта погледот врз (при)земните нешта и појави. Неуморната будност на умот е пасивизирана во деталната демаркација на урбаните знаци на редот, поредокот и брендовите. Само понекогаш ќе чуеме (обично во пресрет на соодветните празници) дека е виден ликот на Спасителот во велигденско јајце или бадниково лепче, но повторно како „победа“ на материјата над идејата, на материјалното над духовното, како пример за уште една наивна идолатрија, во служба на трпезата.
И тука се чини завршува пареидолијата, како атавизам на една (по)љубопитна и (по)будна животна доба, кога човекот е истражувач без искуство и знаење, имено – дете.
Но феноменот може да се препознае и во поинакви облаци.

Имено, грчкото потекло пареидолијата го потврди деновиве во Солун, на промоцијата на новите колективни трговски ознаки за производите од грчката област Македонија – буквата М и слоганот „голема Македонија“ во боите на грчкото знаме: препознава нешто што не постои надвор од грчките апетити за името Македонија, како означител и она што со него е означено. Но грчката пареидолија не може да ѝ се припише на наивноста, ниту ознаката и слоганот имаат единствено комерцијални мотиви.
Најпосле, работата не е кој ќе ги „купи“ новобрендираните грчки производи, туку грчката „пареидолија“, поточно алузијата што се „продава“ во пакет со илузијата и тенденцијата покрај сликата/формата да се перципира значајна слика преку навидум комерцијална платформа. Како што предупредува и американскиот филозоф Хенри Торо, работата не е во тоа што гледате, туку во тоа што ќе го видите.

Реалноста на некој бренд е перцепцијата што се создава за него. Очигледно, на креаторите на новите грчки ознаки им е добро познат процесот за создавање сетилен бренд преку поттикнување, проширување и поврзување, како и целите на сетилното брендирање.
Познато им е и кобрендирањето (или здружувањето на два бренда). Доволно е да се прочита бестселерот на Мартин Линдстром „Сетилно брендирање“ за да се разбере сето ова. Но изгледа „заборавиле“ на советот на Линдстром: „Преголемиот акцент врз логото е ризичен… ако од брендот го тргнете логото, што ќе ви остане? …бидејќи брендот е многу повеќе од своето лого. Дали и понатаму ќе ви биде јасно кому му припаѓа тој бренд?“ Сликата, звукот, чувството за допир и текстот имаат еднакво значење како и логото.

Несомнено, пареидолијата им била позната и на уметниците од 20 век, кои не биле задоволни со едноставно прикажување на она што го гледаат очите, туку ја граделе сликата со играта на боите и формите. Еден од водечките надреалисти, Салавадор Дали, ги сликал двојното и оптичката илузија. Во неговите слики формите имаат повеќе значења, а световите на јасното и нејасното се измешани, па лесно нè остава збунети. Но сепак, како што истакнува Ернст Гомбрих: ни дава чувство дека мора да има некоја смисла во ова лудило. Неговата слика „Лебеди што рефлектираат слонови“ е една од најпознатите во надреализмот: три лебеди се рефлектираат во мирната езерска површина. Во одразот, вратовите на лебедите се преобразуваат во сурли, сувите гранки од дрвјата зад нив стануваат нозе, а крилјата – слоновски уши. Со еден збор, лебедите се рефлектираат како слонови. Сликата (за разлика од другите негови слики) е јасна, како и линијата што ги дели, но чудесното е во средбата на световите: оној на лебеди и слонови, на елеганција и сила, на убавина и моќ. Лебедот и слонот симболизираат спротивставени нешта, како што и нивните природни живеалишта не се во допир надвор од сликата на Дали. Па, сепак, средбата е божествена, иако многу детали остануваат недоречени: силуетата на Дали, кој гледа настрана, формата на облаците, чудесната тишина… Боите на сликата се топли, но имате чувство дека е студено во сликата, па и покрај чудесната глетка, посакувате да сте на пристојна далечина.

Во рекламниот грчки спот „пареидолијата“ е студена како и онаа на слоновите во сликата на Дали. Трпезата, лозјето и ораниците се еднакво – студени. Не привлекуваат, барем сетилно (во очите на непознат примател), напротив: тоа е студена покана, а облакот на „пареидолијата“ брзо се распрснува.
Но тоа не е утеха, најмалку наша, кога другиот дел, оној што го доживуваме како реален и свој, оној каде што лебедите се огледуваат во мирната езерска вода, е пуст како и гранките во сликата на Дали. Не е ниту алузија на улицата Максим Горки по сечата на јапонските цреши, освен можеби на неговата драма „На дното“, каде што причината за падот (на дното) е во недостигот од морално јадро. Оттаму (од дното), според Горки, луѓето можат да се кренат само со тоа што ќе научат да се почитуваат себеси. Само тогаш и само така заработена, ќе можат да ја носат гордата титула на човекот. Засега, за нашиот човек (слично силуетата на Дали) се чини полесно да гледа настрана, во сејачите на илузии и во чудна помирувачка тишина, додека облакот што неповратно одминува личи на неговиот пропуштен живот. Но тоа не е пареидолија.
Боите на Македонија се топли, но имате чувство дека студи кога сте внатре во „сликата“. Сè повеќе луѓе посакуваат да се на пристојна далечина одовде. И не само од оние на дното. Можеби, последната надеж е во лебедите што рефлектираат слонови, во сознанието на убавината за сопствената сила. Гомбрих вели: „За да произведе бисер, на школката ѝ треба нешто како зрнце песок или мало парче од нешто, околу кое ќе се формира бисерот. Без вакво цврсто јадро, тој би пораснал во безоблична маса.“

Малку ли се вакви „зрна песок“ во македонските страдања низ историјата? Од нив може да станат само две нешта: бисери или пустина.

Авторот е магистер по мир и развој и поет