Македонија и македонските интереси над сѐ!

Не треба да очекуваме дека Софија ќе го промени своето однесување кон Македонија. Само погледнете го минатото на бугарската држава и сѐ ќе ви биде јасно. Во текот на еден век и кусур, се променија разни бугарски влади, влади од разни провениенции – конзервативни, либерални, фашистички, комунистички, демократски, сѐ така до бесконечност, но секоја бугарска влада се водеше и се води од принципот Бугарија и бугарскиот интерес над сѐ (читај бугарска Македонија)

По средбата со македонскиот премиер, Корнелија Нинова – претседателка на Бугарската социјалистичка партија, истакна дека секогаш го поддржувала пристапувањето на Македонија во Европската Унија, меѓутоа во нејзиното искажувањето имаше и едно големо „но“. Таа не заборави да ги повтори познатите бугарски небулози, дека во Македонија постои говор на омраза кон Бугарија, дека се дискриминираат луѓето со бугарска самосвест, дека ги изобличуваме историските факти и вистина. Ова се познати бугарски тези, кои македонската јавност со години ги слуша, а сега беа повторени од лидерката на бугарските социјалисти. Во македонските политичко-општествени кругови се веруваше дека со Бугарската социјалистичка партија можеме да постигнеме договор, односно дека бугарските социјалистите ќе направат отстапки во однос на Македонија. И повторно, можеби по стоти пат, македонската политичко-општествена елита покажа дека не ги разбира однесувањето и постапките на бугарската држава.

Бугарските политичари без разлика дали доаѓаат од левицата или од десницата имаат јасен став во однос на Македонија. Одговорот на ова прашање го даде токму Корнелија Нинова, која многу едноставно истакна дека ги почитува пријателството и партнерството, „но Бугарија и бугарскиот национален интерес ги ставаме над сѐ.“ Можеме со години да се лажеме дека ќе најдеме личност или политичка групација што би имала пресретливост кон Македонија, меѓутоа нема никогаш да се случи тоа.

Геополитичката поставеност отсекогаш си доаѓала „по своето“, а така „си го стори своето и денес“. На пример, Бугарија во Втората светска војна беше на страната на губитниците и мораше да ги тргне своите хегемонистички фашизоидни инвазивни пипала од регионот, а посебно испружени кон Македонија и Македонците. Всушност бугарската држава напуштајќи ги нацистичките форми и методи, под патронат на сојузниците и победници во Втората светска војна како, и во рамките на воспоставување на демократските принципи и меѓународното право, ги призна македонската нација, македонските особености – јазик, култура и обичаи, го призна македонското малцинство во Бугарија, вклучувајќи ги и историските факти од средновековието пред да се диференцираат нациите, а имено дека браќата Кирил и Методиј се сесловенски просветители, а Самуил е владетел на средновековна држава на територијата на Македонија. Меѓутоа нештата се променија со судирот помеѓу Тито и Сталин, судир што ѝ овозможи на Бугарија да ретерира во однос на македонското прашање. Бугарската држава не се врати веднаш на старите позиции, всушност тоа беше процес што траеше две децении и на крајот на овој процес повторно почнавме да ги слушаме старите тези дека македонскиот народ има бугарски корени, а македонската нација е вештачка творба.

Бугарската „офанзива“ во однос на македонското прашање повторно започна по падот на железната завеса. Бугарската елита ја искористи новата геополитичка клима, се приспособи на новите случувања и со помош на поволните ветришта на новите геостратегиски движења и прекројувања, ја интегрираше бугарската држава во НАТО и во ЕУ.

Не треба да очекуваме дека Софија ќе го промени своето однесување кон Македонија. Само погледнете го минатото на бугарската држава и сѐ ќе ви биде јасно. Во текот на еден век и кусур, се променија разни бугарски влади, влади од разни провениенции – конзервативни, либерални, фашистички, комунистички, демократски, сѐ така до бесконечност, но секоја бугарска влада се водеше и се води од принципот Бугарија и бугарскиот интерес над сѐ (читај бугарска Македонија).

Што можеме да сториме? Не треба многу да му ја мислиме, само погледнете го однесувањето на бугарските политичари. Без разлика од која политичка опција доаѓаат имаат идентичен став за Македонија, со други зборови, прифатија и усвоија бугарска национална декларација од која не отстапуваат. Очигледно е дека македонските политички партии треба да се договорат околу национална декларација што јасно и натпартиски ќе ги оцрта македонските државни и национални маргини. Ова досега не се случи затоа што некој верува дека Софија ќе направи отстапки, но тоа нема да се случи.

На крајот, без разлика дали ќе почнеме или не преговори со Европската Унија, треба да ја видоизмениме Македонија во држава во вистинска смисла на зборот – борба против корупцијата, услови за развој на економијата, владеење на правото и сл. Ова не е условено од преговорите или други процеси, туку зависи од нас како општество. Треба да ги продолжиме преговорите со Бугарија, но секогаш треба да се водиме од принципот – Македонија и македонските интереси над сѐ!