Македонија е недопишан нонпејпер

Во Титова Југославија една навидум суштинска државна одбранбена стратегија беше содржана во фразата „да живееме како сто години да има мир, а да се подготвуваме како уште утре да ќе има војна“. Оваа тогаш популарна парола на крајот се распадна како кула од карти, како што се распадна и државата, за жал, крваво во нејзиниот поголем дел. Преку изнесувањето на ова потсетување може на некој начин да се објаснат реакциите со појавата на мапите што, наводно, ги кроел словенечкиот премиер Јанез Јанша, таканаречениот нонпејпер што ја вжешти политичката клима на Балканот. Го разбрануваа Западен Балкан, но не толку и Македонија во која властите, аналитичарите, новинарите, го портретираа тоа прашање со леснотија, дилетантски, без знаење, без користење искуства од минатото и без минимум согледувања за можните опасности по нашата држава.
Зошто треба да се мисли посериозно за документот што постои и не постои, а сепак постои, кој си е напишан и циркулира низ дипломатските кругови на Европа и на Америка? Најнапред не треба да се запостави фактот дека нонпејперот во дипломатскиот речник е легален неформален документ што се поднесува во рамките на преговарачките процеси, најчесто за да се предизвика реакција или дебата за одредена тема околу која нема согласност.

Нонпејперите не секогаш го рефлектираат официјалниот став на земјата или институцијата што го напишала, но не значи дека нема да го прифатат или спроведат напишаното. Тие се работни документи што немаат никаква официјална важност, но се нешто што не се фрла, туку се разгледува. Без оглед на нивниот скептичен прием на почетокот, во најчести случаи се претходница на идните вистински настани. Тие се првиот удрен бокс преку кој се испипува издржливоста на противникот и во согласност со реакцијата ја одредуваат натамошната тактика.
Таквите „нови книги“, нови дипломатски евангелија, кои за македонската јавност беа непозната политичка литература, својот јавен живот кај нас почнаа да го живеат со првите најави за распадот на Југославија, а подоцна со дооформувањето на уставната, националната, безбедносната и општествена конституција на државата Македонија. Одамна почнатото македонско државотворно дооформување што тече триесет години уште не е завршено, секое поинакво гледање е национално самозалажување и можно загрозување на она што е постигнато досега. Во контекстот, како поткрепа на кажаното, треба да се внимава на следниов факт: во последните триесет години неколку документи што ѝ го сменија лицето на Македонија, на почетокот биле објавувани како нонпејпер, како нешто што е далеку од реалноста, како претстава за која нема театар каде што може да се одигра, а се одиграла. Се мислело дека нема ни актери што би ги одиграле тие улоги, но се покажа дека имало.
Во регистарот на познати нонпејпери поврзани со македонската свежа историја може да се вбројат сите документи за промената на уставното име на Република Македонија, кое, нели, никако не можело да се случи. А се случи, по децениски искушувања низ разни тајни документи, нонпејпери, разменувани со Грција за да се дојде до Илинденска и на крајот до Република Северна Македонија.

Во Министерството за надворешни работи (МНРРСМ) сигурно има една полица наредени фасцикли со нонпејпери за средување на односите со Бугарија. Македонските власти во повеќе наврати мудро говореа дека такво нешто нема, свесни дека има. Дома, на домашен терен, нонпејпер беше платформата на ОНА, подоцна тој непостоен документ стана составен дел на Охридскиот мировен договор, официјална политичка програма на ДУИ, партија што владее во (со) Македонија, нонпејпер што ја направи Македонија бинационална држава. Непостоен, според македонските власти, беше нонпејперот наречен Тиранска платформа, подоцна приклучена како куп одредници во уставните промени, вклучувајќи ја двојазичноста на целата територија на државата. Тоа беа нонпејпери што од Македонија направија поинаква држава и општество, сосема различна од она што некогаш било замислувано од македонските идеолози, револуционери и партизани, луѓе што лееле крв и дале живот за слободна и независна Македонија.
Слична, ако не подрастична слика дава огледалото на овие документи и за приемот на Република Македонија (сега Северна) во Европската Унија. Без потреба од голема елаборација, може да послужат два примера, колку за потсетување. Во мај во 2018 година во јавноста проциркулира нацрт-нонпејпер изработен од Франција и од Холандија во ЕУ, во кој овие две земји се изјаснија против почеток на преговори со Македонија и со Албанија. Дипломатски извори од други земји-членки велеа дека не се изненадени од овој документ, но подоцна сите го прифатија како официјален што трае до ден-денес и никој не знае до кога.
Минатата година на некој состанок во Берлин на високо ниво бил усогласен нонпејпер, со кој требало да се надмине историскиот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија и да ѝ се отвори патот на земјата за почеток на преговори со ЕУ. Главниот компромис е направен во однос на македонскиот јазик, со тоа што на Бугарија ѝ се нуди можноста преку декларација, како анекс на Преговарачката рамка, да соопшти дека под „македонски јазик го подразбира јазикот во согласност со Уставот на Република Северна Македонија“. Но за остатокот од ЕУ, јазикот останува македонски. Македонската страна го прифатила, Бугарите прифатиле, па откажале. Практиката со европските дипломати ни покажува дека и кога им се верува, не треба да им се верува, нивните превртливи ставови направија од Македонија држава што наместо да стои на нозе, стои на глава.

Ако се гледа од ироничната страна на значењето на нонпејперот, тогаш може да се рече дека сето она што во нонпејперот во почетокот е НЕ, подоцна во реалноста станува ДА. Поаѓајќи од таа максима, ниедна сериозна влада на Западен Балкан не го отфрли со лесна рака новиот пробен балон што е пуштен за ново прекројување на балканските граници, вклучувајќи ги и македонските. Како што е познато, во нонпејперот на Јанез Јанша главниот стожер е финализирање на распадот на социјалистичка Југославија, процес, кој, според непостојниот документ, сѐ уште не е завршен, а во неа составен дел беше и Република Македонија. Во поновата европска историја процесот на распаѓање не е завршен само во две бивши социјалистички држави. Тоа се Советскиот Сојуз и СФРЈ, Титова Југославија. Не случајни се настаните во Украина со Крим и Донбас, во Грузија, Ерменија, Нагорно Карабах, Осетија, сите тие се последици од недовршениот распад на некогаш моќната комунистичка империја. На Балканот, оската ја врти Босна и Херцеговина, околу која се заинтересирани и Србија и Хрватска, како и неколку држави, светски велесили. Се разбира дека во тој склоп е и болната точка на Косово, точка што сакале – не сакале одамна е влезена во интерпункцискиот систем на македонското прашање. Јанша е можеби нивна мртва стража, лакмусот што треба да извади на површина која држава каква уста покажува за нови гранични линии на балканските народи.
Што се однесува до Македонија каде што живее мнозинството од македонскиот народ, нејзините граници биле сигурни само во времето на Титова Југославија. Пред тоа, низ вековите, биле цртани и прецртувани, а апетитите за одгризување на нејзин територијален дел и натаму се големи.

Блиската историја ни покажува дека тие се исцртувани на Берлинскиот конгрес во 19 век, со Букурешкиот договор во 1913, во Првата и Втората светска војна, времиња кога Македонија била делена меѓу Бугарија, Грција, Србија, Албанија. Картите за голема Албанија, од Лојане до Струга, за голема Бугарија од Црно Море до Охрид, дури и за голема Србија до Гевгелија, сѐ уште се распослани на некои стратегиски маси. Денес единствено, за век и веков, решени се границите по кои е извршена поделбата на географската територија на Македонија. Со нив засекогаш е завршено прашањето за обединета Македонија, недосонуваниот сон на дел Македонци што се залагале за такво единство, наспроти интересите на големите сили.
На крајот од текстот би сакал да укажам на уште едно предупредување, не како заплашување, туку како на ноторен факт. Нонпејперот за промена на границите на Балканот му се припишува на Јанез Јанша, иако во меѓувреме се појавија други теории за други автори и коавтори.

Самото замешателство укажува дека документот постои и дека предизвикува сериозно внимание, а во некои држави сериозна загриженост. Појавата на Јанша со ваков документ не може да не предизвика заинтересираност зашто Јанша е оној што почна да ги пука првите бомби за распаѓање на Југославија. Ако тогаш, како на безначаен ситен офицер и младински раководител му беше дадена голема улога за распадот, зошто денес, истите служби што го користеа тогаш да не го искористат и сега како премиер на сериозна држава. Зошто и сега да не биде една од главните фигури тој почнат распад дефинитивно да заврши со корекции во согласност со моќта и распоредот на силите меѓу кројачите на светските граници. Во Македонија триесет години се живее во мир, но војната околу неа и за неа никогаш не престанале. И самата, внатре, живее во војна за самобитноста, за јазикот, за црквата, за териториите исцртани и во картите на околните држави.

[email protected]