Кој ќе се јунак одбере, чумата да jа пропади?

Во минатото, кога „нашиот народ“ се наоѓаше во очајна положба, низ сите краишта на „нашата“ татковина можеше да се слушне песната „Црна се чума зададе“, во која се вели: „Црна се чума зададе там долу Демир Капија, там жална Македонија. Кој ќе се јунак одбере, чумата да ја пропади. Избрал се Делчев, Гоце војвода, он ојде в Македонија, чумата да ја пропади од жална Македонија…“.
Многу генерации, вклучувајќи ја и нашата, се соочиле со чумата, во онаа смисла како што Албер Ками ја разбираше и ја именуваше како апсурд. Ками велеше дека разгледувањето на оваа апсурдност не треба да нѐ носи кон очај, туку кон правилно разбирање и почеток на нов начин на размислување и перспектива на нештата. За кратко да ја оставиме чумата и да го разгледаме прашањето на денот – почетокот на преговорите на „нашата“ држава со Европската Унија.
Еден подолг период, со фанфари и тапани, се најавува доаѓањето на Габриел Ескобар, американски дипломат за европски и евроазиски работи. Многумина веруваат дека Ескобар има волшебен жезол и веднаш кога ќе пристигне, ќе исчезне бугарското вето, кое ни го попречува патот кон Европа.
Можеби има вистина во ова, доколку се земат предвид последните случувања низ Балканот. Политичките лидери на босанските Срби, вклучувајќи го и Милорад Додик, најавуваа референдум за отцепување на Република Српска од Босна. И што се случи? Ескобар пристигна во Босна и најави санкции за сите што го нарушуваат Дејтонскиот договор. Веднаш потоа Додик изјави дека Република Српска нема план за отцепување и дека е посветена на политиката на мир.

Неколку недели подоцна, Ескобар ја посети Црна Гора и имаше средба со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ. На средбите со црногорските лидери, меѓу другото, Ескобар изјави дека: „САД се загрижени за вкоренетата корупцијата во Црна Гора.“ И што се случи потоа? Шест дена подоцна црногорското Специјално државно обвинителство (СДО) поведе истрага за наводни врски на Ѓукановиќ со италијанската криминална организација „Коза ностра“. Кога медиумите разбраа за истрагата, од Кабинетот на Ѓукановиќ информираа дека тој „се радува на ефикасното постапување на обвинителството и дека ќе се јави на повик на кој било државен орган“.
Габриел Ескобар навистина како да има волшебен жезол, во спротивно немаше да ги слушнеме мировните пораки од Бања Лука или истрагите за корупција во Црна Гора. Но дали навистина Ескобар ќе ни го отвори патот кон Европа? За жал, одговорот е негативен. Високиот американски дипломатски претставник во Скопје ќе побара од „нашите“ политички лидери почитување на Охридскиот и Преспанскиот договор, впрочем Вашингтон одамна го посочи тоа. Секако дека ќе се споменат борбата против корупцијата, реформите во судството и владеењето на правото, но Ескобар пред сѐ доаѓа поради Преспанскиот договор. Најверојатно Ескобар исто така ќе побара „нашата“ страна да биде кооперативна за да се најде решение за наметнатиот проблем со Бугарија. Со други зборови, сами ќе треба да го решиме проблемот.

Доколку се земе предвид постојната политичко-општествена поставеност во Бугарија, ветото нема да биде отстрането. За да се случи тоа, ќе треба да направиме национална капитулација и да изјавиме дека Македонците се вештачка нација што е создадена од Коминтерната и Тито.
Како се доведовме во оваа ситуација? Одговорот е едноставен. Немаме институции и затоа немаме држава во вистинската смисла на зборот. Во медиумите можевме да прочитаме за еколошката катастрофа на Скопска Црна Гора кога некој истурил катран во шумата. Каков апсурд! Во секоја нормална држава каде што постојат институции во вистинската смисла на зборот, катранот се складира на соодветна локација. Затоа нема да станеме членка на Европската Унија.
Да се навратиме на чумата. Секоја генерација се соочува со чумата, во минатото тоа беше ропството, а во денешнината тоа се корупцијата и клиентелизмот, кои ги разурнуваат институциите и го кочат нашиот напредок. Затоа треба да се најде јунак што ќе ја пропади чумата од жална Македонија. Но, за жал, нема таков јунак, по сѐ изгледа ќе треба да почекаме…