Копнежот на безимениот

Ако патувате во Рим, меѓу стандардните дестинации на туристичките водичи, секако, е Колосеумот – едно од новите седум светски чуда (на модерниот свет), а наедно и најграндиозниот амфитеатар во светот.

Кога пред многу години го посетив Рим, Колосеумот беше затворен за посетители поради реновирање и не беше дозволен влез. На прашањето до нашиот водич за погледот (од)внатре, добив (на мое големо чудење), „темелен“ одговор дека таму нема што да се види, освен куп камења…

За жал, нашиот водич ја немаше дарбата на Натали (од истоимената песна на Жилбер Беко во изведба и на Ѓорѓе Марјановиќ), да ја „оживее“ сцената од „купот камења“ за туристите, како некогаш пред илјадната спектаторска публика (во песната оживува Црвениот плоштад на Москва, а овде – утробата на Флавиевиот амфитеатар, со гладијаторските борби меѓу робови и робови, и меѓу робови и ѕверови…)
Но можеби подобро е така. Кому најпосле, му се потребни ревизии на уште едно с(о)вршено страдање на безимените по умисла на најбогатите, а за утеха на најбедните во една империја?

Веднаш до Колосеумот, некогаш се кревал високо до небото (поточно триесетина метри над земјата) „Колосот на Нерон“ или статуата на Нерон, по чие име чудото ќе го добие името. Овој пат, таму стоеја темнокожите печалбари од згаснатиот римски сјај.
За време на империјалниот зенит, Колосот ќе се обоготворува и буквално ќе ја менува главата според вкусот и суетноста на императорите, но веројатно малку ќе поживее со пророчките стихови на еден англиски монах од седмиот век: „Сè додека Колосот стои, ќе стои и Рим, штом Колосот падне, ќе падне и Рим, а штом Рим падне, ќе падне и светот.“

Денес, од „Колосот на Нерон“ останале само неколку блока од основата на мермерниот пиедестал, или, што би рекол нашиот водач – само обични камења. Некогашниот Колосеум (подарок од императорите за народот), полн со лелекања, ужас и смеа, е предаден на тишина и љубопитен шепот на туристите. Пророштвото на монахот е делумно остварено: старата империја ја нема, но империјализмот сè уште стои исправен на колонизаторски пиедестал и во истиот суетен устрем да ја достигне небесната превласт.

Империјалистичките реплики, како и „Колосот на Нерон“ – ја смениле само главата, но не и карактерот. И денес (како и тогаш), полесно се менува главата, одошто карактерот.

Северозападно од овде, една друга статуа со седумкрака круна (подарок за друг народ), слично стреми кон сонцето, преку седумте континенти и мориња. Значително подобро облечена, помирољубива и просветлувачка (барем според замислата на својот творец Бартолди) ќе ве „пречека“ на влезот од релативно новата (американска) империја, која одвнатре сè повеќе заличува на старата римска арена, само многу побројна.

Илјадната публика е заменета со милионска, како и бедата (од двете страни на арената), но девизата „леб и игри“ (во оригинал: леб и циркуси – панем ет цирценсес, критично дијагностицирана од римскиот поет Јувенал) сè уште е свежо сервирана.
Светот е сè уште погодна сцена за сатирата на поетот и тоне во општата негрижа за јавното добро и роденото право, додека ефтината (и брза) храна и (политички) циркуси го олеснуваат фатот на уздите на моќта и јавањето со широките маси.
Денес светот е еден Колосеум: „гладијаторската“ борба започната низ светот по умисла на империјата, завршува внатре, во нејзиниот двоен театар. Кога светот е Колосеум, отворите за брз излез (и влез) во него, стануваат бесмислени и бесцелни. Нема каде да се бега од циркусот и бедата. Станува заедничка и општа. Локална и светска.

Околу добро покриената статуа на Слободата, се исправа како од мајка родена нејзината неслободна душа. Тоа разголување нема ништо просветлувачко, ниту убаво на себе. Вознемирува и плаши. Скршените синџири на кои Слободата гази, се креваат одново да го преоблечат светот, на еден поинаков, навидум – понежен начин. Дотолку посуров.

Новата Слобода предолго гази на своите трупови, а студот во сенката на згаснатиот факел носи тревога дека крвта од сликата на Делакроа (каде што Слободата го (пред)води народот) прекумерно се исушила… Но каде е Македонија во сиот тој(овој) Колосеум?

Претежно во дабова сенка. Посреќните – во оревов лад. Само во сенката на безимениот востаник на Мечкин Камен има сè помалку обезимени „несреќници“.
„Рецептот“ на римскиот поет што ги разоткрива себичноста на владеаните и алчноста на владејачите, се пече наместо да се лечи. Од чадот на скарата не се гледа чадот на слободата што гасне, а од политичките циркуси не се гледа трагедијата на сцената.
Денешните потомци на илинденците и асномците се разделуваат со своите тешко стекнати национални идеали и човечки слободи вознемирувачки спокојно, додека елитните избраници брзаа(т) да ја напуштат илинденската сцена, небаре „уплашени“ од каменот на совеста збигорен во рацете на безимениот востаник на Мечкин Камен.
Само копнежот на каменот високо кренат над неговата глава е жив како копнеж. А „таму каде што има копнеж, има човек“ – пишува еден професор (Венко Андоновски) во прекрасен текст на темата „Каменот и копнежот“. Па така, „каменот и копнежот“ стануваат тема „каменот и човекот“.

Каменот „помни“, подолго од хартијата и секако многу подолго од човекот. Во каменот човекот врежува(л) знаци за своите потомци. Сведочел наместо нив, на оние по нив, за оние пред нив, ненаметливо и тивко, а остро. Ја помни куќата и тврдината чие градиво бил. Ги помни лелеците, плачот и смеата на луѓето што во неа пребивале, се раѓале и умирале. Во кренатиот камен над востаникот, вајарот Димо Тодоровски го врежал пркосот на послабиот наспроти посилниот, на малиот спроти големиот. Во пукнатината на таа карпа го засадил семето на надежта за човечкото ослободување, за крајот на борбата на робот против роб и на робот против ѕвер, постара од борбата на Давид спроти Голијат…

За неговото „сеќавање“ ја прашував нашата „Натали“ во Рим. За ужасите што ги помни „купот камења“ во Колосеумот, за рамнодушноста на владеаните и изопаченоста на владејачите (ако „каменот говори, подеднакво колку и човекот, колку и копнежот“, како што вели професорот).

Сепак, каменот оживува (како во песната на Жилбер Беко) не поради раскажувачките дарби на нашата водилка, туку поради љубовта во човекот. Таа му дава сила да се крене кон небесното. Треба да се копнежи, со сето свое битие и дејство.
Арената во Рим, чиј под е отстранет, открива комплексен подземен систем, кој вклучува разни механизми и справи за игрите, како и коридори за транзит на гладијаторите и дивите ѕверови.

Којзнае, какви механизми и игри крие подземјето на нашиот мал „колосеум“ и какви коридори за транзит на новите безимени робови и ѕверови…
Можеби тоа го знае каменот на безимениот востаник (иако од бронза), зашто на овој Илинден „најгласен“ беше неговиот копнеж за слобода. А таму каде што има копнеж, има и човек. И надеж за негово ослободување.