Книгите треба да нѐ потсетуваат какви магариња и будали сме

Ниедна комисија нема да може да ги реши спорните содржини во учебниците, затоа што споменатите теми се такви што не можат да бидат решени ниту од најголемите светски умови во науката. Што сакаме да кажеме? За светската наука, потеклото на Албанците и нивниот јазик се енигма

Во далечната 1953 година, американскиот автор Реј Бредбери го објави легендарниот роман „Фаренхајт 451“, во кој се опишува едно дистописко општество. Во овој замислен свет книгите се забранети, а единствениот извор на каква било информација е телевизијата. Книгите се забранети затоа што владата одлучила дека тие се непријател на човекот, односно како последица на информациите во книгите се јавуваат различни мислења за одредени теми што предизвикуваат противречност кај луѓето. За да се спречи читањето книги, државата создава специјална единица, која по надворешниот изглед потсетува на денешните пожарникари, а нивната основна задача е да ги запленат и запалат сите книги и притоа уништувањето на книгите секогаш да е јавно.
Колку и да звучи чудно, сите ние како општество бевме сведоци на настан што многу потсетува на случувањата опишани во „Фаренхајт 451“. Во 2021 година, пред Министерството за образовани и наука во Скопје беше одржана прес-конференција во текот на која делови од учебникот по географија за втора година во средното образование беа оценети како „фашистичка невистина“. Притоа неколку страници од учебникот беа запалени пред камерите и учесниците изјавија дека го почитуваат учебникот како учебник и не сакаат да го оштетат цел.
Каков апсурд! Се почитувал учебникот како учебник и не сакаат да го оштетат цел, само оние делови што ним им пречат. Каква бесмислица! Само замислете, учесниците велат дека учебникот по географија имал „фашистичка невистина“, притоа забораваат дека кога палат дел од учебникот, настапуваат идентично како и нацистите во Третиот рајх, кои масовно ги палеа книгите на улиците и плоштадите низ Германија. Учесниците во овој настан заборават дека секоја книга или учебник е светиња, без разлика дали се согласуваме или не со неговата содржина.

Дури и најлошите книги низ страниците кријат нешто ново за секого. Нови култури, поуки од туѓи грешки, проникнување во човековата психа, надградба на знаењето, кое никој не смее да ни го одземе, и сѐ така да бесконечност.
Набргу потоа медиумите објавија дека во учебникот по географија има неколку спорни нешта. Имено, во учебникот било напишано дека: „Меѓу денешните македонски Албанци има и родови што себеси се сметаат за староседелци. Главно, тоа е македонско население, кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род што потекнува од некогашните Турци, Роми и Черкези.“ Исто така дознавме дека спорно било и искажувањето за „окупаторска Албанија на западна Македонија“ или дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Конкретно, спорна била содржината дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови.“
По неколку дена беше одржана средба помеѓу вицепремиерот Артан Груби, министерката за образовани и наука Мила Царовска и пратеникот Арбен Адеми, на која беше договорено да се прегледаат и исправат сите неправилности во учебниците за основно и средно образование, започнувајќи од учебникот по географија за втора година средно образование, во кои некои од содржините ја навредиле албанската заедница во Македонија. Конкретно, во соопштението на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците беше наведено дека во случајот со учебникот по географија ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници, кој наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ги навредуваат историја, културата и вредностите на сите граѓани на Македонија.

Дополнително, Артан Груби информира дека во наредниот период ќе бидат прегледани сите учебници за да им се стави крај на овие појави, соодветно на недоследностите во учебниците.
Но кои се недоследностите во учебниците? Одговорот е едноставен. Ако се направи анализа на спорната содржина, може да се заклучи дека најголемиот проблем се искажувањата дека македонските Албанци не се староседелско население во Македонија, тоа е суштината на проблемот, да не се лажеме. Потребни се дополнителна анализа и промени во учебниците за основното и средното образование, но тоа не значи дека треба целосно да се избришат спорните содржини, затоа што станува збор за искажување на одредени историски видувања и тези.
Ниедна комисија нема да може да ги реши „спорните содржини во учебниците“ затоа што споменатите теми се такви што не можат да бидат решени ниту од најголемите светски умови во науката. Што сакаме да кажеме? За светската наука, потеклото на Албанците и нивниот јазик се енигма. Албанскиот јазик припаѓа во фамилијата на индоевропските јазици, но тој е посебен разгранок на индоевропското јазично семејство. Со други зборови, научниците знаат дека албанскиот јазик е индоевропски, но нема други индоевропски јазици што се слични на него, како што македонскиот, бугарскиот или српскиот јазик имаат сличности и се вбројуваат во јужнословенските јазици.

Од друга страна, албанскиот јазик за првпат се споменува во документ од 1284 година, во кој се вели: „Слушнав глас како извикува на планината на албански јазик.“ Исто така во еден извор од 1308 година се вели дека: „Албанците имаат јазик различен од јазиците на Латините, Грците и Словените, така што тие воопшто не се разбираат.“
Каде е тогаш „кваката“? Бидејќи не постојат историски извори, не може да се проследи континуитетот на Албанците низ историјата. Доколку тврдиме дека денешните Албанци се потомци на Старите Илири или Дарданци, треба да направиме јазична споредба помеѓу староилирскиот и албанскиот јазик, но тоа е невозможно, бидејќи староилирскиот јазик не е зачуван во пишана форма, а албанскиот јазик за првпат се споменува во 1284 година. Постојат повеќе спротивни теории за потеклото на Албанците, дека тие се стар балкански народ што потекнува од Илирите, дека Византиската или Османлиската Империја ги населуваат со намера да ги зацврстат своите позиции на Балканскиот Полуостров и сл. Треба да нагласиме дека постои одредена согласност во науката дека Албанците, етнички и јазично, потекнуваат од една или мешавина на стари балкански народи, но кои специфични народи се предмет на постојана научна дебата. Научната светска јавност ја продолжува својата полемика за потеклото на Албанците, но дебатата може да продолжи бесконечно, бидејќи не постојат докази за потврдување на различните тези.

Каде е излезот од состојбата? Учебниците за основното и средното образование треба да бидат пишувани без предрасуди, прикажувајќи ги праведно сите тези. Со други зборови, не треба да има бришење на спорните содржини во учебниците, потребно е преформулирање на одредени искажувања и дополнување во смисла дека постојат повеќе теории за Албанците и нивното присуство на територијата на Македонија и Балканскиот Полуостров во определено историско време. Доколку ја избришеме содржината дека Албанците масовно се доселиле во текот на османлискиот период, се впуштаме во цензура. Во историската наука нема апсолутна вистина и науката вели дека Албанците се проблем во историската наука и дека не постои согласност за нивното потекло. Ова треба да им се објасни на учениците во основното и средното образование, секое друго решение ќе биде политизирање на образованието и цензура на образовните содржини.
Да завршиме со извадок од романот „Фаренхајт 451“: „Книгите треба да нѐ потсетуваат какви магариња и будали сме.“