Картагина треба да биде разурната! (Carthago delenda est)

На прашањето како гледате од денешна перспектива на падот на Катица Јанева, Димитар Апасиев лаконски искажа една филозофија, која малкумина ја разбраа:
„Другпат, со шестици просек да не ставаат обвинител“

Во 152 година пред нашата ера, Катон Постариот (познат и како Катон Цензорот) ја посетил Карагина како член на римската делегација, која требало да посредува помеѓу Масиниса (кралот на Нумидија) и картагинската држава. Катон, кој бил ветеран во Втората пунска војна и се сеќавал на стравотниот поход на Ханибал Барка во Италија, се вџашил од богатството на Картагина и од возродувањето на нејзината моќ. Тој ја препознал егзистенцијална закана за римската држава и по враќањето во Рим, постојано барал од сенатот да ја уништи Картагина, завршувајќи ги сите свои говори со зборовите: „Ceterum autem censeo Carthaginem esse delendam“ („Впрочем, мислам дека Картагина треба да биде разурната“), дури и кога сенатот дебатирал за други прашања. И покрај негодувањата на сенаторите, Катон победил. Картагина го нападнала кралот Масиниса и го прекршила договорот од 201 година пред нашата ера, следствено Римската Република била принудена да ѝ објави војна на картагинската држава. Во 146 година пред нашата ера, римските легии целосно ја разурнале Картагина и нејзината територија станала римска провинција.

Накратко да го оставиме Катон Цензорот и да се соочиме со нашата егзистенцијална закана. На прашањето како гледате од денешна перспектива на падот на Катица Јанева, Димитар Апасиев лаконски искажа една филозофија, која малкумина ја разбраа: „Другпат, со шестици просек да не ставаат обвинител.“
Ќе се обидеме да ја објасниме суштината на оваа филозофија. Во 1984 година, Томазо Бушета, една од клучните личности во криминалната организација Коза ностра, беше екстрадиран во Италија. Но на првото испитување Бушета одбил да одговара на прашањата, велејќи дека ќе говори само со судија од Палермо. Набргу кај притвореникот пристигнал веќе легендарниот судија Џовани Фалконе и нивната средба се покажала како почеток на крајот на сицилијанската мафија. Со намера да ја објасни внатрешната содржина на мафијата, Бушета го поставил прашањето: „Што е Коза ностра?“ Одговарајќи: „Треба да се избере судија. Се пријавуваат тројца кандидати. Првиот е интелигентен и ги поседува сите квалитети, вториот има пријатели на високи позиции, а третиот е неспособен. Што мислите кој е назначен? Многумина, можеби ќе претпостават дека за судија бил именувам оној што имал пријатели на високи позиции во општеството, но одговорот е (не)очигледен – неспособниот“.

Со овој пристап Коза ностра ги подривала државните институции и тука лежела нејзината моќ. Откако судството се нашло во нејзини раце, таа се инфилтрирала во политичкиот свет и започнала да го контролирала секој јавен проект. Честопати локалните властите за да ѝ угодат објавувале тендери за проекти, од кои државата немала потреба. На овој начин се празнеле европските и државните финансиски фондови, создавајќи апсурдна ситуација – автопатишта што не водат никаде, брани без вода, пристаништа без бродови, уништени градови и итн. Но тука не завршувала апсурдноста. На последната средба, Бушета го предупредил Фалконе дека италијанската држава не е сериозна во борбата со Коза ностра. Велејќи: „Запрашај се себеси, како може Салваторе Рина (главата на мафијата) да живее во центарот на Палермо во текот на дваесеттите години, да се ожени, да има деца и никогаш да не биде уапсен.“ Томазо Бушета искажал и друга голема вистина: „Кога државата ќе го уапси Салваторе Рина, тогаш ќе започне вистинската војна против мафијата.“

Да се навратиме на Катон. Со денови, недели, месеци или години можеме да расправаме за Европската Унија, НАТО, името на државата, историските прашања, кој ќе ја формира новата влада, Албанец премиер, двојазичноста, моралноста или неморалноста на јавните функционери, новите диносауруси во зоолошката градина и итн. до бесконечност. Но овие теми немаат есенција. Мора да ја препознаеме егзистенцијалната закана и да се бориме против неа. Без разлика дали некому ќе му се допадне или не, ние живееме во пропадната држава – нефункционални институции, корупција, клиентелизам и така повторно до бесконечност. Како општество мора да се соочиме со оваа вистината и да ја прифатиме реалноста, бидејќи нашето освестување може да биде првиот чекор во градењето на Македонија како држава во вистинска смисла на зборот, држава што ќе може да се соочи со сите предизвици и закани.
Затоа, слично како Катон, нашето општеството треба постојано да говори: „Впрочем, мислам дека пропадната држава треба да исчезне!!!“, дури и кога дебатите се водат за други прашања.