Каде е насмевката зад маската што ја носиме?

Во ова време невреме на пандемијата што го зафати целиот свет, принудени сме да носиме маски насекаде, а со единствена цел – некако да се заштитиме од вирусот што владее околу нас. Така, маските станаа мандаторни за барем малку да се намали ширењето на САРС-КоВ-2. Луѓето ставаат една маска кога се возат со автобус или со друг превоз, друга кога одат во снабдување, а трета кога мора да го посетат својот матичен доктор. Колку ваквата практика го менува начинот на базична комуникација? Дали покриеното лице ја нарушува социјалната интеракција?
Одговори на ваквите прашања дава Урсула Хес од Хумболтовиот универзитет во Берлин, чија основна истражувачка тема се емоциите и фацијалната експресија, а објавени се во најновиот труд во едно врвно списание за невронаука.
Ако коректно ја носите својата маска, тогаш ги покривате носот и устата, така што половина од вашето лице станува непрепознатливо. Како дејствува тоа на перцепцијата на оној што ве гледа?

Дали лицето со маска предизвикува позитивни или негативни впечатоци зависи главно од она што мислите вие за носењето маска. Ако сметате дека маската не е некаква протективна мерка, тогаш оној што ја носи може да ви изгледа лековерно, ако не и по малку налудничаво. Од друга страна, ако навистина сте посветени на носењето маска, тогаш најверојатно ќе имате симпатија спрема оној што ја носи.
Познато е дека насмевката вообичаено ни помага кога постои мала социјална тензија. Препознавањето на насмевката, сепак, е потешко кога устата ви е покриена.
Меѓутоа, тоа не е сосема точно. Имено, во горенаведената најнова студија од јуни 2020, се укажува дека емоционалната експресија може да се распознае и тогаш кога устата и носот се покриени. Вистинската насмевка не значи само придвижување на устата. Лицевите мускули (зигоматични и орбикуларни) исто така се контрахираат кога се насмевнуваме. Затоа, освен усните, се придвижуваат и рабовите на нашите очи и тоа е сосема доволно за да ги препознаеме чувствата на нашиот соговорник.

Но, сепак, може да настане извесна конфузија со некои емоции. На пример, со стравот и изненадувањето, кај кои очите вообичаено се отвораат ширум, паралелно со отворањето на устата. Стравот го изразуваме со ширум отворена уста, а исто така и кога сме многу изненадени. Кога носот и устата се покриени, не можеме точно да ги диференцираме овие гестови и соодветно емоциите што се искажуваат преку нив.
Фактот дека препознаваме дури и минимални ментални состојби, како на пример кога сме замислени, преку менување на експресијата околу очите, е објаснет во еден тест развиен од психологот Симон Барон Коен. Токму овој тест се користи за дијагностика на аутистичен спектрум на растројства. Луѓето со аутизам тешко изразуваат емпатија спрема другите луѓе и избегнуваат контакт со очите, па затоа во тестот се бара да се гледа во слика што прикажува разни ареи околу очите и испитаникот треба да ги опише емоциите што се изразени на таквите слики. Оние што немаат аутизам сосема коректно го изведуваат тестот, но затоа аутистичните ја немаат таа способност.

Во студијата што ја анализираме денес е покажано дека не е неопходно да се гледа устата за да се препознае емоцијата кај нашиот соговорник. Ова се случува секојдневно, во продавница кога купуваме и плаќаме на касата, кога сме во пекарница и купуваме леб, или на улица: луѓето ги сретнуваме и доживуваме како целосни тела, а не како поединечни делови (очи, уста…). Така, кога некој е тажен, лут или среќен, тоа се изразува преку лицевата експресија, но и на начинот како оди, како зборува. Затоа, можеме „да слушнеме“ дали некој ни се насмевнува дури и кога тој изгледа сосема сериозно.
Според тоа, дали насмевката е нешто како звук? Може да ја опишеме како „светол звук“, затоа што промената во образецот на устата го модулира и гласот. Сериозниот изглед, од друга страна, прави звукот да ни изгледа „потемен“ (мрачен).
Ова во науката се означува како социјална мимикрија. Тоа значи дека луѓето вообичаено имаат тенденција да го имитираат однесувањето на другите, преку активирање на невроните огледала во мозокот.

Ако некој нѐ гледа во нозете или ја става брадата во рацете, тогаш и другото лице го прави истото тоа. Ваквото однесување како во огледало еден кон друг ја прави интеракцијата попозитивна и дозволува поголема блискост на еден со друг. Тоа значи, дури и кога носот и устата се покриени, ние ја откриваме насмевката кај соговорникот и, последователно, ја имитираме преку активирање на невроните огледала.
Сепак, маските што сега ги носиме задолжително не даваат добра импресија. Еден тим во Хонгконг ги студирал ефектите на маските во односот лекар -пациент. Оние пациенти што носеле маски ги процениле докторите за помалку емпатични. Во други студии, оние што носеле маски биле проценувани како „постудени“. Но ако некој носел марама, тогаш се перципирал како „топол“. Тоа се објаснува донекаде со фактот што маската е симбол на лекар/хирург, кој носи маска за време на операција, и тие тогаш се неемоционални, строги, недостапни.

Како дејствуваат маските на децата? Познато е дека малите деца не ги распознаваат добро емоциите како што тоа го прават возрасните. Децата од основно училиште, главно, стануваат способни да ги распознаат емоциите слично како возрасните. За малите деца (кои штотуку прооделе), знаците на телото и лицето се нешто помалку фамилијарно и затоа може да биде стресно. Многу бебиња плачат кога првпат ќе видат забулено лице. Ако носот, брадата и устата се покриени, тогаш тоа предизвикува страв за бебето.
Што треба да прават родителите?
Тие треба да ги фамилијаризираат децата со маската преку игра, накратко да ставаат маска, па да ја вадат, и тоа да се повторува повеќепати. Малите деца учат брзо и ќе се навикнат на новата ситуација.
Оваа ситуација со носењето маски е многу потешка за оние што имаат проблеми со слухот. Тие се врзани со читање преку движење на усните, па оваа нова ситуација со маските е голем предизвик. Затоа, има понова иницијатива да се произведуваат проѕирни маски. Дали тоа ќе успее, ќе видиме…

На крајот, дали можеме да ја подобриме социјалната интеракција и со маските што ни се задолжителна облека? Секако, одговорот е ДА, ако маските ги користиме како знак за солидарност. Ако покриеното лице го прифатиме како израз на солидарност, грижа за другите, тоа може да нѐ спои сите заедно. Оваа реакција ќе креира смисла за заедништво и можеби ќе ни придонесе за чувство на добросостојба за сите во овие тешки ситуации, кои некој ги доживува единствено како губиток. Затоа, носете маски за да се заштитите себеси и вашите блиски и да овозможите побрзо надминување на оваа здравствена криза.