Индиго револуции

Приказната за „обоените“ е позната и не помалку контроверзна, како и тезата според која обоените револуции претставуваат инструмент на САД во остварувањето на своите национални и геостратегиски интереси со т.н. извоз на демократија во земјите на случување на обоените револуции

„Фино богами што дојде вечерва овој споулавен, овој разулавен, овој за пакости роден ветер – рацете, што ги нема, да му процутат“, ми текнува на стиховите од песната на Гане – „Вечер, разбушавена од ветрот“.

Недела е доцна попладне, чиниш ветрот излегол од песната: попладнето е богато со бои (не е како таму), но некаква сивотија уште е декор на денот овде, како меѓу ѕидови на стара болница, од која никако да нè распуштат. Само не знам од што сме поболни: од ковид или од својот вид, од премалку емпатија или премногу апатија… Сивилото навасува, а доцна е за виножито: небото добива индиго боја.
Се смета дека Исак Њутн е првиот што го разбрал виножитото: открил дека светлината се распрснува во бои кога се пропушта низ призма, инаку видливи за човечкото око единствено на сонце по дожд.

Славниот научник идентификувал седум бои на спектарот: црвена, портокалова, жолта, зелена, сина, индиго и виолетова. Познато е дека пресудно влијание за „пописот“ на седум бои имало уверувањето на научникот дека боите на виножитото се аналогни на нотите во музичката скала (модерната поделба го исклучува индигото од основниот спектар).

Со други зборови, Њутн го видел она што го слушал, или поинаку речено – сакал да го види она што можел да го слушне. Нејсе.
Една од „истурените“ особености на обоените револуции (називот со кој се именуваше бранот (не)поврзани движења во посткомунистичките општества во Централна и во Источна Европа, како и во Централна Азија од почетокот на векот), е употребата на одредена боја или цвет како симбол.

Така, во Грузија имаше Роза револуција, во Киргистан – Лале револуција (во розова и жолта боја), во Украина – Портокалова револуција, во Либан – Кедар револуција (во црвена и бела боја од знамето на земјата и со кедар наместо цвет), во Ирак – Пурпурна револуција, а во Кувајт – Сина револуција, иако последниве две се само безуспешно обоени обиди да заличат на револуции.

Во првата – Булдожер револуција (во Југославија) цветот „изгуби“ од тешката машинерија: слоганот „готов е“ поубедливо помина со замислата за железна гасеница одошто со цвет во реверот, а во последната (Македонија), поради мноштвото цвеќиња и обидите за еднаква застапеност на „пашата“, усвоено беше шаренилото како бренд. Арапската пролет е уште „една“ во редот.

И ако движењата одоздола се сметаа(т) за логичен (или оправдан) одговор за длабоките структурни пукнатини и расцепи што водат до врвот, нивното „цветање“ ја нема спонтаноста на пролетните бои. За нивната „пролет“ нужни се провокации.
Најпосле, целта е (најчесто) промена/преврат на власта, а власта не паѓа од налет на цвет или боја. Последниве само ја испраќаат пораката, за полесно „опрашување“ на една замисла. Впрочем, затоа и постои шаренилото во ливадите – заради борба на видовите, а не заради радост на бумбарите и пчелите, додека медот (од големата лажица) вообичаено го „јаде“ некој трет.

Еден повнимателен поглед врз настаните, открива сличности во нивната организација и мобилизација, и покрај шаренилото од структури, култури и специфичности. Како да се печатени преку индиго. Од таа призма би било логично да се именуваат како индиго револуции, но називот би упатил на тоа дека постои некаде некаков оригинал, а сите други се само копии.

Инспирацијата можеби доаѓа од постари примери како што се Кадифената револуција во Прага (1989) или Каранфилската револуција во Португалија (во средината на седумдесеттите), но пресудна улога во нивното поттикнување сепак има(ла) поддршката од разни институции и невладини организации преку обуки, материјали и средства за градење стратегии на отпор и организација на протести.
Приказната за „обоените“ е позната и не помалку контроверзна, како и тезата според која обоените револуции претставуваат инструмент на САД во остварувањето на своите национални и геостратегиски интереси со т.н. извоз на демократија во земјите на случување на обоените револуции.

Политичката опозиција е вообичаено главниот „опрашувач“ на теренот, со помош на „крилјата“ на младоста и „клунот“ на елитата, а откако опрашувањето ќе заврши, „пашата“ си продолжува безмалку по старо: судбината на обоените револуции, повеќе или помалку е разочарувачки слична – шарените машни и цвеќиња заедно со силните слогани остануваат прегазени и однесени од службите за одржување на јавна чистота и со тоа најчесто завршува ветеното расчистување со „ѓубрето“ на претходната власт.
Револуциите ги менуваат боите, но власта не. Таа е како камелеонот: позната е по способноста за менување на бојата и по долгиот јазик за прихрана. Камелеонот е гуштер што „зборува“ со боите за да се додвори или пресмета, и лесно ја прима бојата на она што ќе го допре. Иако бојата ја менува за да се стопи со околината, всушност му служи за комуникација со сличните на себе. Кај камелеоните, кафеавата боја е боја на губитници.

За разлика од камелеонот, власта не ја прима бојата на тоа што ќе го допре, туку важи повеќе обратното – сè што допира власта го добива нејзиниот печат и боја, во случајов – кафеава.

Во својот ентузијазам да ги разбере боите, Исак Њутн отишол дотаму што си ставил некаква игла (налик безопасна) под рожницата на окото, за да го разбере ефектот врз она што го гледа. Успеал и да ги „врати“ боите во сноп од светлина со помош на друга призма.

Она што било изводливо за Њутн е потешко изводливо за власта: да ги „врати“ боите во светлина, или: да го изнесе на виделина животот за кој нашироко се говорело и слушало.

И несфатлив е ентузијазмот кога човек на човек му ги вади очите заради поеднобоен поглед на светот, заради едно попладне штуро со бои…
Ветрот е добредојден: „Да ни го разведри челото, да ни ги истрие очите, зашто, права е милина, навистина, во штуро попладне да завлезеш во вечер од ветрот разбушавена.“ Сеедно што небото примило темна индиго боја, речиси црна.

Помнат очите шаренила, кои уште не ја изневериле земјата, а македонскиот јазик има неколку зборови за нив: виножито, ѕуница или божилак. Како милувате, така гледајте. Има во широкиот спектар доволно светлина и бои за сите. Ќе помине и оваа индиго револуција на небото…