Иднината на телевизијата во Македонија, генезис

Македонската телевизиска индустрија беше уништувана систематски, онака како што беше уништувана и македонската држава. Тој процес од почетокот, па до овој момент додека ви го пишувам ова се одвива паралелно. Сега засега и државата и телевизијата итаат кон амбисот во кој ако нешто не се направи сега и веднаш ќе пропаднат не во тресок, туку тивко, незабележливо и никому неважно. Драги мои, телевизијата е комплексна дејност, тоа е од една страна индустрија што продава производ на пазарот во форма на телевизиско време, а од друга синкретички медиум што во себе ги впива, посвојува, обработува, синтетизира и естетизира сите општествени појави со додадена вредност во форма на општествен ум, општествено знаење и општествени вештини, кои подоцна како целина, но и како одделни делови ги враќа назад на секој одделен општествен состав и секоја одделна општествена група.
Исто така, не треба да се заборави дека телевизијата има повеќе функции, кажав во претходната колумна, да потсетам, телевизијата не е само средство за информирање, веќе не е ниту највлијателното, иако сѐ уште е најквалитетното, телевизијата не е ниту само средство за забава каде што дел од публиката во облик на консументи ќе го развлекува своето време со ниски страсти, телевизијата е и медиум што има функција да образова, да афирмира, да поттикнува, но и да критикува и да создава и етаблира општи, заеднички, но и лични, строго индивидуални постигнувања на екстраординирани поединци, кои со својот пример ќе ги поттикнат другите на себеподобрување како социјални битија. Што од сето ова што сега го пишувам можете да го видите во која било телевизија во Македонија? Речиси во никоја, да не се лажеме. Дури и во онаа во која јас сум управител.

Како стигнавме до тука веќе утврдив. Како и со државата Македонија така и со Македонската телевизија управуваа, ја реформираа, составуваа и калемеа луѓе што немале ниту образованите, ниту квалификации, ниту знаење, а ниту вештини и најважното – креативен потенцијал за создавање, прво на јавна телевизија како медиум од национален интерес, а потоа да поттикнат и да создадат и телевизиска индустрија што ќе биде вмрежена заедно со другите компатибилни индустрии како што се образованието, филмот, театарот, музичката и индустријата за забава.
Но ајде сега да се обидам да бидам и од корист. Да одиме со ред. Рибата смрди од главата и во телевизиската индустрија, а главата во секоја држава во оваа сфера е јавната, државната или националната телевизија. Постојат повеќе форми на организација и структура на овој вид телевизии, но она што ги прави сите еднакви е сопственоста, тоа се медиуми што се во сопственост, внимавајте, не на Владата – туку на државата. И постои уште еден „мал детаљ“, а тоа е начинот на кој се финансираат тие телевизии и тука главно има три вида финансирање. Едниот е со јавна давачка, такса што ја плаќаат граѓаните одделно или како дел од некоја друга или некои други јавни такси, како што се енергија и комунални услуги, другата е преку годишниот буџет на државата, чиј удел во финансирањето на јавната телевизија го определува Владата, ова е најопасниот модел, и секако преку определен процент од буџетот што по автоматизам ѝ се трансферира на телевизијата без посредување на Владата или други државни институции. Кај нас пропаднаа првите два начина на финансирање, тврдам, заради интерес на партиите и нивните доминиони за контрола на јавната телевизија, а преку тоа создавање на строго контролирани приватни телевизии и нивните уредувачки политики. Заради ништо друго. И секако, тука секогаш ставајте го оној клучен фактор – незнаењето. Убеден сум дека најголемите пропусти и грешки се направени поради незнаење и поради некомпетентност.

И ајде сега пак ќе се повикам на оној едноставен и разбирлив метод на споредби за да се дојде до првичните факти, кои потоа ќе ги развиваме посебно, затоа што државите и општествата, дури и најблиските имаат свои специфики. Еве, за споредба ќе ја земам Радио-телевизија Словенија. Седумдесет години сме живееле заедно и сме се развивале во приближно исто општествено уредување. Прво, да ја срушиме онаа мантра на црвената буржоазија дека Македонската телевизија била превработена и во времето на транзицијата ја користеа како лага, како манипулација за да поттикнат општествено незадоволство што ќе ја подрие и уништи телевизијата и нејзината независност, со цел тие да воспостават контрола, а потоа и сосема да ја уништат што е и крајната цел, не заборавајте, заедно со државата, затоа што телевизијата е огледалото на нацијата, каква нација таква рефлексија, тоа е. Радио-телевизија Словенија, драги мои, има околу 2.300 постојани вработени и околу 500 флуктуирачки хонорарни соработници од сите области. Рековме, телевизијата е синкретика на сите уметности, сите индустрии и сите други општествени сфери, вклучувајќи ги општественото и технолошкото формално, неформално, специјализирано и друго образование, знаење или вештини. И ајде сега да одиме кон финансиите. Годишниот буџет на РТ Словенија изнесува 120 милиони евра. М? Зошто ја земам Словенија за споредба? Словенија и Словенците, драги мои, се само една обична Македонија и едни обични Македонци северно од нас. Таа држава и тој народ се во речиси идентични историски и сегашни околности како и ние. Австријците од запад ги притискаат културно и цивилизациски, двесте години биле под австриска чизма, од север тука се Италијанците, кои едвај им го признаваат територијалниот интегритет, а во еден дел исто како и Македонија, Словенија е двонационална и двојазична земја за што во Копар речиси постои и одделен канал на РТС, кој главно произведува и емитува програма на италијански јазик. А за нивните односи со Хрватска да не зборуваме, само што не се распукале помеѓу себе за водите од Јадранот и за правото на риболов. Видете колкав брег има Хрватска и покрај тоа сакаат да го задржат и онаа мало парче од неколку километри каде што Словенија има излез на море.

И на крајот и јазично, културолошки и цивилизациски Словенците се под постојан притисок од поголемата нација – Хрватите и нивното влијание во литературата, музиката, филмот, театарот и сите други општествени надградби ги загрозува Словенија и Словенците на ист начин како и нас Србија и Србите. Тоа е. Да не мислиме ние дека само нам ни е тешко. Тешко им е на сите мали, ама за разлика од нас не плачат, туку работат за да опстанат. И на крајот, Словенија како и ние има околу два милиони жители, но речиси еден милион помалку активни говорители на словенечки јазик за разлика од Македонците, кои имаат повеќе говорители на македонски јазик. И секако, Словенија нема дијаспора. Тука сме во предност. Не сакам сега да правам споредби со ХТВ или со Радио-телевизија Србија, затоа што ќе мора да покажам поразителни факти и да ве демотивирам дека воопшто нешто може да се направи, поправи и оправи со ситуацијата во македонската телевизиска состојба. И ајде сега да зборуваме за тоа што треба да се направи.
1. Носење закон за Македонската радио-телевизија.
2. Во првите две години вработување на најмалку 1.200 професионалци со квалификации, знаење и вештини.
3. Определување фиксен износен процент на буџет од најмалку 50 милиони евра во првата година, кој таа ќе го добива на годишно ниво без да одлучува Владата, за да ги тргнеме рацете на политиката од сфера што не ја разбираат, а и не треба да ја разбираат.
4. Реформи во организацијата и структурата на МРТ.
5. Носење закон за комерцијалните телевизии.
6. Определување преоден период од две години за трансформација на сопственоста на телевизиите што имаат дозволи за работа како терестеријални и национални од друштва со ограничена одговорност во акционерски друштва и задолжителна котација на берзата. Разбирате зошто, нели? Колку повеќе сопственици, толку помалку политичко влијание. А берзата, за да се контролираат самите себеси и да се натпреваруваат за нивните бизнис интереси, не за политичките. Прости работи се ова. На крајот на краиштата не може секој бизнисмен што има пари да има и телевизија, ко што е во банкарскиот систем. Прво строга проверка на бонитетот и интегритетот на бизнисменот или компанијата, а потоа давање дозвола за работа. Ако тој бизнисмен нема интегритет нема да има ниту право да има сопственост во приватна телевизија.

7. Издавање нови дозволи за работа на само две национални, приватни терестеријални телевизии со строго определени појаси, програми и формати што ќе мораат да ги произведуваат самите. Секако, во ударниот термин ќе мора да емитуваат играни и забавни програми на македонски јазик произведени во Македонија со македонски актери, танчари, музичари, режисери, сценаристи, композитори и така натаму. Ќе биде деликатно ова, затоа што Албанците ќе бараат и приватен канал на албански јазик. Еве нека го има, како трета терестеријална телевизија на албански јазик, но тие што знаат за што зборувам, свесни се дека со 5, 6 или 7 отсто ШЕР колку што максимум можат да достигнат, нема да можат да опстанат на пазарот. Но нека се направи. Може таа албанска телевизија и да се субвенционира првите години со определен износ, за да ѝ се даде шанса. Сепак сме се решиле таква држава да правиме. Но Албанците и другите заедници имаат свој простор на МРТ така што нивните права не се загрозуваат и не смеат да бидат загрозени.
8. Вмрежување на комплементарните индустрии, филмот, театарот и индустријата за забава и универзитетите на аудиовизуелни и сценски уметности во еден национален систем на заедничко образованите, студија, фундуси за костими, реквизити и други технологии.
9. Создавање систем на фер натпревар со државни нарачки за сите проекти од сите области со строги стандарди за аплицирање, развој и продукција.
Што ќе се изгуби? Ништо. Бројот на новинари, техничари, креативци и други хонорарни технички и артистички работници што ќе останат без работа од сегашните шест телевизии природно ќе се апсорбираат во МРТ и во оние две приватни телевизии што ќе имаат обврска за најмалку 350 вработени. Никој нема да остане без работа. Напротив. Ќе има работа за најмалку уште 1.000 хонорарци од сите дејности. Гарантирам. Што ќе се развие дополнително? Ќе се воспостави почетна точка за развој и утврдување на независно новинарство и слободно и критички мислечко општество. Ќе се создаде јавна видливост и вклученост на целото општество во остварувањето на заедничкото и личното подобрување како заедница на луѓе, но и како поединци. И на крајот најважното, ќе се поттикне севкупниот економски, образовен, спортски, културен и социјален развој на државата Македонија.

Има само еден проблем: сакате ли да има држава Македонија? Ако сакате ќе го направите и ова, многу лесно, за четири години сѐ ќе профункционира како по учебник. Но ако не сакате држава Македонија, не мачете се, нема од ова да биде ништо. Ова и онака го пишувам за тие што сакаат и веруваат во државата Македонија. За другите не ми е гајле. Ко што, да не се лажеме, ним не им е гајле за нас. Да раскрстиме барем со тоа. Тоа е првиот чекор што треба да се направи. Расчистување со црвената буржоазија, нивните деца, внуци и трабанти. Тие што ја уништија телевизијата во Македонија не може да ја реформираат. Барем тоа е лесно да се разбере, нели?

Авторот е режисер и универзитетски професор