Земјата на змејовите

Истиот ден кога ми стигна покана од рускиот весник „Независимая газета“ да напишам колумна на тема по мој избор, за рубрика во која ќе бидам претставена со фотографија и кратка биографска белешка, ја прочитав и веста дека нашето Министерство за одбрана испраќа трупи во Латвија заради јакнење на НАТО-силите во одбрана на Европа (пардон, на НАТО). Одбрана од кого? Се разбира, од руската агресија! Сега сум во дилема како да ѝ се обратам на руската јавност (без оглед на темата) кога доаѓам од земја што руската страна ја гледа како воена закана? Дали тоа ме прави предавник овде или, пак, претставник на агресивна алијанса во нивните очи? Слично е чувството на незгода кога комуницирам со колегите од Вухан, со кои неодамна започнавме заеднички проект.
Владините претставници пишуваат и остваруваат безбедносни стратегии во кои ние сме непријатели со овие земји (и уште еден куп други, како Иран, на пример), односно тврдат дека тие се закана за нас, а ние само се браниме. Медиумите одамна шират русофобија и синофобија, па на интервјуата и дебатите редовно прашуваат „дали неформирањето влада во брз рок или одложувањето на пристапните преговори со ЕУ нè доведува во безбедносно опасна ситуација?“. Се разбира, сето ова изгледа патетично, особено кога како „аргумент“ се наведува дека на некои истражувања на јавното мислење, граѓаните во висок процент не гледале на Русија и на Кина како на непријателски земји. Замислете! Ние живееме во земја во која ако не гледате насекаде непријатели, всушност, ние стануваме потенцијални внатрешни непријатели на сопствената земја, на НАТО, на ЕУ, на Западот, итн. Да, тоа е последицата од земањето (воена) страна, на членувањето во воена алијанса – меѓу другите последици, како испраќање „топовско месо“ за случај на инвазија на „марсовците“, кои замислете стационирале војска на својата страна на границата, откако Столтенберг го подигна прстот и им се закани со несогледливи последици. Класична хистерија од типот на Студена војна, во која минутите на омраза се насочени кон Другиот, кој е дехуманизиран низ механизмот на креирање на „имиџот на непријателот“. Ние постарите добро се сеќаваме како функционира таа „логика“ на мобилизација, иако од југословенска позиција бевме надвор од тоа гледање на нишан и трката во омраза и вооружување.

Се прашувам, како ли им изгледа картата на светот на младите генерации во Македонија? Како ли ќе се однесуваат кон светот кога ќе пораснат? (Ако опстане, се разбира). Според елитите, медиумите, па и академската заедница, која повеќе ја сака политичката коректност одошто вистината, овде и сонцето изгрева на Запад (со големо З). НАТО и ЕУ станаа секуларна религија, догма, нешто што не смее ниту критички да се промислува, ниту доведува во прашање. Секој што ќе се осмели да излезе од зададените граници на она што се смета за политички коректно и прогресивно, ризикува да биде екскомунициран или денунциран како олицетворение на Злото. Картата на светот (барем во умовите) е моделирана во согласност со онаа англиска фраза the West and the Rest – Западот наспроти сите други. (Ние сме Запад, нели, освен кога не сме доволно добри за него…). Кои се „другите“? Тоа се земјите во кои живеат „змејови“, според латинската фраза. Hic sunt dracones – тука има змејови. Изразот се поврзува за неоткриени територии, полни со неизвесности, за кои немало карти и информации. Фигуративно, тоа е зона на незнаење и страв од непознатото. Тие земји се како „темната страна на Месечината“ – не само што не можете да ја видите туку не е ни пожелно да изразувате интерес за тие воинствени, автократи, нецивилизирани и назадни луѓе (и држави).
Откако се „ослободивме“ од социјализмот (оној лошиот што почиваше на некакви идеали за социјална правда, кој воведе женска еманципација, бесплатно образование и здравство, итн., но и политика на неврзаност), нашиот компас почна да покажува само западно. Изгубивме одеднаш три страни на светот! Северот е малку чуден поим, па не би се занимавале со него, бидејќи сега сме и ние северни, нели? Југот е полн со примитивни и геополитички безначајни држави и народи, па без нив можеме лесно. Но нашиот најголем проблем е Истокот – таму живеат страшните змејови што им се закануваат на сите овие благодати со кои живееме. Тие сакаат да нè покорат, да нè обезличат, да ни наметнат свои вредности толку различни од нашите беспрекорно усвоени западни вредности. Како одговор на тоа, Македонците се ante portas, на Балтикот – бидејќи на Балканот царуваат мир и хармонија! Ако затреба и против Кина ќе испратиме војници! Да не е трагично, би било смешно!

Во бивша Југославија нè учеа да го сакаме светот (без оглед на страните на светот), да покажуваме солидарност со несреќните (гладните во Бијафра или децата во Палестина), дека различностите се богатство, а не закана, и најважно од сè – да не бараме непријатели, туку да создаваме пријатели. Верувале или не, никогаш не сум ја посетила Русија (или поранешниот СССР), но пораснав со стиховите на Есенин, Мајаковски, Цветаева и Пушкин, како и со делата на Чехов, Тургењев, Толстој и Достоевски, знаев за Гагарин и Терјешкова, за Плисецкаја, за Менделеев и Павлов, но и за Солжењицин и Замјатин. И не само со нив… целата светска литература беше на дофат, без дискриминација. Всушност, се описменив преку едицијата „Бајки од целиот свет“. Но мојот свет (оној тукашниот и големиот) се распадна: прво ја видов смртта на земјата во која се родив и што ја сакав како што дете сака татковина, а потоа видов градење нови граници и ѕидови. Сега гледам нормализација на милитаризмот, а мојата мала Македонија зема страна, и тоа воена. Во мојата училница се трудам на студентите да им ги покажам сите страни на светот, да им ја разбудам љубопитноста, желбата да запознаат наместо да осудуваат без размислување, затоа што пропагандата го бара тоа. Се чини попусто, бидејќи поголемиот број од нив веќе се решени да заминат од оваа земја „ни на небо, ни на земја“, во неизвесност, без перспектива за економски и социјален развој. И затоа учат германски или англиски – и веќе гледаат кон запад за подобра иднина.

Најмногу ми пречат колонизацијата на умот и хегемонијата на (западното) знаење што се наметнува. Непишано правило е дека треба да се објавува само на запад, дека само таму постои вистинска наука, дека сето друго не е вредно, или барем не се зема предвид во процесот на напредување во академската кариера. Најлошото е што во таа западна академска заедница, младите научни работници го зборуваат (а верувам и мислат) само она што е таму пожелно да се слушне. Штом еднаш ќе те оценат како „прогресивен“, стануваш редовен добитник на награди и грантови, патник на светски конференции, учесник во проекти и сл. Она што ѝ се случи на мојата генерација најдобро го опиша познатиот хрватски интелектуалец Борис Буден: падот на социјализмот, преку ноќ, го отвори процесот на масовна инфантилизација. Бевме претворени во незрели „деца“ што мораа да почнат да ја учат азбуката на западната, либералната демократија, дури и ако тоа значеше напуштање на некои придобивки, како бесплатното здравство и образование, или прифаќање социјална неправда и експлоатација. Компрадорските елити по правило имаат потреба од соработка со колонизираните, кои соработуваат и го легитимираат новиот систем во замена за одредени погодности. Така, Македонија стана земја на периферијата, во која младата армија на „еволуирани“ (термин позајмен од француската колонијална историја) стана доволно „цивилизирана“ (вестернизирана) за да биде делумно вклучена во привилегираниот свет на новите западни господари. Кај младите овој процес одеше и оди многу полесно. Ние, постарите, имаме проблем со тоа што го доживуваме како понижување и деградација, како барање да се подложиме на западната „цивилизаторска мисија“, како да никогаш не сме имале ни ум ни култура ни сознание за себе и за светот. Па зарем не бевме на страната на антиколонијалните борби на народите од Третиот Свет? Сега станавме самоколонизирани.

Стив Бико, познатиот јужноафрикански националист, беше во право кога кажа дека најсилното оружје во рацете на угнетувачот е умот на угнетуваните. Неодамна се пронајдов во извонредната книга на Хамид Дабаши, „Можат ли не-Европејците да мислат?“. Поентата е дека под притисок на геополитиката на знаењето веќе успеаја да нè доведат во сомнеж околу сопствените капацитети и способност за критичко расудување. Но во орвелијански свет, говорењето на вистината е навистина револуционерен чин. Не еднаш ми се има случено на меѓународни конференции на кои сум го зборувала она што сум го мислела (за нивните политики во мојот регион и мојата Македонија), да добијам одговор „вие сте неблагодарни локалци, зарем не гледате колку многу вложивме во вас?!“.
А сè што гледам околу себе е општество со кастриран дух, со одземена самосвест, со елити што велат дека треба да „влеземе во Западот“ дури и по цена на самонегација и самоукинување. Јас веќе припаѓам на нација во изумирање, бидејќи по Преспанскиот договор за промена на името и идентитетот, наметнат од неоколонизаторите, а наспроти народната волја, станавме припадници на новоизмислена нација „северномакедонци“, која е веќе лишена од својата историја, од својата колективна меморија, од своите културни и идентитетски атрибути – заради „повисоки цели“, сумирани во т.н. европска интеграција. Притоа, патриотизмот е прогласен за опасен, национализмот е изедначен со фашизам. А притоа, и покрај сите отстапки, не само што портите на тврдината Европа се затворени туку и такви ќе останат. Ние, на европската периферија, живееме во пустината на постсоцијализмот, со последиците на неолибералните реформи, со приватизацијата, со осиромашувањето и со претворањето на колонија на западните корпорации. И како во некаква верзија на „Игра на троновите“ сме ставени во улога на „бранители“ на Европа и Западот од Русите кои доаѓаат, од жолтата закана од Кина, од злите сили од Иран итн.