Жали ја нацијата!

Не, насловот не е жалопојка за нашата нација, туку е наслов на една извонредна книга посветена на Либан. Тој извира од стиховите на најголемиот либански поет Халил Џибран (Kahlil Gibran): „Жали ја нацијата чиј државник е лисица, чиј филозоф е жонглер, и чија уметност е таа на крпење и имитирање“. Автор на книгата е мојот морален џин (и меѓу новинарите и меѓу интелектуалците – што е вистинска реткост и кај двете категории), Роберт Фиск. Известувач на лондонски „Индипендент“, но жител на Бејрут повеќе од четири децении, тој е повеќе инсајдер отколку аутсајдер во регионот. Тоа е човек што не мудрува од безбедна далечина, туку го живее животот на тие луѓе. Тој сведочеше на масакрите во Сабра и Шатила, а сведочи и денес. Ги посетуваше мртовечниците во Ирак додека владееше амок од „победата“ врз Садам; тој е таму каде што се леат солзи и тече вистинска крв.

За мене тој е гласот на безгласните, несреќните, ограбените, напатените – тој е гласот на бунт и протест против оние што ладнокрвно ги анализираат „реалполитиката“ и „стратегиските длабочини“ на либанското милје, и ќе заклучат дека им нема спас. Тој е глас на бунт против „неговите“ влади – и тие на Западот што имаат крвави раце и нечиста совест за сета несреќа збрана на тој дел од светот, но и нивните намесници на „Ориентот“. Тој ги бранува духовите, зошто им ги урива стереотипите за „напредните“ и „назадните“, за „добрите“ и „лошите“ момци. Тој е мојот револуционер, кој ја зборува вистината пред моќните, на начин на кој тоа некогаш го овековечи Едвард Саид.
Затоа, болката за онаа апокалипса што ја видовме на видеоснимките не е „нивна“, наша е, заедничка, човечка… Бејрут е градот и на Амин Малуф, кој нè научи колку се сложени идентитетот/идентитетите, но колку лесно може/можат да станат погубни ако станат центарот на нечии извртени универзуми, кои го губат од вид општочовечкото, она што сите нè прави првенствено луѓе. Во мигот на апокалипсата – каква симболика! – се роди малиот Џорџ. Тоа е таа дијалектика во која смртта и животот се преплетени, засекогаш, дури и кога папочната врвка ќе се пресече, а аждерот на смртта ќе покоси сè пред себе. Како што вели Фиск, сцената на експлозијата ја фати суштината на бескрајната трагедија на ова општество, со иконографија слична на средновековните слики што прикажуваат хорор на чума, оган, глад и војна.

Да биде поголема иронијата на судбината, оние ужасни сцени ги видовме од разни агли, и речиси во моментот кога се случуваа (благодарение на информациските можности и социјални медиуми) токму на 75-годишнината од Хирошима и Нагасаки. Малкумина знаат дека вистински снимки за тие најголеми злосторства против човечноста не постојат. Сето она што обично се врти по програмите се конструирани снимки од атомски проби, но не и Хирошима и Нагасаки (а ужасот подоцна јапонските власти се обидуваат да го замаскираат за да не го покажат размерот на трагедијата). Ова го видовме без филтер, без цензура – и нè остави без здив. Настрана, за миг, сите теории за вистинските причини за експлозијата, она што го видовме беше прозорец во термонуклеарната иднина на овој свет што решил да се самоуништи. Ако воопшто постои опомена, божји знак (за верниците), за тоа како си играме по работ на тоталната анихилација (ќе ми прости Венко, но ништо на македонски не ми звучи толку застрашувачки како овој позајмен збор), тогаш тоа беше оваа сцена. Всушност, не си играме ние, туку си играат со нас оние што се заслепени од желба за моќ и од глад за богатство и контрола, по секоја цена.

Искрено, ги исплакав и Бејрут и Либан, и сиот тој прекрасен дел од светот, дури и кога е валкан и крвав и вратен во камена доба поради бескрупулозните колонизаторски политики, кои надмено се нарекува „Исток/Ориент“ или дури „Близок“ или „Далечен“ – ама е Исток, како негација на Западот. Се сетив на студентот од Бејрут кому му предавав на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг (Австрија) пред повеќе години. Во една пригода им ја раскажував македонската (рамковна) приказна, и уште не бев завршила со објаснувањето на моделот на консоцијација, кога тој крикна: „Ах, па, ова е исто како во Либан!“ И не беше далеку од вистината, бидејќи единствената разлика е што таму битката е меѓу религиските секти, а кај нас е поедноставна – бинационална/етничка. Барањата за „ротации“ на функционери по сектаријанска основа, „правична застапеност“ и доделување функции по клуч на луѓе без компетенции се одамна испробани во оваа земја, каде што ужасната 15-годишна граѓанска војна заврши со „рамковен“ договор (Договорот од Таиф беше договор за национално помирување). Накратко, она што ја „спаси“ земјата е токму она што ги продуцира пропаста и агонијата. Сектаријанските лидери се „помирија“ со помош на странците (бивши и сегашни колонизатори), а народот остана да ја плаќа цената на нефункционалната, корумпирана и неодговорна власт.

Трагедијата на Либан не е само во сцените што ги гледаме туку и во она што не го гледаме, а го сведочат тамошните жители (кои апелираат западните медиуми да не интервјуираат бивши претставници на Стејт департментот или луѓе што некогаш пиеле кафе во Бејрут): земјата е во економски колапс, од кој Франција си ги изми рацете само пред неколку дена, за сега Макрон да рони хуманитарни солзи над земјата што француската империја ја осакати уште при раѓањето. Семафорите не им работеа поради неплатени сметки, сметот нема кој да го собере, банките си ги повлекоа парите на штедачите, сиромаштијата не чука на врата – внатре е, ковид-19 зема висока цена, а стотици здравствени работници беа отпуштени од работа поради „мерки на штедење“ и економичност.
Либан е дом на стотици илјади бегалци, што Палестинци, што Сиријци – и никому не му е грижа, сè додека се таму. На власт се тотални морони, кои бараат одговорност за 2.700 тони амониум нитрат складиран со години под нивниот нос (и со знаење на разузнавачите од Израел, САД и сличните). Израел кука и плаче дека е загрозен од оваа распадната држава, па превентивно гранатира и се заканува – без никој да реагира. Додека се трага по вистинскиот одговор за вината за експлозијата (не е исклучен и напад, бидејќи амониум нитратот колку и да е вџашувачки неодговорно да се чува во единственото и најголемото пристаниште од кое буквално се храни земјата со дотур на производи, сепак не експлодира толку лесно).

Нивниот премиер (фасадна, сламена гуска) бара одговорност, а не се гледа себеси во таа приказна! Ви звучи познато, нели?
Кај нас почнаа споменувањата на ОХИС и линданот и на многу други нешта како депонии, хаотична држава во која само (урбаната и другата) мафија е организирана – и сличностите сами се наметнуваат. Особено во време кога се бројат крвни зрнца, ДНК-анализи, и барања за совршен бинационален баланс на морони што немаат ни два грама ум, знаење, а за морал и да не зборувам. Но тие се нашите „секташи“, кои, нели, „ги гарантираат мирот и безбедноста“, а богами и „европската иднина“ – и за неколку дена ќе го слават 13 август, денот кога под палката на западните империи беше потпишан договор за „помирување“ на уште една осакатена нација – т.е. нација во обид, бидејќи со вакви делби нацијата/политичката заедница е невозможна.
Фиск предупредува, врз база на неговото децениско искуство, за „заморот на сочувството“ кај Западот. Особено сега, кога и самиот е во криза, а пандемијата само ја растргнува маглата пред царевото ново руво – бидејќи империјата е гола, бедна и без сочувство, но и без милост за овие назадниве.

Прогласувањето „ден на жалост“ и лицемерното изразување сочувство на една нација, која тивко умира/ше и пред експлозијата, е веќе видена работа. Прашањето е дали младите Либанци ќе паднат пред шокот (за кој пишуваше Наоми Клеин) или ќе ја продолжат битката и на клоци ќе ги исфрлат лисиците од власта и нивните филозофи што жонглираат така за да мора власта да остане „за мирот и безбедноста“, дури и кога тие се попогубни од експлозијата.
Оставете ги оние што гледаат низ призмата на „реалполитиката“ (што преведено значи помирете се со судбината, вие/ние сме ситни и мали и моќните одлучуваат за нас). Либан (и без експлозија) е резултат не само на колонијалното минато туку и на „лековите“ на меѓународниот стејтбилдинг и рамковни договори.

Па, одговорете си дали и зошто гласате за етнички лисици и клептократи, кои не се способни ни една дивоградба да отстранат од центарот на Скопје, ни учебна година да испланираат, а за кои 5-8 жртви дневно се „стабилна ситуација“. За жалење сме, сите. (Ќе) нема кој да нè исплаче. Запомнете, трагедијата на еден прекрасен народ не е во експлозијата на хемикалии (или евентуален напад од непријателски настроените соседи) – трагедијата е во лисиците, кои ќе куртулат и ќе држат во заложништво нација на која не ѝ е дозволено да се роди.