Да умреш од смеа!

Верувале или не, ама најновиот научен текст (за колатералните штети од Преспанскиот договор), кој ќе го презентирам идниот месец во Полска, планирам наместо со класичен заклучок да го завршам со заглавје „Да се умре од смеа“. Ќе се праша некој дали е тоа соодветно за труд од ваков карактер, но убедена сум дека наместо „тупење“ со високопарни научни тези, настапот најефектно ќе го завршам со пауерпоинт-презентација на која ќе нанижам фотографии што ја илустрираат не само вредната имплементација на договорот, туку и нашата перверзно смешна реалност. Можам да се обложам дека ќе занемат од илустрациите на бесмисленоста на сето она што таму надвор е веќе „заверено“ како чудесен успех во решавање конфликти.

Замислете: им покажувате документ за запишување прваче во училиште, дете на 6-7 години, а му пишува дека е родено во Северна Македонија; извод од книга на родени со оние коси црти (///) на местото на државјанството, брусење на канализациски шахти и лепење бесмислени табли под кичерајот од споменици… Тука може да се најде и фотографијата од најновата публикација на помлад бугарски колега (Бечев) под наслов „Историски речник на Северна Македонија“. Но, може да додадам и цитати од говорите на политичарите по повод Илинден кога велат дека сите што во минатото загинале или ги вложиле животите во оваа земја тоа го сториле за „оваа блескава Северна Македонија“. Но најсмешно ќе биде да се илустрираат епизодите од сапунската серија „Рекет“ и најновото издание на „Чарлиевите ангели“, кои до вчера беа ковани во ѕвезди како хероини во битката за правда, како се п(л)укаат и обвинуваат меѓусебно. И уште ако се додаде онаа изјава на Заев заедно со „извинувањето“ и објаснувањето дека педер е карактерна особина, а не ознака за сексуална ориентација… веројатно пропуштив уште некоја сцена што добро ја илустрира стварноста, а постои огромна веројатност до понеделник (кога ќе ја читате колумнава) да се случи уште некој спектакл.

Зошто смеа? Затоа што смеата е важна и многу сериозна тема – од Аристотел и Платон, па до Ниче, Фројд, Марк Твен или Вуди Ален, таа заземала важно место во промислувањето на стварноста, на личниот ама и јавниот живот. Нашиот јазик не е толку богат (како англискиот, на пример), но сепак разликуваме различни видови смеа – од она што се нарекува смеа од срце/радост, до смеа што се граничи со солзи и гнев, подбив, ругање, потсмевање… Најчесто се мисли дека смеата е таа што ги изразува среќата и радоста (Виктор Игор сметал дека смеата е сонцето што ја изгонува зимата од човековото лице). Генерално е прифатено и мислењето дека смеата е добра за здравјето, за човечките релации, за приближувањето на луѓето/заедниците и сл. Но она што мислам дека сѐ почесто ни се случува (и што е предмет на анализа на стручњаци од психологијата, ако не и други науки) е неконтролираната смеа, која нема ништо заедничко со задоволството и среќата. Во таа смисла, ми се чини дека е многу точна дефиницијата на писателката Ерма Бомбек, која вели дека е многу тенка линијата што ги разделува смеата од болката, комедијата од трагедијата, хуморот и болката. Многу пред неа, Ниче констатирал дека човекот е единственото суштество што се смее: тој е и единствениот што толку длабоко страда што морал да ја измисли смеата. И Марк Твен сметал дека човечката раса има едно ефикасно оружје, а тоа е смеата.

Античкиот филозоф Хрисип, виден предводник на стоичката школа, според преданијата, умрел од напад на смеа поради своја сопствена шега. Многу пред него, велат, од иста смрт заминал и познат антички сликар кому му било нарачано да ја наслика Афродита, а за модел да користи една стара дама. Велат тоа е божји дар, ако не умреш во сон, тогаш барем да умреш од смеа. Но, дали е така? Интересно, не само што низ историјата можат да се најдат вистински примери на она „да умреш од смеа“, туку и културата/литературата и филмот користат многу такви сцени. Ќе ги најдеме во „Бетмен“ (Џокерот користи отров смајлекс, кој предизвикува смрт со лица згрчени во хистерична смеа), кај „Мери Попинс“, но и кај скечот на Монти Пајтон (Најсмешната шега со која Британците ги поразуваат Германците во Втората светска војна). Мнозина од оние што сериозно ја проучувале смеата се согласуваат дека таа надоаѓа поради контрастот помеѓу претпоставената вредност на нештата и нивната фактичка деградација. Од историските примери, интересен е случајот на кралот Мартин од Арагон (1410), кој умрел од комбинација на задушување и неконтролирана смеа од шегата на неговиот најомилен дворски шут.

Не само кај себе, туку и кај мнозина наоколу, сѐ почесто забележувам примери на т.н. парадоксална смеа: претерана доза на изразување хумор/смеа при несакани појави и случки. Иако потсмевањето (или поточно, исмевањето) на оние на власт кога прават недолични нешта е навистина силно оружје (впрочем, тие никогаш и не смеат да се земаат сосема сериозно, затоа што после сите ние стануваме смешни кога неспособни, неморални и неинтелигентни ќе направат магариња од нас), сепак кога смеата е израз на немоќ и очај, тоа не може да биде здраво. Ни за поединците, ни за општеството… Лично, Македонците никогаш не сум ги сметала за претерано духовити како народ, ама сега голем број помлади луѓе ме демантираат. Сепак, стварноста со сета своја апсурдност и интензитет ја надминува моќта на поединците или групите да го „сварат“ тоа, да го преточат во политички хумор и сатира, и потоа во отпор. Нашава хистерична и парадоксална смеа не е на арно, таа обесхрабрува, наместо да мотивира. Не сум стручњак, но мислам дека сето ова е веќе резултат на постојан стрес и начин да се побегне од него. На моменти настапува гнев – ама и тој е импотентен. Наместо соодветен одговор (на англиски би се рекло реакција од типот „бори се или бегај“), тие што останаа бегаат во смеа. Или во заборав…

Неверојатен е бројот на „заспани убавици“ што се будат дури сега, и го гледаат она што на секој и просечно интелигентен мораше да му биде јасно кога власт, правда и медиуми почнаа да практикуваат карикатурални ликови како Зета Зета, Ката и Боки Тредичи. Уште потрагични се оние новинар(к)и, кои, демек, знаеле ама не кажале досега. Читам за некое племе на Папуа Нова Гвинеја што страдало од ендемска болест наречена куру, која е позната и како „болест на смеење“, но скокоткањето било една од техниките за тортура (во древна Јапонија и Рим, ама и во концентрационите логори имало такви примери). Дали тоа некој нѐ изложува на невидлив „смајлекс“, не голица по нервите секојдневно за да нѐ мачи, или само си наоѓаме изговор за сопствената некадарност. Насловната страница на некој хрватски весник прикажува порноѕвезда, која вели дека се чувствувала (простете на израз, цитирам) натртено. Но, ете, има и такви што се колективно во таква позиција, ама воопшто тоа и не го чувствуваат.

Откако терминот „педер“ го легализира во јавниот дискурс како легитимен за означување „карактерна особина“ лично премиерот, прашањето е: драги, ќе бидеме и натаму педери, ќе се смееме на сопствената трагедија до смрт или ќе преземеме нешто порадикално?! Да се обидуваш со смеа да се справиш со ајдуци е не само самоубиствено, туку и контрапродуктивно. Тие се толку глупави и самобендисани што шегите за нив се афродизијак. Она од што нормален човек се срами, будалата го прави горд – иако сѐ почесто, и неконтролирано нервозен (што може да биде и добар знак). Ако оној кралот од Арагон умрел од шегата на својот дворски шут, ние дворските шутови ги направивме владетели и моќници. Имено, и опозицијата има удел во општата комедија, со нивното млатење празна слама, заканување со детски пиштол на вода и со она (простете на израз) – сакам да мочкам, не сакам да мочкам. Работите се толку смешни, што се премногу сериозни за да останат во сферата на забавата. Сатирата речиси и да е на одумирање (особено откако некои од сатиричарите станаа дел на пиарот на Владата, како што одамна кажа Арт Бухвалд: „Ако доволно долго и силно го напаѓаш естаблишментот, тој ќе те направи дел од себе“). Додека смеата станува дел од капитулацијата на духот и немоќта, сатирата е таа што може да охрабри акција во насока на општествена промена. Таа ги „разголува“ оние наметнати со велот на моќта и (лажен) авторитет. Да не се залажуваме и да не ги потценуваме: можеби личат на кловнови, но не само што се штетници, туку се и опасни. Затоа, смеењето по дома е исто како и детско плачење, ама јавното ругање неодговорна власт, која од нас сака да направи идиоти бара духовити ама и храбри луѓе. Инаку, сите ќе останеме „педери“! И така ќе нѐ паметат генерациите.