Вселената сигурно има попаметна работа

Извини, а бе што се случи со ИСИС? Русите го погребаа.
Не тој ИСИС. Овој што се појави во Северџанистан. МВР што демек го пресретна. Медиумите што кренаа хистерија. Бејли од Кале што го најави како можна опасност.
А тој ИСИС. Е па, не знам. Или слушнаа дека МВР доби нови цокули, па удрија петици во газот. Или залутаа кај медиумите меѓу редови. Или ги истреби некој гаден вирус во лаптопот на Бејли. Или слушнаа дека Северџанистан е „мадафака“ членка на НАТО, па се повлекоа.

Каде бе се повлекоа?
Како каде? Па, во Бондстил.
Ви се свиѓа муабетов? Не знам за вас, ама јас почнав да се чувствувам како чипуван Американец, кој цел ден пред телевизор гнете паста со сос од Си-ен-ен вести. Денес ме плашат со ИСИС, утре со Путин, задутре на граница им се прошверцувала ебола преправена во згодна Африканка, за недела дена над глави ќе ни виси финансиска криза ако не се пукаме во вена со вакцина против македонизам, следниот месец мај ќе го киднапира април и по некое време си убеден дека САД треба да ја бомбардира Венецуела, затоа што Мадуро не дава нафта за северџанистанците да пијат секое утро. Вака некако ги трујат Американците, ги полнат со страв и параноја за сенешто, а на пауза помеѓу две катастрофични предвидувања им сервираат идиотски реклами. Така е кај нив.

Кај нас во моментов тераат друга стратегија. Нè бомбардираат со позитивизам. Додуша, крајно глуп позитивизам, оти толку им сече. Владините медиуми (не се веќе провладини, туку владини) секојдневно лиферуваат будалаштини од пресовите на Владата, позицијата, парламентарното мнозинство. Сакаат да нè убедат дека од октроирањето на хунтава, по улиците тече мед и млеко. Да ти немало ваков тренд на вработување како никогаш досега. Тоа е вистина. Нема партиска балдаска во државава што не седна во канцеларија на државна фирма со некој шура на пратеник. Еве, утре чекам да се појави извештај од Владата каде што ќе ни кажат со радост дека е намален швалерајот во државната администрација. Секако дека е намален, глупо е свекорот да се швалерисува со втора братучетка. Но не се само тука успесите на оваа власт. Еве, платите растат секојдневно, само граѓаните не можеле да забележат, така ни соопштија. Се согласувам. Тоа се резултати од политиките на квантен скок што ги воведе премиерот. А прост народ си е прост народ, нема капацитет да забележи како научната фантастика полека станува реалност. Жими, Жил Верн! Башка, Груевски е виновен. Тој манипулираше со оние негови покачувања на плати и пензии. Пет отсто, па три отсто, па седум отсто. И луѓето се навлекоа. Како џанаци за доза. Така навлечени на ситно, како да ги забележат овие енормни скокови во сопствениот џеб?

За странските инвестиции во Северџанистан подобро да не пишувам. Ќе ми снема простор за другото што сакам да го кажам. Неподносливо многу светски гиганти, европски фирми, американски фабрики чекаат ред на северџанистанските граници за да влезат и да ги изградат своите погони, филијали и подружници тука кај нас. Еве, на „Фолксваген“ му здодеа дремењето на граница, па привремено отвори фабрика во Србија. Додека не се ослободи место во северџанистанските зони за инвестирање. Најновите информации што стигаат преку медиумите велат дека толку е метеж во гринфилд и браунфилд зоните што странските инвеститори почнаа да отвораат фабрики во ерогените зони на премиерот и неговите министри. Можеби и оној фамозен ИСИС од почетокот на колумнава се откажа од терористички будалаштини, па планира да се ребрендира во фирма што ќе инвестира во неодоливите и сексапилни зони на самракот низ три прста отворениот Северџанистан.

А како што низ медиумите и владините пресови тече мед и млеко, така мирот и безбедноста стануваат поочигледни. Ете, МВР ни соопшти дека луѓето исчезнуваат според европските стандарди. Тоа што секој втор ден се пука по улици е логично, граѓаните прославуваат влез во воена алијанса. Како членка на НАТО, убиствата ќе ги сведеме на „колатерална штета“ и „загинаа во пријателски оган“. Башка ги имаме најмодерните „затвори“ на светот, откако владата одлучи криминалците да се социјализираат на улиците. Норвешка ни завидува. Можеби и ЕУ ќе почне да го следи нашиот пример.

Во меѓувреме владата ни ги забетонира идентитетот и придавката „македонски“. Толку добро ги бетонира што, еве, никаде веќе не може да се видат. Ниту идентитет, ниту придавка. Што е логично. Онака, на ачик истопорен идентитет, некој може да ни го украде. Грците, на пример. Или Бугарите. Вака, кога го нема, кој може да ти го земе? Мудра влада, нели? И што се случи откако „македонски“ се забетонира до исчезнување? Македонската радио-телевизија стана Национална радио-телевизија. Скратено НРТ. Уаууу, НРТ фром д` НОРТ, звучи факинг холивудски, нели? Ќути, можеше да стане Државна радио-телевизија, скратено ДРТ, па скратеницата да содејствува со реалноста. Сепак, хитот е Национална опера и балет. МОБ стана НОБ. Па, нормално, и онака вистинскиот НОБ, народноослободителната борба, веќе е забранета од нацистиве на власт и нивните наци-спонзори на изопачената моќ. Се чека да видиме дали МАНУ ќе стане НАНУ. Навивам за тоа. Ако веќе не може да биде АНУС(М), тогаш добро звучи таа збирштина некорисни лапачи на државни пари да добие име на српски пцост. Оти, нели, нану ти ј… Да не претерувам, глаголот на сите ви е познат.

При сета оваа геноцидна моронштина што ни ја истури врз глава изопачената моќ, секако се сетив, а не сакав, на шарените револуционери. Оние истите што ме убедуваа дека промена на име и Устав е само во мојата вмровска глава, а потоа хистерично ми врескаа в лице дека со Преспанскиот договор ни се бетонираат идентитет и придавката македонски. Стопати сум рекол досега, колку ќе бев среќен тие да беа во право, а јас да излезев идиот за каков ме сметаа и сè уште ме сметаат интелектуалната бижутерија и лажната авангарда. Сепак, конечно нештата се свртеа. Идентитетот и придавката „македонски“ се забетонирани само во главите на шарените северџанистанци. Фактите на терен покажуваат дека во истите тие глави има простор да се смести и избетонира бесконечноста на глупоста, оти вселената сигурно има попаметна работа.