Во очекување на катастрофата спас (2)

Па, добро, ќе речеш, драг читателу: кога и досега Македонците излегувале на површина по толку многу физички и идентитетски помории пред тоа низ долгите столетија, ќе излезат и по Преспа. Оти колку само пати се кревале како вампири од гробот, па ќе се кренат и сега за да им ја смрзнат крвта во жилите на ликвидаторите. Да. Правилно размислуваш, ама сите погроми пред Преспа оставале некоја, макар и мала ѕирка за излез, но сега, драг читателу, нема, како кај јајцето нигде ѕирка ни проѕирка оставено. Сѐ е затнато со калта на темницата, иако е животодавното јајце скршено и убиена во него птицата сосе небото распрострено во нејзините крилја. Птицата Македонија. Ама не знаат тие дека е тоа птицата феникс, која не тукутака е толку многу присутна во резбата на македонските копаничари на олтарните претстави во црквите. И прашање е кога таа по Преспа повторно ќе се крене, оти е сега спепелена и поклопена со геноцидниот печат на моќната евроамериканска цивилизација. Таа која, како некогаш римската, крши сѐ под своите железни стапала. Сѐ уште, иако старозаветниот пророк Даниел, мојот омилен и поет, неа пред неколку милениуми, толкувајќи го сонот на Набукодоносор, ја гледа како мешавина од железо и кал што значи дека е во распаѓање.

И дај боже што побргу да се оствари неговата визија чии шифри стануваат сѐ појасни.
Така, сега и со Даниел сме, драг читателу, на трагата на нашата загатка, на нашата тешка математичка равенка, како да се и како ќе се реши спасението на Македонците по нивниот брутален идентитетски колеж во Преспа, кој е замислен да нема никаков излез од него. Да. Па, сепак мислам дека, макар и на подолг рок, ќе ни се отвори можност за спасение. Нека ми се смеат, драг читателу, но јас мислам дека нема да бидеме од Бог засекогаш оставени во мртовечница. Па, и Исус нели рече дека, ни крив ни должен, дошол на Земјата меѓу проколнатото Каиново човештво за спасение на сиромасите, понижените и навредените, а не за богатите, моќните и крвопијците што и него го распнаа на Голгота. Специјалистите за голготи низ светот. Македонците и пред Преспа безброј пати биле распнувани од нив и воскреснувале потоа како и Синот Божји, победувајќи ја смртта со смрт.

А како ќе го сторат тоа во за нив најдраматичната историска ситуација сега? Нема можност за востание, драг читателу, оти сите ќе завршиме како Карпош на Камени мост, кого го искористија за свои цели перфидните Австријци, а потоа го напуштија. Тоа е и денес стилот на Европа кон нас, но и кон некои други, иако, на пример, Албанците, Грците и Бугарите до бескрај се офајдија од неа. И пак најмногу врз грбот на Македонија и Македонците. Албанците и врз грбот на Србија.
Добро, прашуваш драг читателу, ако нема услов за востание, па да го развееме како комитите знамето „слобода или смрт“, нашиот алтернативен историски одговор, на безалтернативноста што ни ја нуделе европските и балканските геноцидни сатрапи. Одговарам без заобиколување. Првин, за почеток „герила“ акции. Нив веќе ги начнаа навивачите на спортските натпревари, на кои грми: „Никогаш северна, секогаш Македонија“. Па нели го слушаше, драг читателу (јас случајно го фатив на екран), сегашниот технички премиер, како во еден петминутен говор за коронавирусот, небаре е некоја навиена механичка играчка, дваесет пати нè отепа со она „северна Македонија“. А можеше тоа да го стори само еднаш, а потоа ќе се служеше со „нашата република“, „нашата држава“ и слично.

Ама тоа е тоа. Да полудиш, драг читателу, од распространетоста на глупоста во малечката Република, која до бескрај ги шири границите во таа област на човековата еволутивна заледеност, небаре нејзините владини протагонисти не мрднале потаму од ледената епоха на палеолитот.
Но. Значи, реков „герила“, драг читателу. Бришење секаде на смртоносната придавка: на државни институции, општински згради, автопатишта, кафеани… итн. Герила, оти на тоа имаме човечко и генеричко право. Право да се вратиме на праизворот, на генезата кон која по идентитетската касапница во Преспа ни е пресечен патот. Забрането ни е да пиеме животодавна вода од неа. Тоа е за почеток, а и други поостри опции се во игра, мора отворено, без кукавичлак и цмиздрење да зборуваме. Да не сме самозадоволници завалени во удобни академски и универзитетски фотелји, потонати во „интелектуален“ нарцизам и во безбедното царство на молкот, филозофски сфатен како мудрост.

Која друга опција, макар и радикална. На пример, во оваа безнадежна идентитетска ситуација, драг читателу, обнова на гемиџиството. На македонскиот, ангелски во основа, гемиџиски „тероризам“, кого Европа, соочена со тероризмот што ѝ се случува денес во кој се разнесуваат наеднаш по стотици живи тела, ќе го сонува него, бидејќи нема човечки жртви. А и тие сегашни нејзини терористи во најголем број, најмалку 90 проценти, не се терористи туку очајници (тоа е правилниот назив за нив) на кои им е спепелена од евроамериканските бомбардери во потрага за нафта татковината, урната куќата и уништено семејството, па тие во очај се препашуваат со динамит околу појасот и, за жал, тргнуваат во камикаѕе-стил на Париз, Берлин, Брисел, Лондон… Тоа е вистината. А македонските гемиџии, кого убија?! Никого, освен себеси како свети саможртви. Тие уриваа само банки и потопуваа европски бродови, внимавајќи притоа да нема ниедна човечка жртва. Не пролеаја ни една капка европска аристократска крв. Не знам дали нешто за тоа знае и месје Тимоние, дека Павел Шатев го испразни во Солун францускиот брод „Гвадалкивир“ полн со Французи и дури потоа го потопи. Ете тоа е, драги европски дипломати во Македонија, што ја ликвидиравте идентитетски, македонскиот гемиџиски „тероризам“.

Не плашете се, драги Европејци, оти ако се обнови сега, тој нема да убива, може само да подметне динамит под некоја ваша банка и сл. откако првин ќе ги извести вработените да се повлечат. Тоа е техниката. Потоа доаѓа она Бууум!, кое ќе треба да ве потсети на вашето злосторство во Преспа. Тоа нема да го заборават Македонците.
Тоа е тоа, драг читателу. Нема друго чаре. Мора да ги искористиме сите средства што ни стојат на располагање за да се вратиме во своето автентично идентитетско, јунговски речено трансцендентално Јас. Во Атман, како што велат Индусите, кој ја остварува врската со Брахман. Со Бог и Божественото. Така, оти како што видовме добро кај силните што ги кршат послабите од нив ако не им се по волја, како Македонците, нема право и правда. Тие се решаваат со таканаречената политичка волја, која не е ништо друго туку само израз за притисок, па и, како што покажа македонскиот случај, целосно ништење со акултурација, физичко, или идентитетско потоморување, кои моќните силници ги комбинираат.

И кај нас го направија и сè уште го прават тоа. Цинизмот на таканаречената меѓународна заедница на силните и силниците притоа е болен. Па, зарем нашиот идентитетски геноцид не беше меѓу првите, ако не и прв, поздравен од Обединетите нации, од нивниот челник Гутиереш. Доволно. Па и пресудата на Хашкиот суд во наша корист. Што стана со неа? Ништо. Од западните силници едноставно беше прогласена за неважечка. Таква е правдата на „цивилизацијата“ во која живееме.
Е, сега, ти ги читам мислите: знам, ми велиш, драг читателу, ако не е доволна герила-акцијата, во што да се надеваме? Каде евентуално треба да го побараме како возможност спасот? Оти парадоксот е во тоа што одвај дали и некој од европската и светската интелектуална елита знае за тоа што се случи како идентитетски геноцид врз цел еден народ во Преспа. Оти не се обидовме да направиме како што направија некои наши интелектуалци меѓу двете светски војни, кои ги анкетираа во весникот „Балканска федерација“ врвните европски умови од областа на науката и уметноста за судбината на Македонија, и воопшто за Балканот. Меѓу нив беше дури и еден Ајнштајн, кој го даде гласот за Македонија.

Јас и Фимка се обидовме да направиме една мрежа меѓу повеќе истакнати македонски интелектуалци со светски врски, претежно уметници: писатели, музичари, сликари со иста цел. И што испадна од сето тоа. Никој од нив со прст не мрдна. Дури не најдоа за сходно ни да дадат некое објаснување, или да се извинат, па на крајот остана да се прашувам дали и нашите уметници и интелектуалци воопшто знаат што се случи во Преспа. Тебе ти го оставам одговорот на тоа прашање, драг читателу, оти знаеш јас што мислам. А, па се прашувам дали и во Европа денес постојат интелектуалци од хуманистички активистички тип, како што беа тоа, на пример: Ромен Ролан, Анатол Франс, Сартр и Ками во Франција, или Ман и Цвајг во Германија. По сè, изгледа не постојат.
Да. И, гледам, оправдано пак ми го поставуваш истото прашање, драг читателу: кој е излезот? Постои ли воопшто тој? Конечно, го сугерира ли него насловот на оваа колумна? Да. Имено, така. Мојата хипотеза тука е дека од катастрофата што нè снајде, може да нè извлече исто така само катастрофа. Анонимниот народен мудрец сигурно добро размислил, а потоа се потпрел и на сопственото искуство, кога рекол: клинец со клинец се избива. А и јас не дојдов произволно до таквата хипотеза, оти во мојата анализа се потпирам и на една битна аналогија во таа смисла, а таа го отсликува нашето со столетија мартирско искуство со историската судбина.

За межник тука, драг читателу, ја земам кобната Беласица 1014, кога е уништена средновековната држава на Самуил. Оттогаш, како што знаеш, е потребен безмалку еден цел милениум за, поробувани и ништени, пак да застанеме макар и во облик на торзо на свои нозе. Тоа се случи со македонските партизани антифашисти и со АСНОМ, кој го изнесе на површина од темниот виор на Втората светска војна македонското идентитетско јаство, чисто како кристал во кој е втисната како земен и небесен печат македонската културно-цивилизациска слика, знакот на генот и генезата, сега порекнати и со указ на „цивилизацијата“ и „цивилизаторите“ префрлени како имот во катастарот на друг(и). И нема друго име за тоа, освен холокауст. Геноцид. Полукаво, поцинично и подобро смислен од оној на Хитлер за Евреите, кои беа само физички, но не и идентитетски ликвидирани како Македонците, новите Евреи на Европа сега.
Значи, еве сме во срцето на нашата хипотеза, драг читателу. Во срцето на парадоксот, златната фигура на Киркегард: лекување на катастрофа со катастрофа што функционира во македонскиот историски пример.

По речиси милениумско ништење, излеговме на површина од најголемата воопшто позната светска катастрофа. Втората светска војна. Благодарение на што? На тоа дека во неа, како и во секој таков настан, на некој начин стапува на сцена Општиот Човек, Човекот-Човештво како што го дефинира него германскиот филозоф со религиозна ориентација Шлаермахер. Тој и таквиот Човек во Втората војна беше светскиот пролетаријат воден од Коминтерната, кој зазеде правилен став кон онеправданите и понижените, извлекувајќи ги на сцена како рамноправни народи меѓу народите, на кои им се дава шансата за „културен натпревар“ меѓу нив. Космополитската идеја и визија на Гоце, која по генетска линија на духот е автентично наследство од Античките Македонци. Знамето на таа идеја по него го развеа пролетерскиот поет космополит Рацин, што пееше за црнотрудовиот народ, кој за „туѓи бели дворови“ си копа „црни гробови“. Поетот богомил што сонуваше за светското братство на народите собрано во неговата утопистичка „куќа – цел свет“, не ни претчувствувајќи пред да биде убиен на Лопушник дека куќата на неговата Македонија, подигната на раскрсница, ќе биде смачкана. Не ни претчувствуваше што ќе се случи во Преспа.

(продолжува)