Боро и Рамиз – македонско-албанска ударна бригада

На теренот, во нашето живеење, има илјади братства и пријателства меѓу Македонци и Албанци. Едно такво беше и нашата соработка со скоро починатиот колега, пријател и побратим, новинарот, публицист, сценарист, поет Аљуш Камбери, со кого низ годините правевме и направивме голем број документарни филмови и ги претставивме на многу фестивали низ светот. Од тие времиња на „креативно коалицирање“, наше претставувања на пресови, интервјуа, ќе остане и еден убав наслов објавен во печатот во бурната 2001 година – „Аљуш ет Аљоша – петит диферанс…“

Деновиве се изнаслушавме и изнагледавме најразлични прогнози и коментари, како загревање за претстојните избори, при што доминантна беше, се чини, една мантра: соработката на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ги победи криминалот и корупцијата на коалицијата СДСМ-ДУИ… Договорената опозициска соработка со Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ги порази политиките на корупција, безидејност, но и безнадежноста и апатијата до кои доведе актуелната власт, која, според него, нема никаква стратегија и визија итн. и слично на тоа. Искуството од изминатите три децении во практикувањето независност во Република Македонија на економско-политички план покажа дека сите досегашни и идни партиципиенти во власта имаа и ќе имаат идентични или слични програмски определби и цели. Демократија, стопански подем, излез од сиромаштијата, повисок стандард, принципиелна надворешна политика, сѐ за доброто на граѓаните, нивната сегашност, иднина… Разликите се во нијанси, суштината е иста, практично идентична, неделива и безмалку стандардизирана. Со оглед на скромните економски перформанси на нашата млада држава и деликатниот транзициски, згора на тоа, и пандемиски период, сѐ е во рамките на возможното и очекуваното. Разликите се големи во сферата на „убедувањата“, како резултат на неискуството во практикување на демократијата, па и хетерогеното историско паметење и однос на силите и балканскиот менталитет, кој веројатно е токму оној клучен сегмент со кој треба да се позанимава секоја сериозна сегашна и идна политичка платформа при исцртувањето на појдовната рамка и во планирањето и практикувањето политики.
Гордоста, инаетот, разновидната интерпретација на фактите, сегашноста, но и историското наследство се всадени во профилот на оној голем неопределен и докрај непредвидлив гласачки корпус, кој и на овие локални избори и случувања ќе игра крупна улога.
Пред есенскиве локални избори, некако набрзина станаа популарни предизборните меѓуетнички коалиции. Партии што до скоро беа дијаметрално политички и етнички спротивставени се здружуваат и најавуваат координиран настап, слични ставови и идеолошки платформи. Овие необични партнерства и комбинаторики се појавија и опстојуваат на двете страни на политичкиот обзор.

Но ваквите збиднувања поттикнуваат и неколку суштински прашања. Зошто токму сега се појавуваат вакви коалиции, дали ќе траат како политички феномен (на пример и за парламентарните избори) и што значат за иднината на плурализмот и за политичката сцена, се прашуваат аналитичарите.
За психолошко-емотивните корени и проекции на оваа тема, во наредните неколку реда. Во нашето монистичко и федерално минато, митот за Боро и Рамиз долги години беше и грижливо негуван симбол за братството и единството на народите и народностите. Во него беше многу инвестирано и тој претставуваше еден од темелите на југословенската кохезија. До скоро симпатични одблесоци на тој мит одвреме-навреме ќе сретневме и во носталгични и емотивни дискусии за тоа неповторливо време.
Но да се каже, за да не се заборави, дека една од целите на овој мит, освен „братството и единството“, беше обидот во форма на колективна амнезија и делумно и амнестија за злоделата на извесни сепаратистички вооружени групи и формации што го вршеа врз недолжното население во време на фашистичката окупација во Втората светска војна.
И, еве, митот за братството и единството, стариот трик од времето на југословенското минато, што се чуваше како драгоцено искуство од пролетерскиот интернационализам и партизанско минато за идните генерации одново како да оживеа и даде плод. Се повампири, ги затегна и спои лабавите струни на следбениците на традициите на НОВ и минатото, тогашноста и сегашноста и како некогаш македонско-косовска бригада, планирана менаџирана и платена од странските лаборатории, успешно се инсталира во просторот на „линијата на огнот“ и се вклопува и функционира за извесни изборни комбинаторики, геостратегиски цели.

Во времето на ВМРО, 2001 година, Владата им издаде македонски државјанства на Македонци по потекло од Албанија. Владата на СДСМ, во 1994 година, им издаде македонски државјанства на 150.000 Албанци по потекло од Косово што трајно ја променија етничката карта на Македонија. Со Законот за територијалната организација на локалната самоуправа и референдумот на 7 ноември 2004 година е скроена и денешната судбина на Струга, Кичево, Скопје и Чашка. Но, и покрај сите кројки и прекројувања, надворешни и внатрешни притисоци, на 11 декември, во фер и демократски избори победи коалицијата „За подобра Македонија“.
Речиси половина милион избирачи го дадоа својот глас за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, поради поништување на над 37.000 гласачки ливчиња, од кои 90 проценти беа гласови за ВМРО-ДПМНЕ, партијата, и покрај сите притисоци и негативни кампањи, од 99,97 проценти преброени избирачки места, освои 454.253 гласа, што е околу 20.000 гласа повеќе од коалицијата предводена од СДСМ, или 436.790 гласа. Според првичните резултати (ДИК, 12.12.2016 г.), ВМРО-ДПМНЕ доби 51 пратеничко место, додека СДСМ 49 пратеници. Најголемите изненадувања се случија во албанскиот блок, каде што ДУИ освои десет пратеници (86.848 гласа), потоа движењето Беса пет пратеници (57.933 гласа), а коалицијата „Алијанса за Албанците“ три пратеници (35.145 глас) и ДПА два пратеника (31.027).
Според анализите, „изненадувачки“ беше резултатот на опозицијата. Првпат во кратката неверојатна и напати бездушна македонска независна историја на контото на опозицијата, рамо до рамо, здружени „Боро и Рамиз“ прокнижија и пребројаа 436.790 гласа, од кои 70.000-100.000 се гласови на македонските Албанци. Така е тоа во геополитичките стратегии и цели.

А на теренот, во нашето живеење има илјади братства и пријателства меѓу Македонци и Албанци, Едно такво беше и нашата соработка со скоро починатиот колега, пријател и побратим, новинарот, публицист, сценарист, поет Аљуш Камбери, со кого низ годините правевме и направивме голем број документарни филмови и ги претставивме на многу фестивали низ светот. Од тие времиња на „креативно коалицирање“, наше претставувања на пресови, интервјуа, ќе остане и еден убав наслов објавен во печатот во бурната 2001 година – „Аљуш ет Аљоша – петит диферанс…“, тренд што ќе продолжи и што треба да се негува и унапредува. Бевме вистински голем тим. Документарците „Ах, Австралија“, „Чедо“, ќе останат траен спомен на висок професионализам, креативност и дружба. Нека ти е светол патот, побратиме. ПОЧИВАЈ ВО МИР.