Ај да рушиме власт бе, пеер!

Кај си бе, пеер? Еве бе, пеер! Што наваму бе, пеер?
И јас бе, пеер, малку низ колумна, гол да ти шетам.
Океј бе, пеер. А ти, пеер, што правиш?
Фарбам шахти бе, пеер!
Зошто бе, пеер?
СВОЗ-акција под паролата „Гомната го возвраќаат ударот“ бе, пеер.
Чекај малку, пеер, може да прекинеме со ова, пеер, пеер?
Народски говор бе, пеер. Карактерна особина бе, пеер.
Може, пеер, да се навреди некој педер.
И тоа што викаш бе, пеер. Може рекет да ни удри, а пеер?
Не бе, пеер, за рекет требаат неколку криминалци, суетен новинар и нека прости ЛГБТИ-заедницата, еден обичен педер, бе пеер..
Па, јас и ти, пеер, сме неколку криминалци бе, пеер.
А суетен новинар бе, пеер?
Кљај ште бље, пљедерљчина?
Еј, пеер, еве и суетен новинар бе, пеер.
Сега ни фали само, нека прости ЛГБТИ-заедницата, уште еден педер.
Хелоууууу, здраво бебо, здраво цуци, здраво маци!
Еве, пеер, сега имаме и, нека прости ЛГБТИ-заедницата, прав педер.
Е па ај да рушиме власт бе, пеер!
Ајде бе, пеер!

И четворицата седнаа да коваат план како да ја срушат власта. Но тоа е заплеткана приказна. Шерлок Холмс, Херкул Поаро и Остин Пауерс не можат да ја отплеткаат. Оти неколку криминалци, суетен новинар и нека извини ЛГБТИ-заедницата, еден педер, ти е гадно злосторничко здружување. Потребен е маж да замавне со својата мудрост за да го раскине овој злосторнички Гордиев јазол. Тоа мажиште мора да и црпнато лично од бога. Да има нечепната жичка. Додека оди и дише, жими деца, никој жив нема да може да смени нечие име или идентитет. Тоа мажиште треба да знае да фрли сидро за да заплови бродот побрзо. Да донесе живот. Да има датум во рака пред воопшто да има датум во рака. Да го направи здравството бесплатно низ цела Европа. Пред него да треперат Илон Маск, НАСА, „Мајкрософт“, „Гугл“ и „Фејсбук“. Да сјае, како сонце да блиска. Да ја донесе вистината. Ете, само таков може да се справи со злото. И би таков.

Замавна со невидливиот меч и со една реченица од својата мудра уста го разби злосторничкото здружување. Таа реченица ќе одекнува до вечноста и назад. Не може неколку криминалци, еден суетен новинар и, нека прости ЛГБТИ-заедницата, еден педер, да ја срушат власта во земјава. Ете ја реченицата. Праведна како Десетте Божји заповеди. Силна како грмушката што гори и не согорува. Помудра од мудроста Соломонова. Реченица што сите идни генерации ќе ја носат во срцето. Реченица што ги руши сите проблеми и неправди. И така започна заевјанството, новата и единствена религија. Вистинскиот пророк, кој со една реченица ги збриша сите еретичките учења. Секој што ќе ја изговори светата реченица на заевјанството може да реши секаков проблем. Еве и примери:

Тато, тато, учителот ми рече дека сум катастрофа за математика.
Не може сине, група криминални броеви, една суетна математика и, нека прсти ЛГБТИ-заедницата, еден наставник педер да те спречат да знаеш повеќе од него.
Попусто човече симнував ѕвездите, ниту ме сака, ниту ми дава.
Нема веројатно да дозволиш група криминални соѕвездија, една суетна кучка и, нека прости ЛГБТИ-заедницата, некој педер што она го сака, да ти ја сруши намерата да ја легнеш.

Мамо, мамо, онаа што се прави најпаметна од сите, кога ќе речам дека сум северџанистанче, ми вика дека северџанистан е зомбифициран фетус од успешен абортус на фригидна жена оплодена од импотентен маж и уште ми вика дека зомбифицираниот фетус сме ние северџанистанците, фригидната жена е нашето заевјанство, а импотентниот маж е меѓународната заедница.

Не може некоја група криминогени Македонци, еден суетен колумнист во чија колумна сега се наоѓаш и, нека прости ЛГБТИ-заедницата, една вообразена осмодоленка педер, да ти ја сруши идејата дека ти си северџанистанче, кое НАТО го брани, а ЕУ го храни.
Така е, НАТО нè брани, ЕУ нè храни. Ама заевјанството нè направи надлуѓе. Неговата света реченица е сидрото што фрлено, побрзо го движи нашиот брод низ океанот на секојдневието. Само една зла сила се обиде да го изгори нашето безгрешно заевјанство. Тоа проклето сонце и неговите злокобни шеснаесет краци. Сакаше да нè изгори. Ама ние го сотревме. Не може група криминални зраци, суетен Кутлеш и, нека прости ЛГБТИ-заедницата, едно педерско сонце, да ни ја сотре божествената сила на заевјанството. И така последната опасност беше изгребана, премачкана, избришана, па затоа сега блескаме.

Чекај малку бе, пеер, а „Рекет“?
„Рекет“ е мит, приказна, урбана легенда. Нашиот блескав лидер често се фаќаше за рекет. Сакаше да игра тенис. Партнер му беше една Ката. Честопати со себе земаа еден Боки. И тоа само од милосрдие. Но, тој не сакаше тенис, цело време малтретираше за пенис. И сакаше да блеска како цар. Да му ја симне круната на нашиот лидер. Педерска работа. А таа работа те прави суетен. Суетата те внесува во криминал. И овој Боки го украде тенискиот рекет на лидерот и го однесе кај група криминалци. Во една бела палата. Таму му ветуваа дека ќе го прават принц. Тие криминалци го дадоа рекетот на еден суетен Русин, на еден најсуетен Путин. И тој го претвори во телефонски разговори. Па ги даде на еден италијански Циган што се преправаше дека е новинар. И така обичниот тениски рекет подаден од милосрдие се претвори во лажен криминален рекет.
И што се случи?

Ех, што се случи? Правдата победи. Нашиот безгрешен лидер ја употреби блескавата реченица. Па не може група криминалци од бела палата, суетен Русин и, нека прости ЛГБТИ-заедницата, еден италијански педер да ја урне блескавата власт. И судот, ЕУ, НАТО и американската амбасада го земаа тоа како крунски доказ за блескава правна држава и безгрешна власт, зашто, јасно е како ден, не може тие да постават и менаџираат корумпирани власт и судство кои се поставени да го спасат светот од злокобното сонце и неговите краци, бришејќи цел еден криминален, суетен и педерски народ.