Академикот Коцарев – инаквото лице во политиката

Академикот Љупчо Коцарев, 56-годишен скопјанец со охридски корени, професор на Електротехничкиот факултет и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“, е новото лице на македонската национална политичка сцена. Од појавата на бомбите на опозиционерот Зоран Заев пред шест години, Коцарев е единствениот што ја разбранува македонската јавност. Но не со афери за прислушување, за криминал или корупција, омилената политичка забава за сиромашниот народ, туку со пристапот кон клучните отворени прашања и дилеми со кои подолг период се соочуваат Република Македонија и македонскиот народ посебно. Неговиот напор да покаже дека во Македонија може да опстојува и друга вистина, поинаква од официјалната, а притоа партиски необоена, колку и да не му се допаѓа некому, е сведоштво дека може да се дејствува и надвор од строгите партиски кафези.
Еден од најцитираните македонски научници, долгогодишен професор на Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего, личност со голем број врски во европски и американски научни кругови, електроинженер – полиглот, од позиција на врвот на највисоката научна установа во државата ги обележува токму оние точки што се на агендата на политичкиот врв што владее со државата. По тие точки, како што е познато, постои незадоволство меѓу граѓаните, а академикот нив ги посочува прецизно, ги објаснува едноставно и разбирливо, свесен и за ризикот на кој се изложува да биде погрешно разбран и толкуван, како што и се случи во некои коментари.
Бомбастичноста на настапите на Коцарев експлодира со тоа што неговите погледи во многу нешта се разликуваат од официјалните ставови, тврдења, изјави, донесени закони и за редица други состојби. Посебноста е во фактот што тие длабоко задираат во актуелните состојби, особено во националното македонско прашање, и укажуваат на опасности и можни штетни последици по Македонците како народ. Во центарот на неговите тези, ако може така да се заклучи, се поинаквите погледи за Спогодбата за пријателство со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија и штетните последици што произлегуваат за Македонија од нив.

Во овој контекст и на оваа тема, научникот Коцарев одржува повеќемесечен политички континуитет и кондиција. Четири детонации со различна експлозивност одекнаа во овој период, а се поврзани со негови активности. Тоа се всушност пишани документи на кои во политичката јавност засега не им се придава преголема актуелна важност, но кои, по некое време, може да станат носечки столбови при изменет политички распоред на силите во македонското собрание и формирање друга власт. Затоа треба да се набројат: Промеморијата на Претседателството на МАНУ од 15 ноември 2020, заедничкиот „Македонски манифест“ од декември истата година, на кој се потпишани тој лично, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, и поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан, Годишниот извештај за работата на МАНУ и реакцијата за можното загрозување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност на Филолошкиот факултет. Петтата бомба одекна по одбивањето на МАНУ да го смени името, но таа спаѓа во друга, посебна категорија на толкување, особено што тој чин некои го прогласија за херојски од негова страна.

Кога ќе се прочитаат и стават во еден комплекс сите документи, ќе се заклучи дека не станува збор за инцидентно мислење, туку за осмислен проект, во чија основа лежи заштитата на македонските национални интереси. Тие не се антиевропски, квалификатив што некои сакаат да им го налепат, туку инсистираат на елементарен патриотизам, состојка што им недостига во политичкиот организам на актуелните властодршци. Поентите на академикот и неговите истомисленици, кои не се малку, може да се сумираат во неколку сегменти. Општата рамка го содржи мислењето дека Македонија во последните неколку години постепено, а особено од 2020 година, стана центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но делумно и поради сличните појави и однесувања во дел од ЕУ-државите.
Тоа се познати факти, нив не ги спорат ниту владејачките партии ниту странските фактори. Она што ја предизвика бурата, што ги разгоре страстите и ја разви полемиката се неговите гледања за односите со Грција и со Бугарија. Имено, Коцарев смета дека по поминатата временска дистанца од потпишувањето на Спогодбата од Преспа, промената на Уставот и имплементацијата на Спогодбата, постои потреба да се разгледаат ефектите низ неколку аспекти. Покрај геополитичкиот (глобален и регионален) аспект, треба да се земе предвид и аспектот на европската интеграција, но и внатрешните аспекти на (не)владеење на правото, демократските принципи, отчетноста и легитимитетот, вклучувајќи го и влијанието врз интра- и интеретничките односи во земјата. Истото тоа се однесува и за Договорот со Бугарија.
Залагањето што го застапуваат Коцарев и неговите поддржувачи е натамошните преговори со овие држави и со Европската Унија да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Се бара да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет; да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности.

Нивна неодминлива препорака е да се држи до фактот дека македонскиот јазик има свој временски вековен континуитет и да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право.
Од горенаведените мислења, ставови, барања и препораки ставени на увид на јавноста и до власта произлегоа реакциите, некои сосема несоодветни, дека Коцарев и дружината се појавуваат како пречка на патот кон Европската Унија. Ако се прави некакво вреднување, ќе се види дека најмногу падна во очи ставот дека договорите со Грција и со Бугарија не треба да бидат табу-тема, не се запишани на камен за да не може да се менуваат. Компарацијата со каменот асоцира на Десетте божји заповеди, кои биле напишани на камени плочи, потоа загубени и никогаш најдени. Контекстот на изреченото од академикот подразбира дека тие договори не се дадени еднаш засекогаш туку, во согласност со времињата и околностите, може да се подобруваат во македонска полза.
Документите зад кои стои професорот стекнат со американско демократско искуство, сума сумарум, се многу поинакви од оние на актуелната власт. Поткрепени со името на Академијата на науките, со потписите на ректорот на Универзитетот и на поглаварот на Македонската православна црква, во секоја нормална демократска држава би биле примани со внимание и почит, не со критика и игнорантско отфрлање. Нивната понуда за отворен дијалог во општеството, затоа што содржи критички погледи, сигурно не им се допаѓа на владејачките кругови, но нивната негација не ја менува состојбата. Љупчо Коцарев со својот научен авторитет и мислечки капацитет отвора нови врати за слободен дијалог, низ кои, евентуално, би минувале општеството и државата.
Во оваа фаза тој, од една страна, може да се означи и како непријател на актуелната власт, како интелектуален дисидент и како отворач на Пандорината кутија, но, од друга, и како еден заблуден Дон Кихот, идеалист што нема очи да ја види реалноста, но е надеж на незадоволниците.

Неговата појава можеби е случајна, можеби е насочена и проектирана од други центри, но, секако, говори дека станува збор за фигура од поголем политички и национален формат. И критиките упатени на негова адреса, како и пикантериите што се шират за неговата интелектуална опкруженост, покажуваат дека е на повидок една поинаква државна стратегија за излез од децениската македонска криза, дефилирана преку научник од висока категорија, со богато меѓународно искуство. Лице што го зборува тоа што го мисли, го мисли тоа што го зборува и држи до својот став, колку и да е тој спроти текот на големата вода. Активизмот на Коцарев ја покажува старата вистина дека сѐ е в ред додека сме сите исти, но проблемот настанува кога ќе се појави некој што е поинаков, особено ако таа инаквост ни ги боде очите и нѐ вознемирува.

Пред македонската јавност е претставено ново лице во политичкиот живот, кадар што по образовна основа потекнува од стар извор на кадри. Тоа е Електротехничкиот факултет во Скопје, техничка наука израсната низ годините во политичка база што дала претседатели на партии и влади, министри, потпретседатели на Собрание, пратеници во истото тоа, ректори на универзитет, добитници на највисоки државни награди и политички функционери во други области. Да наброиме само неколкумина од поновите генерации: Бранко Црвенковски, Благоја Ханџиски, Радмила Шеќеринска Радмила Кипријанова, Христијан Мицковски, Кочо Анѓушев и редица други. Кога можеле тие да направат политичка кариера, зошто тоа да не го стори утре-другиден и главниот актер на овој текст – академикот Љупчо Коцарев. Гледано од денешен аспект, може да изгледа невозможно, но во Македонија, ваква каква што е, само невозможните работи стануваат можни.

[email protected]