Зошто е тајна планот 5+1? (2)

751

За една недела, дури да го завршам мојот коментар за планот 5+1, тој план стана 4+1 и повторно таа вест ја добивме од странство, од Румен Радев, претседателот на Бугарија. Иако во основа скратувањето на планот на 4+1 не е тајна, бидејќи се должи на решението на скратеното име на Македонија, првата точка на планот 5+1, отсуството на комуникација од нашата влада и фактот дека информациите ги дознаваме од странство го засилуваат впечатокот на тајна, темна тајна. И да, Бујар Османи, како министер за надворешни работи, избира за бугарски медиум да изјави дека можеби е добро како што македонската страна сменила два члена на Комисијата за историја, тоа да го направи и бугарската. А во Македонија наративот е дека тие два члена сами се откажале од работата во Комисијата. Кога има толку тајни, спинувања, како македонската јавност да има доверба што, всушност, се преговара? И да се имаат најдобри намери во преговорите, тајноста поттикнува поинакви сомневања!
Скратувањето на планот 5+1 на 4+1 го отвора не само прашањето на содржината туку и методологијата на преговорите. Поранешниот министер Никола Димитров, ваквата методологија на преговори ја нарекува салама-преговори, односно сечкање на проблемите на делови и решавање дел по дел. Како што го завршив претходниот дел, држењето во тајна на планот 5+1 можеби е во деталите, и договорот за добрососедство не звучеше спорно, ама нѐ доведе дотука, до најниско ниво на македонско-бугарските односи. Еве, и за скратување на планот се отвораат две дилеми. Првата е наведенава од Никола Димитров за салама-преговори.

Македонија испрати нота до ООН дека Северна Македонија се однесува на Република Северна Македонија и тоа не претставува основа за територијални претензии спрема други делови на Северна Македонија (Пирин). Демек ние ќе натрупавме 100.000 војска на границата и ќе баравме да ги заштитиме Македонците во Пиринска Македонија. Според Димитров, оваа точка била проблем за Бугарија и решавањето на оваа точка ни дава помала тежина за точките што се проблем за Македонија. Освен ако има поширок и поголем план, со решавање проблем по проблем да се одмрзнат македонско-бугарските односи? Втората критика е дека се отвора преседан личната карта на Македонија во ООН да се дообјаснува со ноти, што може да води кон други ноти, на пример за дообјаснување на македонскиот јазик, кој е дел од личната карта на Македонија во ООН.
Кога го спомнав македонскиот јазик, него го нема во планот 5+1. Според Бујар Османи, го нема бидејќи е веќе решено прашањето дека во ЕУ ќе биде заведен македонски јазик без фусноти и слично, а Бугарија ќе испрати нота во која ја презентира својата верзија на потеклото на македонскиот јазик. Ова е промена од Берлинскиот и Лисабонскиот план, според кој Македонија ќе издадеше нота дека „кодификацијата на македонскиот јазик е направена во 1944/1945 година“. Доколку изјавата на Бујар Османи е точна, тогаш планот бил 6+1 и станал 5+1 со решението за македонскиот јазик.

Така, од планот остануваат 4+1, и тоа прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, плус и вклучување на Бугарите во Уставот на Македонија. Кои се деталите поради кои Владата не го објавува планот, како и одговорите на МНР на планот?
Големата слика е дека решенијата индиректно ќе одат во прилог на бугарската доктрина за ограничување на Македонците и македонскиот јазик временски по 1944-та и територијално само во Република Македонија, а сѐ претходно и надвор е бугарско. Во прилог на тоа одат повеќе решенија. Еден пример е дека ќе го има македонскиот јазик во ЕУ со бугарска нота за нивното разбирање или, кратко, дека пред 1944-та тој бил бугарски дијалект. Рехабилитација на жртвите на комунизмот во превод значи Македонија да признае дека по 1944 година се прогонувани македонски граѓани само поради тоа што имале бугарска самосвест. Или немешање во внатрешните работи на Бугарија, во превод е негација на македонското малцинство во Бугарија. Сето ова треба да овозможи Бугарија дома да каже: Ете, во право сме. Дали остава простор и ние да кажеме дека сме во право? Со малку повисока самодоверба, веројатно да. Бугарска нота дека македонскиот јазик бил бугарски пред 1944 година нема да е прва и не спречила науката и лингвистиката да тврдат дека македонскиот јазик е посебен јазик и има подлабоки корени. И да, веројатно имало жртви на комунизмот во многу помал број од лицитирањето на Бугарија. Немешањето во внатрешните работи е меѓународен стандард и утврден во нашиот устав. Болното, понижувачкото е бугарското мешање во македонските работи. Или Румен Радев парадерски ги прими Бугарите од Македонија и е „многу загрижен“ за нивната дискриминација, а Стево Пендаровски не смее да ги прими Македонците од Бугарија.
Ваквите решенија нема да нѐ укинат како Македонци, но Македонија и Бугарија ќе продолжат да живеат во паралелни светови, каде што Бугарија ги понижува Македонците, што не е основа за добрососедски односи, туку, напротив, е основа за нови спорови, кои ќе ескалираат во историската комисија. Комисијата и говорот за омраза не ги спомнав, бидејќи работата на комисијата ќе биде долгорочна, а за говорот на омраза не е јасен опфатот, дали е само за моменталната, што е оправдано, или го вклучува и „бугарски фашистички окупатор“, што не е оправдано.
И останува +1, Бугарите во Македонија и нивното впишување во преамбулата на Уставот. Ова прашање го внесе Румен Радев, според некои разбирања како плус за Бугарија да попушти на другите прашања како македонски јазик.

Тешко е во овој момент да се оценат долгорочните очекувања на Бугарија и дали тоа значи признавање на Македонците, или отворање нов проблем. Тука прави голема разлика дали измените на Уставот би биле пред симнување на ветото, како што бара Бугарија, или непосредно пред членството на Македонија во ЕУ, кога ќе се менува Уставот за тие потреби, што значително ги намалува ризиците по Македонија. Покрај тоа проблемот е дека Радев за Бугари во Македонија ги смета 120.000 носители на бугарски пасош, а на пописот од 2002-та има малку повеќе од 1.400 Бугари и на бугарските избори правото на глас го употребија само 300 носители на бугарско државјанство, генерално симпатизери на ВМРО на Каракачанов. Ова ќе отвори нов спор, спор за пописот од 2021-та, бидејќи ќе има Бугари многу, многу помалку од тоа со што Румен Радев ја храни јавноста во Бугарија. Така што има доста спорни работи во ова, според Бујар Османи и Али Ахмети, неспорно прашање. Али Ахмети ги спомна и Хрватите и Црногорците, од чии заедници има барање за впишување во преамбулата на Уставот. И тука има голема, огромна разлика. Барањето на Хрватите е засновано и на нивно учество во создавањето на Македонија, но уште повеќе на реципроцитет – Македонците се признаени во Хрватска.
Реципроцитет, нешто што за Бугарија е непознато. Со тоа и со ветото и барањето унилатерално да попуштиме, се чини дека притисокот е само врз нас. Но не е така. Очигледно, поради геополитиката и растечката конфронтација на Запад и Русија, се зголемува притисокот и врз нас, но и врз Бугарија. Еволуцијата на предлозите и новиот пристап на Кирил Петков се знаци на одредено попуштање. Притисокот врз Бугарија е со пристапот до ковид-фондовите на ЕУ, изјавите за признавање на македонското малцинство, како тоа на Михаил Рот, влијателен германски политичар, до можеби отворање на шенген-членството за Бугарија.

За време на заедничката седница на двете влади на Македонија и Бугарија, покрај новиот поттик, дојде и изјавата на Румен Радев, која може да значи повлекување на ветото, на раздвојување на работите што можат да се решат сега и за кои треба долгорочно решение, кои би се решавале за време на ЕУ-преговорите, но не како дел од самите преговори. Ова нема да ги реши разликите сега, но одблокирањето на односите и погледот во иднината може да помогнат да живееме со разликите за минатото.
Оттука, одговорност е на Владата и на Бујар Османи да бидат повклучителни и да ја намалат тајноста на преговорите, во најмал случај да ги вклучат Собранието и опозицијата. И да, Владата да ги објави работите за кои историчарите веќе се согласиле, како Св. Кирил и Методиј, за увид на јавноста што се договора. Без јавност нема решение!

Авторот е аналитичар

#Добрососедство #План5+1
Блог www.megjutoa.mк @sklek