Златна бубамара на радоста

Ранко Петровиќ, алијас Ранко Бубамара, е еден од ретките фраери во Македонија кому му успеало поговорката „сѐ што е убаво кратко трае“ да ја преврти нa глава и таа да гласи „сѐ што е убаво долго трае“. Долго, еве веќе 25 години лета „Златна бубамара на популарноста“, најпознатото, најпосетено, најфалено шоу во оваа наша естрадна, но страдна за среќа земја. Од околу 6 илјади вида бубамари во светот, златната македонска е оригинално креирана, патентирана и брендирана.
Најверојатно дека уште при помислата да му даде име на новото слободно, приватно радио, во согласност со воведениот капитализам во осамостоената држава, сопственикот Ранко Петровиќ се потрудил да го проучи името што го одбрал – Бубамара радио. Или некој го подучил за симболиката на тој инсект, благ по душа, а грабливец по карактер. Во многу култури во светот сметаат дека бубамарата носи среќа, бубалче што исполнува детски соништа и желби и крие радости во крилјата.
Некаде дури милно ја именуваат бубамарата како „птица на нашата мајка“, мислејќи на Богородица, која на првите икони и фрески била прикажана во црвено-црна наметка. Седумте точки на грбот (вклучувајќи го и македонскиот вид) наводно ги симболизираат седумте радости и седумте таги човекови. Да не зборуваме за симболиката на бројот седум, еден од клучните броеви во нумерологијата, кој се појавува речиси во сите среќни комбинации на броеви.
Бубамарата е чедо на летото и топлото сонце, синоним за плодност, се множи експресно и бројно. Во македонскиот фолклор си нашла топло место низ поговорките „лет бубамаро – донеси ми гости“ или „ако видиш бубамара, ќе ти дојдат гости“. Позната им е и на стари и на млади, повеќе на селски одошто на градски деца. Тоа е она бубалче што се зема во раката и на кое му се пее „лет, лет бубамаро, исполни ми желба“, благородна фантазија со желба да се случи нешто убаво.
Во нашиот јазик, бубамарата има и друго име. Тоа име е литмара. Во дијалектниот говор таква погрда се лепи преносно за жена што е лесна во умот, „литмара е жена што кај не ја сееш, таму ќе никне, таму ќе ја најдеш“. Но тоа е друга тема, не се однесува за нашата златна бубамара. Таа не е литмара, летмара или патмара, други имиња што ги носи бубачката. Нашата е златна.

Годинешната, 25-та по ред „Бубамара на популарноста“ навистина донесе нешто убаво, достојно на минатото, традицијата и реномето што го има стекнато. И овој пат, пред да врзе „пеперутка машна“ врз својата бела кошула за да се појави на бината, шефот Ранко и неговата екипа осмислија шоу што ќе се памети.
Мото на годинешното сребрено издание беше „Да оживееме“, со сите негови модификации од „Да живнеме малку“ до „Живот по животот“ и „Живот за време на живот“. И навистина: по сивилото, стравот, депресијата, загриженоста, вакцинацијата, забраните за движење, по сите неволји што ги донесе пандемијата на ковид-19, последното издание беше ода на животот, на радоста, на убавината и љубовта, на мирот, на музиката, хуморот, сатирата, на смеењето донесено до фаза на слатка стомачна болка. И со фрлени маски по две години. Навистина на сите нас ни треба жив импулс, нова надеж, нов замаец што, наместо разочарувања, ќе почне да носи и какви-такви човечки задоволства. Некој природен, органски лексилиум што ќе го лекува уплавот од неизвесноста, професионална, материјална, социјална.
Мнозинството од оние што беа таму во живо, речиси четири часа во преполнетата спортска сала, живееја во друг свет, не во реална Република Северна Македонија. Во друг свет, кој не е Дизниленд, но е поблиску до фантазијата, а далеку од она што е на улица, на работа, дома. Под ласерските рефлектори и психоделични бои на екранот публиката беше пренесувана низ патеки на светлина и шаренила, во една несекојдневна стварност. Четири часа надвор од македонската реалност, далеку од здодевните политички лица и нивните поздодевни говори, далеку од нивните лажни ветувања.
А не е само Ранко број еден во таа претстава. Има и едно друго име, кое не е прво, а е на прво место. Како што Господ бог на почетокот на светот и векот му вдахна дух и од земја го создаде првиот човек, така глумецот Сашко Коцев пред многу години ухна во „Златна бубамара“ и ѝ внесе нов живот, ѝ ги разви белите дробови и го овоплоти духот. Неговите способности за интерпретација на специфичниот хумор, неуморната енергија и непосредност не оставаат рамнодушен никого од публиката.

Без намера некому да му се намалат вредностите и популарноста на другите годинешни добитници на награди и учесници, треба да се каже дека рефлекторите во салата заокружија една светска, а македонска блескава ѕвезда. Пијанистот Симон Трпчески. Награден со титулата музички амбасадор на Македонија, повреден и попознат од сите македонски амбасадори по светот што не ги знаеме а ги плаќаме со наши пари. Колку скромен, повеќе харизматичен, едновремено презентираше виртуозност, висок патриотизам, викан македонизам. И со збор и со изведба. Не случајно неговиот величествен проект го носи името „Македонисимо“, од кој беа отсвирени неколку дела што добија заслужен, долготраен аплауз. Аплаузи и за музиката и за пијанистот, кој низ светот потенцира дека е Македонец и доаѓа од Македонија. Како нетипичен претставник на новата македонска изгубена генерација, Трпчески си го најде местото во светот. А не ја напушта сопствената земја, каква – таква.
Ранко и екипата, речиси низ сите досегашни фестивалски бубамари, низ програмата, доследно држат капиталистичка бизнис-лекција со видливи позитивни остатоци од социјализмот, особено преку вметнувања во програмата на социјални примеси, желби и пораки за вистина и правда. Капиталистички шоу-проект, а сепак со народен пристап. Не случајно една од основните максими што била и останала е дека „Златна бубамара“ е на страна на народот, а против разни мативоди, дрматори, мрчатори, камшикари, криминатори и разни други такви типови и појави.
Шемата е иста, но функционира. Дефилираат на сцената низа автори и изведувачи од естрадни и уметнички дејности, музичари, продуценти, деца, артисти и артистки, балерини, стјуардеси, манекенки, млади таленти и „стари кајли“, заслужни и отслужени ветерани. На менито е неколкукатна торта: ред музика, ред хумор, ред награди, редица изненадувања. Сѐ на куп, ама со мера.
„Златна бубамара на популарноста“ е вкусно, мераклиски дозиран ладен шприцер, сличен на младата македонска демократија. Час благ, час кисел, понекогаш горчлив. Шоуто е едно општество за сите, нема партиски и други поделби, не седат социјалдемократите како левичари на лева, а вмровците како десничари на десна трибина. Не е ниту ДУИ во средина да ги дели, да им држи растојание да не дојдат и до физички допир. Духовитите досетки насочени кон политички збиднувања и личности, маестрално изведувани од Коцев, политичката отворена но шармантна критика се деликатесен специјалитет на оваа високорангирана забава. Шоу составено од нужна илузија, со адитиви за сечиј вкус, за секого по нешто, од 7 до 77 години.
Нема правда – има „Златна бубамара“! Да живее! Смрт на фашизмот, слобода на „Златна бубамара“.

На крајот, уште нешто за бубамарата, колку да се знае. Американската вселенска агенција НАСА во 1999 година пратила четири бубамари и мноштво лисни вошки во вселената за да го провери нивното движење во просторот без гравитација. На бубамарите им биле дадени имињата Џон (Ленон), Пол (Макарти), Ринго (Стар) и Џорџ (Харисон), членовите на „Битлси“. Бубамарите ги изеле лисните вошки дури и преживеале.
„Златна бубамара на популарноста“ сега е на земјата. Можеби, можеби, еден ден, некој иден ден, ќе се најде на некој сателит во вселената како трајна вредност од Македонија, земја, држава што постои или некогаш постоела.

[email protected]