Заслугите на Колишевски, Црвенковски и на Блаже Конески во поновата македонска историја

Македонската кауза од преродбата до независноста

Илинденските денови се датуми нераскинливо врзани со борбата за остварување на македонската кауза, која во својата суштина ја впишала световната и духовната борба за национална самобитност и слобода, за свој јазик, писмо, култура, вера и традиција. Борба почната уште кон средината на 19 век, разгорена во 20 век, а сѐ уште недовршена во 21 век. Од времето на преродбата до деновите на независноста, и оттогаш до денес, македонскиот народ бега од устите на сите сцили и харибди. Иако живее во своја држава и во општество, тој народ до денес не си го нашол пристаништето во мирното море.
Една кратка новинска непретенциозна анализа покажува дека низ таа револуционерна и духовна борба за остварување на македонската кауза поминале неколку генерации во повеќе од стогодишен континуитет. Да ги споменеме само имињата на Димитар и Константин Миладинов, Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Партенија Зографски, Ѓорѓија Пулевски, луѓе што пишувале песни, поеми, дописки, кои составувале буквари и читанки, ги печателе првите македонски учебници за да се описменуваат и возрасните и децата. Граделе цркви и манастири, насликувале фрески и твореле икони на светители.

Борба со збор и со пушка
Нивното македонистичко дело го прифатија и низ револуционерна борба го продолжија припадниците на илинденската генерација, многумина и самите организатори и учесници во Илинденското востание во 1903. Гоце Делчев е сигурно врвот на таа генерациска пирамида, чии темели ги градеа Даме Груев, Ѓорче Петров, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Пере Тошев, Христо Матов, Васил Главинов, Никола Карев, Питу Гули, Јане Сандански, солунските гемиџии и други знајни и незнајни јунаци на тие битки. Слобода, автономија, создавање посебна држава за Македонците, беа идеалите на тие херои на своето време.
Во борбени услови духовниот крст го кренаа и Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Војдан Чернодрински, Арсениј Јовков и плејада интелектуалци, учители, публицисти и уметници. Ако не со оружје тогаш со збор, со статија, со книга, со песна се приклучија кон идеите за национално ослободување, за конституирање на македонска држава. Со својата книга „За македонцките работи“, Крсте Мисирков го крена високо факелот на посебноста на македонскиот јазик, затоа му ја запалија книгата властите во Софија. Чуповски македонското светло го ширеше од руски Санкт Петербург. Чернодрински својата драма не случајно ја наслови како „Македонска крвава свадба“.
Македонското дело не застана ни меѓу двете светски војни. Во тој период низ разни документи на светската интернационала, македонскиот народ го доби своето признание како народ што постои, ја потврди самостојноста на сопственото име и правото дадено од другите народи да формира сопствена држава. Македонското име стана меѓународно име.

АСНОМ на темелите на Илинден
Врз темелите на Илинден, инспирирани од идеалите на своите претходници, македонските партизани и комунисти се вклучија во антифашистичката коалиција во Втората светска војна и ја поведоа борбата против бугарскиот окупатор во Македонија. Таа илинденска тесна врска ја потврдија со тоа што на партизанските одреди им ги даваа имињата на славните илинденци. Низ крвава епопеја ја освоија слободата, со заседанието на АСНОМ во 1944 ја оформија својата држава, го остварија вековниот идеал на своите сонародници. Давајќи 24 илјади жртви, 66 народни херои, македонскиот народ, во рамките на Југославија, ја круниса својата самостојност, дефинитивно се запиша во мапата на народите. Со АСНОМ се заокружи континуитетот на едновековната македонска преродба и националноослободителното движење, остварена е националната кауза.
Вреди да се споменат имињата на оние што го дадоа животот и имињата на оние на кои им беше одземен животот на суров, ѕверски начин. Кузман Јосифовски-Питу, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Цветан Димов, Мите Богоевски, Стив Наумов, Боро Џони, Блгоја Мучето и Вера Јоциќ, Невена Георгиевска-Дуња и ред други, кои водеа борба со бугарската окупаторска војска и полиција.

Златниот период на Македонија
Времето по Втората светска војна е златниот период на македонскиот народ. Се создава македонска држава и нов општествен поредок, кој ќе овозможи целосна афирмација на националната самобитност, култура и јазик. Се создаваат национални институции на македонскиот народ, кодифициран е јазикот, објавена е азбуката, народот крена глава од Бугари, од Срби и од Грци. Конечно се кристализира свеста за самобитноста, се крена образовното и културно ниво на населението.
Македонските хроники од тој период бележат многубројни значајни личности во политиката, културата, духовниот живот. Без да се омаловажат заслугите на другите, сепак, се издвојуваат три имиња и презимиња што во социјализмот и во југословенската држава ја зацврстуваа македонската кауза. Тоа се Лазар Колишевски, Крсте Црвенковски и Блаже Конески. Првите двајца високи комунистички и државни функционери, третиот не бил ниту политичар ниту функционер, тој својата наука ја држеше далеку од тие брановити предели.
Лазар Колишевски и за време на животот, а особено по него, е една од критикуваните личности, особено за антидемократско владеење. Меѓутоа нему не може да му се најде ни најмала дамка по македонското национално прашање. Иако од бугарските и од некои домашни кругови, намерно и со злоба, му се припишува(ше) србоманство, Колишевски е еден од поголемите политичари патриоти во Македонија. Тој беше на чело на државата кога се оформуваа сите национални институции со македонски предзнак: македонски универзитет, македонски народен театар, македонска опера и балет и сѐ друго со тие предзнаци. (Напомена: зборот „македонски“ е избришан од овие институции од Зоран Заев како претседател на Владата на Република Северна Македонија, осумнаесет години по смртта на Лазо). Ако Димитар Влахов бил иницијатор, Колишевски бил главниот реализатор моштите на Гоце Делчев да бидат префрлени од Софија во Скопје, во главниот град на слободна Македонија. Самиот тој чин е потврда што ги урива сите бугарски теории за делото на Делчев. И тогаш и сега. Колишевски е и главниот посредник за добивање автономија на Македонската православна црква од Српската во 1958 година. Секој што денес би ги читал говорите на Колишевски по разни поводи ќе се сретне со еден возбудлив учебник по македонизам, по патриотизам, по одбрана на слободата и националното дело.

Непоколебливо за македонското прашање
Крсте Црвенковски, народен херој од Прилеп, беше на политичкиот врв на Македонија во шеесеттите години од минатиот век, а уживаше голем авторитет и во високата југословенска политика. За негово време, иако комунист по убедување, со негова поддршка, Македонската православна црква ја прогласи својата автокефалност. Црвенковски е еден од иницијаторите и реализаторите за основање на Македонската академија на науките и уметностите, врвната научна институција на македонската држава. Да не ги набројуваме другите дела, да ја наведеме само уште неговата упорна и успешна борба за вклучување македонски офицерски кадар во Скопската армиска област, вклучувајќи и команданти на истата таа.
Црвенковски голем дел од својата кариера посвети токму на одбраната на македонските интереси во споровите со комунистичка Бугарија, со Тодор Живков и со други високи комунистички бугарски функционери. Иако со Колишевски за многу прашања беа со различни погледи, дури и лични непријатели, сосема блиски беа по прашањето за македонско-бугарските односи. Обајцата беа цврсти и непоколебливи. Нивните цврсти ставови беа дека не сме народ без сопствени корени, без сопствена историја, без сопствена култура и ги спречуваа обидите за негирање на идентитетот, јазикот, името, сеедно од каде и да доаѓаа како рецидив на балканските анахронизми.
Меѓу македонските национални светилници, секако, е Блаже Конески, кодификаторот на македонскиот јазик, авторот на македонската граматика и на други дела од областа на науката и литературата. Тој е првиот претседател на МАНУ. Неговото име нема да загине и можеби и затоа што и во новите спорови со Бугарија на тамошните лингвисти им се крева косата, им расте притисокот кога ќе спомне неговото презиме. Блаже Конески не е народен херој од војната како Колишевски и Црвенковски, тој е македонски херој во јазикот и во народот.
За крај, на тој краток список, со извесна резерва, би го додал и претседателот Киро Глигоров. Познавајќи го лично, водејќи често долги и корисни разговори, го сместувам во категоријата борец за каузата, меѓу големите македонски патриоти, дури и националисти, во мека и млака смисла. Но сметајќи дека нема соодветна дистанца, моето мислење може да биде не баш најточно. Дотолку повеќе што последниве пет-шест години е направен целосен пресврт во употребата и значењето на термините патриот националист. Вториот термин стана големата „баба рога“ со која се заплашуваат патриотите. Дури и актуелната власт се труди да го задуши и запре нивниот глас, лепејќи им етикети на националисти.