Заевизмот, истрошена приказна за едно лажно политичко месијанство

Приказната за заевизмот и соочување со лажното политичко месијанство на еден политички лидер е со цел да ги оставиме духовите на минатото зад
себе, за да не се вратат и да нѐ прогонуваат. А дотогаш?

Заев си замина од политиката. Но Заев зад себе остави неколку опасни наследства за демократијата во Македонија. Прво, тој покажа дека е можно да се дојде на власт и по изгубени демократски избори со помош на надворешен фактор, а потоа да се поткопа и обезличи државата одвнатре. Во исто време, тој покажа дека за да се остане на власт, изборниот процес може да се делегитимира преку уцени, лаги, лажни вести, употреба на контролирани медиуми, лојални социјални мрежи, притоа сатанизирајќи ја секоја поинаква критичка мисла. Заев ја трансформира „државотворната партија“ во култ на личност, предодредена да се распадне во моментот кога ќе ја изгуби власта. Затоа и се одржува на власт по секоја цена. Заев направи искривувања на реалноста преку концептот на лажни вести и „алтернативни реалности“. Тој беше егоцентричен прагматичар, послушник без конзистентна идеологија, слуга на туѓи интереси.
Точно, Заев не елаборираше идеологија, но со своите политики генерираше парадигма, екстремно авторитарна идеолошка референтна рамка, која, во исто време, беше дел од глобалниот авторитарен тренд дискредитирајќи ги демократијата и неговиот лажен концепт на инклузивно општество (читај, едно општество за сите). Заев ќе остане запаметен како единствен редок модел на политичар за кого концептите на национален и државен суверенитет се застарени, негирајќи го инклузивното чувство за национален идентитет како критично за одржување успешен модерен политички поредок. Заев креира, без извинување, форма на историска амнезија преку губење на чувството на национална припадност со бришење на историската свест на македонскиот народ за својата етногенеза и закопаните сеќавања за вредноста на индивидуалниот и колективниот отпор на тој народ против неговото системско историско угнетување и негирање. Затоа без проблем се испазари за името на државата и идентитетот на македонскиот народ со нашите соседи, обезличувајќи нѐ, продавајќи ја нашата историја. Со Заев како политичар имавме работа со инстинкти и импулси водени од поданичката желба да се задоволат неговите господари што го донесоа и одржуваа на власт, наместо на народот.

Заев беше она што се случува кога не успевате да ги разберете националните интереси во надворешната политика, нашите глобални проблеми во нивниот меѓусебно поврзан системски контекст, а особено кога имате скромни познавања на историјата и немате чувство за национална припадност. Иако неговото владеење изгледа како нарцисоидна реакција на еден пазарџиски ориентиран политичар, тоа не ја засенува улогата на неговите следбеници во поддршката на системот што ги инкубира проблемите на кои негодувавме сиве години на неговото владеење.
Појавувањето на Заев во македонската политика сигнализираше забрзана промена во македонскиот политички поредок што се распаѓа. Заев замина, но заевизмот остана како непријател на демократијата. Со неговото заминување не е срушена империјата на злото што ја изгради. Во својот задгробен живот, заевизмот продолжува да ја саботира демократијата во име на владеењето на една поразена политичка опција и неговата единствена крајна точка е тиранијата на авторитаризмот. Како антидемократски етос, заевизмот отвори политичка бездна во која секој обид за обединување на нацијата изгледа речиси невозможен. Заевизмот останува наш уникатен бренд на политичка грдотија – вкоренет во авторитаризам, исклучителност, непромисленост, ароганција, предавство на националните интереси и многу глупост. Заевизмот продолжува да опстојува надвор од логиката на политиката. Да, можеби посакувавме заевизмот да биде поразен, како домашен непријател. Но реалноста бара да го сметаме за хронична состојба на македонскиот политички живот – не како вирус што може да се стави во карантин, а можеби и да се излекува, туку болест на животниот стил вкоренет во заробен начин на размислување.
Заевизмот е гнилото ткиво на македонската политика, кое продолжува да живее низ неговите следбеници. Заевизмот е и излив на малограѓанство, сервилност, поданички менталитет и провинциска агресија на неговите следбеници кон „аутсајдерите“, поточно кон сите други што не припаѓаат на нивната тајфа и се перцепирани како закани. Заевизмот е поддршка и следење поради незнаење, недоволна информираност или дезинформираност за прашањата од национален интерес. Тоа е ефектот Данинг-Кругер, каде што проблемот не е само во погрешнaта информираност туку во целосната несвесност дека сте дезинформирани. Затоа заевистите како зомбирана армија од љубители и следбеници на култот на Заев останаа шокантно молчаливи пред националното предавство со промена на името на државата и нејзиното идентитетско обезличување.

Заевизмот со новата влада продолжува да опстојува како спојување на моќта, репресијата и корупцијата обликувајќи ја јавната свест и поткопувајќи ја, ако не и уништувајќи ја секоја институција што некогаш имала авторитет до одредена мера на одговорност. Заевизмот без Заев манифестира форма на моќ на стероиди, со намера не само да ги зароби државните институции за лична и политичка корист туку и со цел да ги редефинира и контролира јазикот, социјалните медиуми и популарната култура како начин за празнење на политиката од која било супстанција, претворајќи ја во грд спектакл. Истовремено тој ги редефинира корумпираните односи на моќ, флагрантно покажувајќи неморално и криминогено однесување и нескромно мавта со замките на авторитаризмот уништувајќи го секој остварлив поим за споделени вредности и национално единство. Заевизмот успеа да ги трансформира суштинските човечки врски во врски на недоверба и страв. Приказната за Заевизмот и соочување со лажното политичко месијанство на еден политички лидер е со цел да ги оставиме духовите на минатото зад себе, за да не се вратат и да нѐ прогонуваат. А дотогаш? Дотогаш ќе работиме на демонтирање на заевизмот и неговите апокалиптични визии за иднината на државата и нејзиниот опстанок. Секој на свој начин.