За шарлатаните и нивниот однос кон македонскиот идентитет

Во време кога македонскиот идентитет којзнае по кој пат е жестоко негиран од соседите, кои „ред се редат мале“, нашиве „врвни зналци“ на историјата и археологијата, почнувајќи од контроверзни политичари со криминални досиеја, назначени за специјални пратеници во преговори за прашања за коишто немаат никакви знаења, до археолози пилиштарци на коишто бугарските колеги многу лесно им подметнаа кукавичино јајце (карта на Македонија на бугарски јазик во каталогот по повод 100 год. од златните погребни маски од Требеништа), што беше јасен предвесник на бугарските вета, резолуции итн. што набргу ни ги испорачаа, до директорка којашто дозволи археолошкото културно наследство да се користи како алатка за евтино одбележување на новогодишните празници. Имено, вработените во Археолошкиот музеј, наместо да подготват пригодна изложба (а зошто би се мачеле?), на главите и косите на оригиналните археолошки скулптури само им навреле и вовреле црвени капчиња и панделки!?!? Арно ама заборавиле да врзат црвени панделки на половиот орган на машките статуи и со тоа целосно да бидат во духот на декадентната Европа, којашто Дедо Мраз го прогласи за геј, а христијанскиот празник Божиќ што речиси два милениуми се слави во целиот свет, зa навредлив празник во Eвропа. Коментарот и прашањето на колешка од Хрватска за овоj „изум“ на вработените во Археолошкиот музеј беше: „Колку години има директорот на Музејот – да не е можеби сенилен?“. Велам на вработените, зашто ако директорката била сенилна (со долги коси и куса памет), некој поискусен или описменет требало да отвори уста и по цена на губење на…

За волја на вистината, злоупотребата на културното наследство почна во времето на „култниот“ археолог Паско Кузман, којшто дозволи оригинални антички скулптури, со години, наместо два месеца, како што нѐ излажаа, да бидат изложени на влезот од зградата на Владата, што некако може и да се разбере, оти беше одговор, иако несоодветен и штетен, на негирањето на македонското име и идентитет, за да биле зачувувани!?! Колку што може да се види од објавеното видео, и дел од „скулптурите на Владата“ се со наденати црвени капчиња на главите – веројатно како награда што без капчиња преживееја и ги издржаа штетните влијанија од издувните гасови и од скопската (изгор – лето, кочан – зима) клима.
Во секоја нормална држава, каква што не сме, културното наследство е светост, зашто е доказ за идентитетскиот континуум и опстојба на народот на таа земја, со сите неизбежни преобразби низ вековите. Имено, и веќе обликуваниот идентитет е во недовршен процес, започнат во дамнешни времиња, трае и се дополнува до најново време, надградувајќи се на претходно наталожени култури, надоврзувајќи се и на најдалечните предци од прадамнина до ден-денес. Затоа идентитетот најмногу се препознава во културното наследство и се докажува со јазикот, т.е. со слоевити поими, изреки и сл., коишто, преземани едни од други низ вековите, го одразуваат мисловниот светоглед дури и на најдалечните предци, а ние денес ги користиме.
И по ова што да се каже за односот на поединци кон нашиот идентитет? Одговорот е јасен ко бел ден и го покажува нивото на нашата, во прв ред, политичка (не)култура и (не)укост, свесно уништени од криминогениот политички систем, којшто најпрво го урниса образованието, така што во сите сфери на општеството завладеаја невиден аналфабетизам и дилетантизам. Со тонењето на нашиот образовен систем, неминовно беше формално, а не суштински образовани поединци да станат професори, дури и академици, директори на културни и научни установи, министри и да ја водат државата (во неповрат), а со јавната сцена да владеат самопрогласени аналитичари, експерти, често остручени само со неколкудневни курсеви.

Та така, нашиот специјален претставник во преговорите со Бугарија да ги разбираше римските историја и право суштински, за што е неопходно знаење на латинскиот јазик, ќе знаеше колку макотрпно се создава држава и како се брани народот којшто ја создал. Имено, Римјаните, чијшто правен систем фактографски им го предава на студентите, од мал град-држава, какви што беа хеленските градови-држави, со труд, но уште повеќе со тврдоглава упорност создале држава на целиот Апенински Полуостров, нешто што на, од современиве Европејци толку воспеванитe Хелени, не им успеало. А Римјаните успеале бидејќи никогаш не се откажале од себе и од својата татковина и ја бранеле државата дури и тогаш кога имало изгледи за успех помалку од еден промил. За оние што знаат, доволно е да се споменат само Пунските војни, кога половина од населението на Полуостровот изгинало, како и прочуената изрека Hanibal ante portas (доказ за јазично наследство од најдалечни предци), a за оние што не знаат крајно време е да се воведат вечерни курсеви за историско образование, какви што имаше по Втората светска војна за описменување, ама овој пат не за народот туку за псевдонаучниците.
А уште поважно, специјалниот пратеник ќе знаеше дека темелите на современото меѓународно право, а со тоа на меѓународните односи (т.е. на дипломатијата, кажано со современ јазик) ги поставија Римјаните, та затоа западноевропските држави се правни држави – втемелени на ratio, за разлика од државите создадени на Истокот – територија на ориенталниот мистицизам.

Затоа специјалниот пратеник не можеше да биде сведок во судски процес на Хашкото обвинителство, коешто, за разлика од нашиве судови, не прифаќа сведоци што биле обвинети за криминални активности, осудени па „амнестирани“ од нашиве пишман-судии, биле во притвоp и исклучувани дури и од матичната партија во чие име правеле криминогени дејанија, па враќани којзнае со каква цел и за каква цена, и да не набројуваме повеќе. А пак барем малку да знаеше историја, немаше да договора менување на учебниците и ќе знаеше дека учебниците не ги пишуваат и менуваат политичарите туку историчарите, во согласност со новите научни сознанија, а не според желби на соседите. А тоа што академиците (историчарите), како што вели, „говорат во свое име и прават штети“ само покажува дека има професионалци коишто се борат против лаичко и пазарџиско толкување на историјата од вакви „зналци“, за коишто сонародниците во соседните земји се „таканаречено македонско малцинство“!!!
И затоа време е вакви неспособни, необразовани, дури и агресивни шарлатани и хохштаплери, коишто очигледно не се препознаваат себеси во македонскиот идентитет, а коишто ја зазедоа политичката и севкупната општествена сцена, сами да отстапат пред вистинските професионалци, а ако не се повлечат, да бидат тргнати од јавната сцена. Нивната заслепеност со ЕУ и верноста кон „западните“ вредности, како единствено правилни и вечни, слободно можат да си ги задржат за себе и да си ги негуваат по дома.