За Хрватите, како силни поддржувачи на македонската самобитност и државност

Хрватите отсекогаш ја поддржувале и уважувале македонската самобитност и државност и имале длабок респект за македонското историско и културно наследство. Доколку некој не се согласува со искажаното, може слободно да ја пронајде и прочита книгата „Хрватите во високообразовниот и културниот живот на Македонија во 20 век“

Во делот на преамбулата каде што се вели „македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, бошњачкиот народ и другите, кои ја преземаат одговорноста за сегашноста и иднината на татковината, свесни и на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена македонска држава и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сѐ што е вредно од богатото културно наследство“, некако, како да недостига… хрватскиот народ… Зошто го имам тој впечаток?
За барањата на македонските Хрвати, критичарите ќе посочат дека отворањето на македонскиот устав секогаш било контроверзно, особено денес кога Софија постојано се заканува дека нема да го отстрани ветото доколку Бугарите не бидат впишани во македонскиот устав, барање што многумина го протолкуваа како обид за бугаризација на Македонија, но да го оставиме ова за друг поволен момент и да се навратиме на Хрватите. Немаме намера да навлегуваме во материјална расправа дали хрватскиот народ треба или не треба да биде дел од преамбулата на македонскиот устав. Ниту пак имаме намера да дискутираме за оправданоста на барањето Хрватите да бидат застапени во сите раководни места на државно и на локално ниво, зашто ние сметаме дека меритократијата треба да биде суштинскиот принцип на македонското општество, а не етничката или верската припадност, но за ова повторно во друг поволен момент.
Да не трошиме повеќе зборови и да се насочиме кон суштината. Без разлика дали некому ќе му се допадне или не, без разлика дали формалноправно хрватскиот народ ќе биде дел од преамбулата на македонскиот устав, Хрватите отсекогаш биле едни од најсилните поддржувачи на македонската државност и заштитници на македонското историско и културно наследство. Доколку некој не се согласува со искажаното, може слободно да ја пронајде и прочита книгата „Хрватите во високообразовниот и културниот живот на Македонија во 20 век“. Во неа можеме да ги прочитаме имињата на познати и признаени историчари, физичари, хемичари, медицинари, правници, економисти, градежни инженери и архитекти, композитори, диригенти, оперски пејачи, режисери, писатели и сѐ така до бесконечност, кои учествуваа во поставувањето на темелите на современата македонска држава. Нивното значење е уште поголемо, ако се земе предвид дека Хрватите беа меѓу творците на македонските институции што се суштината на секоја држава.

Со изреченото немаме намера некому да му се допаднеме, само ја говориме вистината. Скопскиот католички бискуп Смилјан Фрањо Чекада проповедал правда за сите луѓе без разлика на нивната народност или раса. Чекада останува запаметен во светската историја како праведник меѓу народите бидејќи се обидел да ги спаси Евреите во Скопје од депортација во концентрационите логори од страна на бугарските окупаторски власти, меѓу другото спасил и неколку еврејски деца од сигурна смрт. Стјепан Антољак е еден од творците на македонската историографија, дава голем придонес во проучувањето на македонската средновековна историја. Ино Перишиќ е диригент на Операта и балетот при Македонскиот народен театар во периодот 1956-1965 година. Станко Липша останува запаметен како оперски пејач што повеќе од три децении бил носител на баритонскиот репертоар на Операта при МНТ. Иван Микулчиќ бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје, раководител на Институтот за историја на уметноста и археологија во текот на десет години, продекан за настава на Филозофскиот факултет и со негово залагање се оформи насоката Археологија како посебна програма. Ана Липша-Тофовиќ влегува во историјата на македонската култура кога на 4 август 1961 година го одржува концертот во црквата „Света Софија“, со што се означи раѓањето на културната манифестација „Охридско лето“. Михо Чакеља останува запаметен како архитект на Зградата на Ибни Пајко во Скопје, како и на други архитектонски дела, како што се неколку термо и хидроцентрали во Македонија.
Реалноста говори дека без разлика дали ќе биде внесен или нема да биде внесен хрватскиот народ во преамбулата на македонскиот устав, Хрватите секогаш имале храброст пред европската и светската јавност да преземат одговорност од дадената своја поддршка за сегашноста и иднината на Македонија и имале одговорност за активно учество за зачувување и развој на македонското историско и културно наследство.