За енергетиката во Македонија – потребни се итни промени и акција

Повод за да го напишам овој коментар се информациите што ги читам или гледам во некои јавни медиуми во врска со состојбите во енергетиката во Македонија.
Со оглед на моменталната енергетска криза, во јавноста се појавуваат разни коментари на политичари, експерти, новинари и други. Но најголемиот број од нив се неупатени или малку упатени во енергетската проблематика. Некои од нив велат дека е потребно да се направи стратегија за развој на енергетиката на Македонија за следните 20-30 години. Веднаш да кажам дека таква стратегија постои и може да се симне од веб-страницата на Министерството за економија https://economy.gov.mk/. Точниот наслов е „Стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година“, со датум од октомври 2019. Стратегии за развој на енергетиката во Македонија се правени во минатите неколку децении на секои пет години. Притоа беа организирани јавни расправи на нацрт-верзии пред да се донесат финални верзии. Вакви стратегии се направени во минатите неколку децении. Јас имав забелешки за некои од нив, но, сепак, тоа се корисни документи. Ако се почитуваше тоа што беше предвидено со нив, моменталнава енергетска криза кај нас ќе беше во многу помали размери. На пример, во сите минати стратегии беше предвидено да се гради хидроцентралата Чебрен, инвестиција од околу 400 милиони евра. Претходните влади (а и сегашната) бараа странски инвеститор или стратегиски партнер, а тој износ (приближно) ќе се потроши за купување скапа електрична енергија само во оваа година со пари од буџетот на државата. Значи, ем потрошени пари, а нема хидроцентрала.

Постојат и други документи во врска со енергетиката во Македонија што може да се преземат од Министерството за економија, како на пример: „Програма за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025 година“ (март 2021), „Национален акциски план за енергетска ефикасност“ (септември 2021) итн. Значи, познато (напишано) е што треба да се прави во енергетскиот сектор, но реализацијата на плановите е катастрофална. Причините за ова се како и сѐ друго во државата: слаба организација, недоволно стручен кадар, непотизам, партиски вработувања, не постои систем на вредности, можни појави на криминал (тендери) итн. Ова трае веќе неколку децении.
Во Република Македонија енергетскиот сектор го покрива Министерството за економија, кое има вкупно 14 внатрешни сектори. Значи, енергетиката е еден од тие 14 внатрешни сектори во министерството. Ова е само една причина за несоодветниот пристап. Секторот за енергетика има околу десет вработени, а според еден од горенаведените документи: “… овој сектор има претежно неискусен персонал, кој не може навремено и ефикасно да управува со спроведувањето на мерките“.

Во Република Македонија постои Агенција за енергетика, чија мисија е учество во подготовка на енергетски стратегии, развојни планови и програми, спроведување на мерките за зголемена енергетска ефикасност и употреба на ОИЕ. Но Агенцијата нема доволно човечки ресурси (има 11 вработени) и недостига технички персонал (инженери). Од веб-страницата на Агенцијата може да се преземат разни корисни документи: закони, правилници, уредби, стратегии. Но и овде реализацијата на плановите е слаба.
Потребно е да се направи подетална анализа на состојбите во енергетскиот сектор и да се разгледа потребата од постоење на посебно министерство за енергетика. Со оглед на тесната поврзаност на енергијата и климатските промени, кои се (и ќе бидат) огромен проблем во следните децении (веројатно и столетија), предлагам да постои министерство за енергетика и климатски промени.

Д-р Ристо Цицонков

Авторот е редовен професор на Машински факултет – Скопје