Воскресение од друг вид

Морална и лична обврска да напишам некој збор за најголемиот христијански празник, Велигден, практично немам. Како еден од попишаните административно и во заграда, припаѓам на едно од најмалите малцинства кога станува збор за религиската сфера. Што не значи дека сум неука и не го познавам учењето на Стариот и Новиот завет, исламот итн. Се разбира, во овој миг ќе ги оставам верниците со радост да ја дочекаат веста, како секоја година во ова време, дека Христос воскресе, и ќе им посакам спокој, иако самата не можам да го досегнам. Идејата за Воскресението, за победата на Животот над Смртта, за Надежта – сето тоа ја трансцендира и самата суштина на празникот – бидејќи е универзална. Ја среќаваме во различни форми, на индивидуално, национално, па и културно и метафизичко ниво. Како љубител на литературата, зборот воскресение редовно ме асоцира на младите години кога ги „голтав“ класиците, а меѓу нив и истоимениот роман на Толстој. Поради него, тој ќе биде протеран од редот на верниците и ќе биде прогласен за еретик од црквата. Неговиот „грев“ е острата критика на руското општество во 19 век, во кое за припадниците на различните општествени слоеви важат инакви морални стандарди, богатите можат да бидат развратни, а на сиромашните и најмалиот грев не им се простува, ами ги жигосува и прави недостојни. Преку ликот на кнезот Нехљудов, Толстој сепак ја изразува вербата дека дури и нечесните и подлите луѓе, со силна волја и покајување, можат да „воскреснат“ за време на живот и да почнат нов, морален живот. Но романот „дише“ со социјалистички, радикални идеи, кои удираат во темелите на гнилата империја. Каков само материјал денес лежи пред некој нов Толстој! И какво само воскресение ни е потребно!

Туку, во овој момент мислата не ми е поврзана со слабостите на човечкиот карактер и можноста од внатрешна преобразба, соочување со сопствените гревови и злодела и постојаната битка да се биде подобар, подоблесен и за своите најблиски и за заедницата. Верувам дека корените на злото не се во Човекот, туку во Општеството засновано на моќ, превласт, доминација, хиерархија и социјална неправда. Општествените поредоци имаат свои (божем) вредносни и морални компаси, со кои потоа се легитимираат институциите, политиките, образованието, историските наративи, традициите и визиите за иднината. Во нивното моделирање, се разбира, учествуваат моќните, дури и кога се носат во името на „народот/граѓаните“. Демократијата и изборите сѐ повеќе имаат гола ритуална улога, далеку од тоа да се механизам на суштинско влијание одоздола. Во така дефинираниот контекст се наметнуваат критериумите за тоа кој е херој, а кој страшливец; кој е патриот, а кој е предавник; кој е олицетворение на националните вредности, а кој е тој што ги посрамува (и затоа треба да се казни). Се разбира, тие не се фиксни, контекстот се менува (без длабоката суштина да се промени) и осцилира во различни периоди, во зависност од односот на силите и надворешните влијанија. Нештата можат површински да се променат, па дури и историјата да се ревидира, а одредени личности да преминат од една во друга категорија. Ова е непрекинат и глобален процес, па нема потреба да се трескаме од земја дека е (само) балкански или македонски.
Веќе доаѓам до поентата за „воскресението“ на некои духови и личности од минатото за кои сме мислеле дека си го нашле соодветното место и во историјата и во сегашната визура на нивното дело. Скандалот во Битола, т.е. свеченото и официјално отворање на божем културен клуб со назив „Иван Михајлов ВМРО“, со видливо присуство на македонската полиција и на бугарските државни претставници, заедно со видливото отсуство и безгласност на нашите официјални лица, е само еден од примерите на повампирување на неофашизмот.

Дали е поттикнат однатре или однадвор е неважно кога се гледа синергијата, а и заднината. Нашите „заспани убавици“ пуштија глас ден потоа за да го осудат ликот што доби ореол на светол симбол на Бугарите во Македонија (бугарските Македонци, или обратно беше?) и на „мајка Блгариа“, а историјата го познава како фашистички колаборатор. Апологетите на власта тргнаа во потрага по изворот на злото во претходната влада на Георгиевски и Груевски, заборавајќи да побараат одговорност од оние што денес се на чело на државата. И така завршивме со играта „држете го крадецот“, „во него е шугата“, „тој е виновен и тој прв почна“. И така до губење од вид и на суштината и на поширокиот контекст. Некаков темен објект, во речиси готски стил, во кој е поставен „културен центар“ на кој му се поклонија првите луѓе на бугарската влада, иако срамен и болен чин на сместување на Гоце до Ванчо, реално нема никакво влијание врз поединечните животи, но одекна силно покажувајќи на што сѐ се подготвени властите во својот поданички и вазалски однос и кон Софија, но и кон Брисел и Вашингтон. Малкумина се осмелија да ги поврзат точките на нашата проевропска и проатлантска траекторија, која во континуитет укажува на едно молчаливо прифаќање на сите фашизоидни барања, кои се косат со нашиот државен и национален наратив дека сме биле и останале на страната на антифашистичката коалиција, и како општество/народ/држава сме биле и останале на вистинската страна на историјата. Всушност, дека имаме право на самоопределување и респект како сите други народи и држави. Најпатетични се оние што го потпишаа Преспанскиот договор, а во него не видоа никакво зло ни фашизам, ама сега божем ги заболе за Ванчо Михајлов и некоја Јотева, која среде Битола и Охрид вели дека Македонци не постојат. Фашизоидните барања на соседите (а во име на западни интеграции) станаа внатрешна политика, станаа самонаметнат фашизам во кој ни го менуваат потеклото (каде сме биле родени), ни ја менуваат историјата, сеќавањата, цензурираат сѐ што можело да го наруши добрососедството со држава што Георги Димитров го смести меѓу ѓаволите, а Ванчо Михајлов меѓу славните синови, која своето фашистичко минато и окрвавени раце ги мие низ ходниците на Брисел и со прст покажува на некои „други фашисти“.

Накратко, Бугарија во својот антикомунизам стигна до нов вид тоталитаризам и „администрирање“ со „најромантичниот дел на нејзината историја и територија“. Од нас се бара не само почитување на правата на бугарските неофашисти, македонски граѓани (2.000-3.000 на број според пописот), не само нивните етнички и човечки права, туку и идеологијата што би требало да биде загрижувачка за една (божем) европска Бугарија. А ЕУ ни да трепне, зафатена со прифаќањето на набрзина начкрабаниот прашалник на Украина (оној што ние го пополнувавме цела година со цел секретаријат, во време на мир). ЕУ не гледа фашизам, не слуша за фашизам и не се тревожи од фашизам, особено ако е геополитички коректен. И се вооружува и како нобеловец за мир бара уште повеќе војна и крв. Волкот влакното го менува…
Уште подиректно: додека добрите верници мислат на воскресението, јас сум преплашена од глобалното повампирување на фашизмот. Апсолутно е небитно кој прв почна и кога почна. Можеби Втората светска војна и никогаш не завршила (оваа теза ја изложував во научни трудови во однос на Студената војна: таа ниту беше она за што се претставуваше ниту некогаш заврши): империјализмот само го менува рувото, ама не и ќудот. На памет ми доаѓа маршалот Жуков, херојот на Црвената армија (оној кому сега му ги уриваат бистите), кој по освојувањето на Берлин во 1945 година ќе каже: Го победивме фашизмот, но се плашам дека нема никогаш да ни го заборават и простат тоа. Во историски контекст, треба да се потсетиме дека фашизмот не само што не падна од небо туку и се создаде во пазувите на западните, капиталистички и во тоа време (божем) цивилизирани држави. Силите на Оската беа толерирани со години пред да тргне воениот поход (Дахау беше отворен три години кога пукна војната), а на тој пат беа инсталирани марионетски режими и „администратори“, понекогаш поревносни во егзекуциите и етничките чистења на неариевците од Германците (такви сведоштва постојат за НДХ, документи во кои Германците велат дека им се превртува утробата од радоста со која се врши тортура и егзекуција на цивили од страна на Павелиќевите послушници). Да ја скратам приказната: победија Добрите, дури и кога не беа добри, па со две атомски бомби и со срамнување на Дрезден сторија ужасни злосторства за кои останаа неказнети.

Потоа кооптираа дел од нацистичката врхушка во своите научни лаборатории, ама и во НАТО (заради војничкото знаење). Малку денацификација, и потоа станаа сосема чисти демократи. Во повоената ера, која коинцидираше со создавање на Советот на Европа, ЕУ, ОБСЕ итн., многу малку земји минаа низ процесот на соочување со темните петна од минатото (Германија беше всушност најголемиот исклучок). А денес гледаме дека Бугарија е почувствителна на комунистичкото минато, отколку на фашистичкото. Британија исто така ги заборави напалм-бомбите врз Егејот, исто како и колонијалните ѕверства. Белгија уште се „потресува“ кога ќе ѝ ги спомнат Леополд и Конгоанците. Бандера е само еден од серијата локални ликови што ги менувале местата на историските полици, а кои и по смртта оставиле следбеници и тврдокорни (die hard) борци. Исклучок не е ни Русија – навидум инаква, со најголем број жртви од војната, на вистинската страна, ама со тешко бреме од гулазите и тоталитарното владеење дома. По падот на Берлинскиот ѕид, и таа ќе мине низ транзиција кон капиталистичко либерално општество (со помош на Елцин и американските советници), за што ќе плати огромна цена во човечки животи и ќе создаде хибриден политички резултат: без „рафинираноста“ на фабрикувањето на согласноста како на Запад (Manufacturing Consent е делото на Чомски и Херман, кое е ненадминато во објаснувањето на послушноста на сиромашните и слабите пред машинеријата на моќта на корпоративниот капитал), Москва (о)станува Другиот за Западот, без умешност на разубавување на машинеријата. Неофашизмот е сега глобален феномен, онака како што е глобален корпоративниот капитализам и империјализмот. Идеологијата е сосема небитна, битна е прагмата, бидејќи неговата мимикрија одамна е усовршена. Денес е наивно да се бара само во некаква маргинална група на ванчомихајловисти, Атака, Романиа Маре, Златна зора или Азовци, кога арсеналот на дехуманизација, културна сегрегација, делење на животите на важни (бели) и помалку важни (сите други), инсистирање на виши раси и класи, забрана на слобода на мисла и говор, замолчување и бришење на секоја опозиција (на наводната слободарска демократија толку жедна за крв и оружје) – сето тоа е стварноста со која и во која живееме. Воскреснатиот на глобален план сигурно не е божјиот син. Она што чекаме да воскресне е нашата совест, отрезнување од илузиите и собирање сила за отпор кон чизмата.