В понеделник го отвораме петтото поглавје од преговорите со ЕУ

Зошто бев толку слеп, па не успеав да ја увидам блескавата политика на Зоран Заев кон Бугарија? В понеделник го отвораме петтото поглавје од преговорите со ЕУ, поглавјето за Трансевропски мрежи, кое веќе го спроведуваме на дело. Во македонската историја датумот 1 август 2017 година ќе остане запишан со златни букви затоа што тогаш беше потпишан Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, договор што за Македонија ги отклучи челичните порти за влез во ЕУ и во НАТО. Многумина велат дека Преспанскиот договор е клучен за современата македонска историја, но тој е само бочна игра.
Далекосежно гледајќи кон иднината и игнорирајќи ги токсичната опозиција и здивената јавност, Зоран Заев паметно пристапи кон потпишување на клучниот договор со Бугарија. Буквално мастилото од нивните потписи не се ни исуши на хартијата кога Бугарската православна црква го прифати статусот на црква мајка на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, па во „Света Софија“ во Охрид, на 17 септември 2017 година, архиепископот Стефан, бугарскиот патријарх Неофит и вселенскиот патријарх Вартоломеј заеднички сослужуваа и ѝ го врачија томосот со автокефалност на МПЦ-ОА.
Помеѓу Македонија и Бугарија нештата потоа се одвиваа со филмска брзина. На 10 март 2018 година, цели 75 години по испраќањето на македонските Евреи на патот на смртта кон Треблинка, премиерот Бојко Борис клекна пред споменикот во кругот на скопскиот монопол, замоли за прошка и пролеа горки солзи, молејќи ги за извинување потомоците на преживеаните.

Недолго потоа, на 5 мај 2018 година, на посебна свеченост во Софија, министрите за култура Роберт Алаѓозовски и Боил Банов, токму на Денот на македонскиот јазик, го потпишаа првиот меѓудржавен договор, Договорот за културна соработка, на македонски и на бугарски јазик, во присуство на двата премиера, а по првпат министерот Банов и премиерот Борисов, во чест на македонската делегација, ги прочитаа своите говори на македонски јазик, каде што Бојко ја изговори славната реченица: „Македонскиот јазик му е најблизок на мојот мајчин бугарски јазик, но тој е посебен славјански јазик, јазик на нашите најблиски браќа Македонците“.
Веднаш потоа, министерствата за надворешни работи и министерствата за култура на Македонија и на Бугарија ги задолжија сите македонски и бугарски амбасади низ светот да отворат заедничка изложба на темата „Кирилица – азбука на Европската Унија“. Извонредните решенија на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски и на легендарниот бугарски уметник Христо Јавачев беа културен хит на сезоната и дури и во британски „Гардијан“ беа оценети како овоплотување на духот на европската интеграција. Но не запреа само тука дипломатиите, туку МНР Димитров и МНР Захариева потпишаа конвенција за заемна конзуларна соработка, па сите македонски и бугарски државјани оттогаш може слободно да се обратат во кое било македонско или бугарско дипломатско-конзуларно претставништво за да добијат каква било конзуларна услуга, а Бугарија овозможи Македонија да отвори свои амбасади во сите земји на Г20, ЕУ и во сите регионални интеграции (Адис Абеба, Џакарта, на пример), каде што дотогаш македонската дипломатија не беше физички присутна.
Но тука не сопре соработката… Притиснати поради падот на нивниот рејтинг, Каракачанов, Џамбаски и другите од ВМРО-БНД, предложија декларација до Собранието на Република Бугарија, каде што побараа да се донесе декларација каде што ќе се предложи вето за македонските европски интеграции додека Скопје не признае дека Македонците се Бугари, дека македонската историја е бугарска историја, како и дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот јазик.
Бојко Борисов одлучи да ја раскине коалицијата со ВМРО-БНД, веднаш му се јави на премиерот Зоран Заев, па тие излегоа на заедничка конференција за печатот каде што обзнанија анекс на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, каде што се вели дека се забранува користење термини од македонската и од бугарската историја за имиња на политички партии и на невладини организации од двете земји, со цел да се спречат сите злокобни тенденции за нарушување на добрососедските односи помеѓу две европски земји.

Залудни беа протестите на ВМРО-БНД и на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија кога Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот суд на правдата едногласно го поддржаа овој потег и го оценија како преседан за европската интеграција (подоцна по руската инвазија на Украина, сите слободољубиви и демократски светски општественици, политичари и медиуми ќе се повикуваат на овој веќе славен анекс).
Бугарија кон крајот на 2018 година се одлучи и на еден несекојдневен потег, па ја блокираше целокупната работа на Европската Унија, сѐ додека Македонија не доби датум за преговори. Наречете го тоа симболика, но токму на 15 јануари 2019 година, цели 27 години по бугарското признавање на македонската независност, како прва земја во светот, Македонија ги започна преговорите со ЕУ, а премиерот Заев отпатува во Брисел на првата меѓувладина конференција заедно со премиерот Борисов од Бугарија.
Веднаш потоа, во Струмица премиерите Заев, Борисов и Мицотакис ја потпишаа иницијативата „Отворен Балкан“, а Бугарија и Грција побараа од Европската Унија веднаш да ѝ даде на Македонија јасен патоказ за итен влез во шенген-зоната, додека, пак, беа укинати граничните премини помеѓу Македонија, Бугарија и Грција, благодарение на работата на трите полиции. Дури и ден-денес, Албанија, Црна Гора и Србија чекаат првите три земји од „Отворениот Балкан“, но и Европската комисија да го одобрат нивниот влез во оваа регионална иницијатива помеѓу две земји-членки и една земја-кандидат.
Тука не запреа македонско-бугарските односи. Охрид се претвори во регионален културен центар, место каде што се снимаат сите бугарски и македонски телевизиски серии и каде што дури и актерите од српско-хрватското јазично подрачје имаат свои станови поради огромната македонско-бугарска културна продукција. Во Охрид е и седиштето на телевизиската станица Слободна Србија, која цели да ја подобри состојбата со слободата на изразувањето во Србија, додека, пак, на Широк сокак во Битола расте цел еден театарски дистрикт, мини-балканска верзија на њујоршки „Бродвеј“. Покрај тоа, скијачки хит во Европа е заедничкиот скијачки центар Банско – Берово, развиен од конзорциум на француски и на германски скијачки центри.
Македонците нема никогаш да му заборават на Бојко Борисов и кога тој стави вето, насред најстрашниот бран на пандемијата, на одлуката на ЕУ заеднички да набавува вакцини, сѐ додека во европската шема не влегоа и Македонија, Србија, Албанија, Косово, БиХ и Црна Гора. Вечно ќе се помни овој бугарски влог во добрите балкански меѓусоседски односи.

Тука некаде ме разбуди нервозното ѕвонење на телефонот. Мојот некогашен уредник на колумни Марјан Велевски ми се јави да ме разбуди од сонот и да ми каже дека повторно цела редакција на „Нова Македонија“ чека на мојата колумна.
Имав идеја да напишам колумна со алтернативна или контрфактичка историја, веќе премногу злоупотребуван метод од историчарите, но сега гледам дека сум напишал бурлеска. Македонците во 2017 година, кога се потпиша Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија очекуваа признавање на македонската посебност од Бугарија, но наместо тоа добија вето. Српскиот народ во текот на Втората светска војна го призна македонскиот народ за посебен, па заедно двата народа ја водеа Народноослободителната војна и потоа ја градеа заедничка Југославија. Зенитот на македонско-српските односи се случи во вторникот на 24 мај 2022 година, кога патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на СПЦ за автокефалност на МПЦ-ОА, па ги затвори сите прашања помеѓу двата народа.
На Бугарите им преостанува да заклучат каде погрешија по 1 август 2017 година, а нам ни останува да почекаме на подобри времиња за обнова на дијалогот со Бугарија, но овој пат на рамноправни основи.

Автор:Ивица Боцевски