Уништувањето на македонскиот капитал и современата македонска буржоазија

Драги мои, во тек е процес и на капитално демонитрање на државата Македонија. Она што во овој момент го извршуваат полуобразовани, корумпирани, сервилни персони не е ништо друго освен истото она што го правеле нивните предци исфрустрирани псевдокомунисти веднаш по Втората светска војна. Со процесот на национализација и подржавување на компаниите и имотите, за себе го приграбиле целиот и онака скромен капитал што кревката македонска буржоазија во Вардарска Македонија го стекнала во периодот од 1919 до 1945 година. Гледајте, речиси како по сценарио, во иста единица време, внуците на тие персони што се симнале од планините и од селата, денес ги уништуваат речиси сите големи компании што „татковците им“ ги создадоа во процесот на транзицијата од 1992 година, па до доаѓањето на групацијата на Заев на чело на партијата СДСМ и нивното насилничко преземање на целата власт во државата. Горе-долу како од времето по Второто заседание на АСНОМ во 1945, па до крајот на она што го учевме како процес на деколективизација во 1954 година. Тоа е, нема друго.
Откако ја демонтираа државата Македонија, во исто време демонтирајќи ја нацијата Македонци во северномакедонци, и инсталираа федерација што и официјално ја владее малцинство, дури и од нив официјално прифатено како помало од триесет проценти, целиот државен систем е отстапен на управување на во суштина и од нив понеписмени, но, реално, вистински герилци симнати од косовските планини. На ред за уништување сега се оние Македонци што, без сомнение, со шпекулации и во сите нијанси на сиви бои го приграбија за себе најдоброто од македонската земја и македонскиот бизнис, а јавноста и општеството ги дефинираа како олигарси и тајкуни. Но како што одминуваше времето, тие компании полека се ослободуваа од егоизмот на акумулацискиот капитал и почнаа да ја реопределуваат и коригираат својата позиција, но и да ја делат одговорноста со целото општество.

Нема како да не се согласиме со фактот дека најголемиот дел компании на олигарсите останаа акционерски друштва, каде што навистина продолжија да функционираат и некои вредности создадени во социјализмот. Во моментов директорувам со компанија основана од олигарси и тајкуни, и сега совршено добро ги разбирам сите односи и констелации. Нема како да се одрече фактот дека некои од тие олигарси и тајкуни делеа дивиденди и испратнини за нивните вработени, кои, и покрај сѐ, остануваа лојални на поранешните директори трансформирани во газди. Нема како да заборавиме дека тие олигарси и нивните компании имаа милион пати поголемо чувство за општествена одговорност и беа свесни дека треба и да вратат назад во општеството дел од она што го зеле од него.
Па, така, најголемите олигарси и нивните приватизирани индустрии и конгломерати финансираа фестивали, семинари, работилници, невладини организации, културни настани и уметнички проекти, научни потфати и специјализации, стручни усовршувања, помагаа болни, доделуваа стипендии на талентирани деца и на крајот ги финансираа и сите политички партии, што во некоја мера може да им се припише и дека се дури и демиурзи на демократијата во Македонија. Многумина од нив беа и директно инволвирани во политиката и во власта и, ми се чини, наивно беа изиграни или преиграни од новобранците на СДСМ и ВМРО. Но сѐ до доаѓањето на камарилата на Заев, речиси сите беа унисони во определбите за националниот идентитет и суверенитет на Македонците и на државата Македонија.
Е сега, сите тие сега се предмет на прогони и притисоци. Она што го започна Заев, а најверојатно планот е да го доврши Таче (може дури тој и без да знае што точно прави), е тотално уништување на македонската крупна буржоазија и создавање корумпирана новобуржоазија, која ќе се управува од еден центар и од едно семејство. Тоа е, драги мои капиталисти! Тотално сум свесен дека тоа беше процес што го започна Груевски, да не се лажеме. Беше тоа операција водена преку магот на македонската портокалова револуција, братучедот на премиерот, преку кого се одвиваше цел еден механизам на приграбување, преземање и редистрибуција на капиталот. Тој механизам, по поразот и бегството на портокаловите, на тацна беше предаден во рацете на новиот премиер и неговиот брат, кој само го пренасочи цевководот на капиталот од Скопје и Тетово кон Струмица и Тетово. Ама тоа е секогаш така кога ќе започнеш да создаваш процес што е неприроден, кој е деструктивен, кој е антипод на самиот себеси. Ќе пропадне и ова што сега го прават, а еден бизнисмен многу точно пред некој ден ми го дефинира како експедиција на „индијанците на Заев“. Така си е тоа со индијанството. Откако ќе ги земат сандаците со алкохол од каубоите, ќе ги отворат, ќе се испијанат и на крајот ќе се испотепаат помеѓу себе.
Во меѓувреме, драги мои, Македонија ќе остане без буржоазија.

Во оваа криза што ни претстои, ќе биде девастирано, уништено и тотално изгубено сето она што во облик на бизнис, претприемаштво, компании и капитал е создавано во последните триесет години. Ве предупредувам, сите вие што имате некаков бизнис, каков било деловен потфат, а не сте дел од номенклатурата на индијанците на власт, а дополнително сте Македонци по род, е вие сте цел на уништување! Бизнисите на Македонците, на кревките буржуи ќе бидат селектирани и уништувани. Во тек е големо преземање на трговските и дистрибутивните компании за храна на сопственост на Македонци од страна на компании од Косово. Во исто време се преземаат и производителите на земјоделски производи, а со донесувањето на новиот закон за продажба на државно земјиште, планирано е да се купи и приватизира целото земјоделско земјиште во Македонија и да се прераспредели на два дела, еден на северозапад на ДУИ по линијата Тетово, Гостивар, Охрид, сосе цела Пелагонија, која Ахмети во раните фази на герилувањето ја нарече „амбарот на Албанија“.
Тој план во себе ги вклучува Битола и Прилеп, сѐ до Неготино и Кавадарци, сосе Велес, половина Скопје и цело Куманово. Е, ова ќе биде пленот на герилците! Остатокот, југоисточно од Свети Николе, е договарано да им припадне на индијанците! Речиси е тотално преземена од компании од Турција, Албанија и Косово, градежната индустрија што беше доминантно поседувана и управувана од Македонци по род. Процесот одеше преку наводна заштита на животната средина (се сеќавате на зелената ДУИ?), со кампања што ги стигматизира бизнисмените Македонци што имаа удел во градежништвото, преку неиздавање градежни дозволи дури и на веќе купени парцели со платени комуналии, дури и на парцели што веќе биле објекти. Беа нарачувани и продуцирани кампањи за стигма, етикета и беше вршен јавен линч на најголемите бизнисмени Македонци во градежништвото, банкарството, осигурувањето, енергетиката и на крајот во гасната и нафтената индустријата. Каде точите гориво? Во чија сопственост се бензинските пумпи? Кој го поседува транспортот на гас? Драги мои, ова не е предвидување, ова е процес што веќе е започнат. Вие мислите дека тоа што му се случи на Трифун Костовски нема да ви се случи и вам? Ок? Ај, сега, додека го читате ова, направете го списокот на оние имиња на луѓе и нивните компании што се нарекуваат олигархиски. Каде се компаниите и каде се тие бизнисмени и нивните деца? Или помислете на тоа каде се бизнисмените и фирмите на оние Македонци што создаваа капитал во последните дваесет години, а тој капитал може да се нарече „бел, сив или портокалов“. Добро, еве да ви помогнам, уште малку, за да ја видите вистинската слика! Влезете во првиот супермаркет и видете каде се и колку се производите на македонските компании во прехранбената индустрија.

Отидете во моловите што ги поседуваат Албанци и пронајдете ги македонските компании и нивните производи и услуги! Честам кафе за оние што ќе набројат три компании или производи! Или, ако не ви се излегува од дома, еве, вечерва, вклучете телевизија. Поседете два часа пред кој било македонски телевизиски канал. Нѐ има пет. Од сите провениенции. И македонски и албански и вмровски и комуњарски и независни. Колку фирми на Македонци и нивните бизниси и производи гледате на рекламите во телевизиите или на јавниот простор? Се бројат на прсти, а? Е па, да! Огромен дел е во процес на политички напад и се презема од герилците и индијанците. Еден голем дел е блокиран, а нивните дејности преземени пак од герилците и индијанците. Остатокот е веќе клекнат на колена и се бори за преживување! Немојте да ја вртите главата, сѐ што прават е по учебник. Прво се уништува нацијата, а потоа и неговата база, а тоа е буржоазијата, која во суштина ја создава нацијата. Нема нација без буржоазија што се проектира и идентификува себеси како таква и само таа посебна и единствена со никого неделива нација! Може левичарите ќе ме обвинат дека ги бранам олигарсите, капиталистите и буржоазијата, ама тоа е, драги мои: нема демократија без капитализам и нема нација без буржоазија! Ако не се согласувате со ова, има решение, веќе пробано. Револуција и симнување на капитализмот. Најголемиот дел Македонци по род, буржуи, деловни луѓе, претприемачи и капиталисти, кои не се дел од индијанското племе а имаат свои успешни бизниси, нема да ја преживеат онаа што Таче ја нарече: „најтешката година по Втората светска војна“! Тоа е, драги мои! Еве, уште еднаш да ве потсетам која е првата година по Втората светска војна!? Тоа е годината 1946, кога се уништени, девастирани, упропастени и приграбени имотите и бизнисите на Македонците по род, кои сето тоа со труд и ум, крваво го стекнале од крајот на Првата до крајот на Втората светска војна.
Што да се прави, драги мои Mакедонци големи и мали буржуи, големи и мали капиталисти? Не знам, само не заборавајте, некои од вас, кои сфатија што се случува и се обидоа да се извлечат прифаќајќи ја играта на индијанците, заглавија по затвори, по судови и нивните компании и бизниси се уништени или допрва чекаат да бидат завеани од мразови и виулици од зимата што заменик-поглаварот на индијанското племе, другарот Таче, уште сега, на почетокот на пролетта, ја определи како многу студена! Крајот и уништувањето на веќе оформените буржуи Македонци по род и веќе започнатиот процес на заплашување и демотивација на Македонците да почнуваат бизниси во земјата е крајот на Македонија, дури и на онаа Македонија што и сега, на прагот на летото, е наречена студено северна.

Тоа е, мили мои, прво беа селаните, а вие не реагиравте, бидејќи не се однесуваше на вас, потоа дојдоа по работниците, и вие пак не реагиравте, бидејќи не се однесуваше на вас, и на крајот сте вие, бизнисмените! Сега дојдоа по вас! Кој ќе ве одбрани? Или вие самите, или нека ви е на помош сето она во што верувате дека може да ви помогне. Но, сѐ се плашам дека ќе мора ние да ве браниме дури и вас. Можеби, можеби, можеби, сепак можеби може да ве одбраниме од герилците и од индијанците, ама не знам дали можеме да ве одбраниме од вас самите. Тоа, сепак, не можеме.
Јас тука се одјавувам во следните два месеца. Решив, додека да дојде зимата и пред да паднат снеговите на Таче, да сработам нешто корисно и за себе, но и за татковината. На крајот на краиштата, никој уште не преживеал зима без дух и без верба во тоа дека ќе дојде пролетта, ќе се кренат снеговите и сѐ ќе оживее и зазелени. Јас имам намера оваа студена зима да ја дочекам со гунче од дух, со шал од љубов, со ракавици од верба и во обувки од надеж. Индијанци, не мачете се со мене, јас сум веќе подготвен за вашата студена зима. Јас знам што треба да правам. Многу се надевам дека ќе успеам да го направам. Вам, драги мои, ви благодарам што ме читате и споделувате. Се читаме повторно од есен. Индијанци, хауг! И намалете со огнената вода, ќе боли кога ќе се трезните. Немојте после да кукумјавчите и лелекате. А ќе боли, многу ќе боли. Ова есен, или следната пролет, сеедно, ќе ве отрезнат.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и универзитетски професор