Убиства на националните институции

Во многу земји во светот медиумите имаат премолчен договор, односно непишан морален кодекс за заштита на одредени национални институции. Тие институции ја претставуваат државата, тие се нејзиното лице пред државјаните и пред светот. Институциите што без пишани закони и правила имаат повластена медиумска позиција се од областа на политиката, религијата, науката и правдата. Со ова не соопштувам нешто ново и непознато.
За одговор на прашањето кои национални институции се (или би требало да бидат) пристојно медиумски заштитени во Република Македонија, не треба човека да го боли многу глава за да погоди од прва. Не се многу, четири се на број. Тоа се претседателот на државата, црквата и нејзиниот поглавар, академијата на науките и уметностите и уставниот суд.
Претседателот на Република Македонија (сега со додавка Северна) протоколарно е највисоката политичка функција. Ја претставува државата, тој е врховен командант на вооружените сили и претседател на Советот за безбедност. Тоа се големи и звучни титули, но со малку конкретна власт. Неговите уставни права, реални механизми и оперативни можности да владее се ограничени, но, сепак, можни. Силата на претседателот е во моралниот капацитет во таканаречениот „татко на нацијата“. Иако тој модел на претседателствување полека се става во политичката архива, сепак задржал простор за дејствување во клучни моменти за државата.
Медиумското искуство со претседателите на македонската држава е повеќе негативно одошто позитивно. Плукањата врз ликот на Киро Глигоров, првиот претседател на државата, повеќе може да се смета како израз на незрелоста на младата демократска практика и како израз на примитивизмот што го носеа првите слепи кучиња на демократијата. Глигоров во таа смисла помина лесно, ако се имаат во вид подоцнежните случувања.

Ако врз Глигоров беше извршен вистински атентат, другите доживуваа вербални медиумски атентати. Ги убиваа со зборови, навреди, омаловажувања. На своевиден медиумски масакр поттикнат од високите кругови на СДСМ наиде Борис Трајковски, особено во првите две години од неговиот мандат. Погрдните изрази, простачките обвинувања, хумористичните забелешки, не беа само разигран фолклор туку содржеа димензии на политичка, морална и лична дисквалификација. СДСМ на почетокот тераше мајтап, за подоцна Борис и Бранко да паднат во братска прегратка. Сѐ да си простат, сѐ да заборават, за нивно добро и можеби и за доброто на државата.
Но таму кај што минува Господ минува и ѓаволот. Низ патот начичкан со трње низ кој минуваше Трајковски, избран преку ВМРО-ДПМНЕ, се најде подоцна Црвенковски од СДСМ. Низ тој жар, низ таа патека послана со срчи помина и Бранко Црвенковски. Нему сопките му ги ставаше ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, противник што бараше политичка и лична одмазда. Медиумите на Груевски го боеја со поцрни од црните бои, што заслужено, што претерано.
Но кулминацијата на погромот и ништењето на институцијата претседател на државата беше достигната со Ѓорѓе Иванов, третиот по ред претседател од самостојноста. Иванов остана два мандата, подобро и за него и за државата ќе беше да завршеше со првиот. Стегнат за вратот од неговиот ментор Груевски, од една страна, и од жестокоста на клонираните шарени револуционери на чело со Зоран Заев, од друга, човекот се најде во ситуација да не знае кај му е главата. Капак му беше што ДУИ не го признаваше, го рамнеше со нула. Палењето на неговите канцеларии во центарот на градот во секоја нормална демократска држава би било оценето како крајно хулиганство, подложно на санкции. Но поради околностите, поддржувачите на палачите, кои беа победници, тој чин го прогласија за херојство.

Нерешителен, колеблив, недоречен, попустлив пред едни или други притисоци, недоследен на своите првични решенија, негиран и бојкотиран од дел од собраниските партии, остави трага по која ниту еден друг претседател не би сакал да се движи.
Патеката на политичка и лична деградација и замките на политичките и партиските кујни, засега, велам засега, умешно ги избегнува Стево Пендаровски, актуелниот претседател. Дел поради минатиот контакт со медиумите, дел поради тоа што не одбива разговор каде било и со кого било, дел што има лични пријатели меѓу новинарите, не се стави ни себеси, а ни функцијата на листата за отстрел. Пак, велам, засега.
Македонската православна црква е врвната неполитичка институција на македонскиот православен народ. Црквата не е ни држава, ни партија, ни здружение, ни случаен минувач во животот. Таа е вечниот божји дом, за тие што веруваат во Бога, дури и за оние што не мора да ѝ веруваат на црквата. Овде, кај нас, МПЦ речиси никогаш не живеела во лесни медиумски околности. Некои новинарски гуланфери, некои афирмирани неверници, познати злобници, политички акробати и анационални типови ја користат секоја пригода да го валкаат нејзиното лице. Поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан, го нема хиерархискиот примат дека „е во право и кога греши“, но црквата што ја води покажува смиреност и стаменост и покрај многуте обиди за уривање на нејзиното значење.
Не еднаш МПЦ-ОА била цел на напади од страна на поединци од сопствениот народ. Тие однадвор се добро и доволно познати. Таквите напади не ја изместуваат, ниту може да ја изместат нејзината суштинска улога, но секако дека дејствуваат вознемирувачки и подривачки. Повеќе им одат на рака на сите оние што нашата црква ја распнуваат на крст, негирајќи и не признавајќи ги автокефалноста, вековната историска заснованост, нејзината улога во развојот и цементирањето на македонската национална свест.
Сакала-нејќела, таа е должна да го чува идентитетот на својот народ, по цена да биде прогласувана за конзервативна и националистичка и да трпи слични измислени и натурени квалификативи.

Долго време „заспаната убавица“, која го носи името Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), ја извлече од длабокиот сон нејзиниот актуелен претседател Љупчо Коцарев. Не ја разбуди и протресе со наука, туку со политика или, поточно кажано, со „научна политика“. Ретко кој во Македонија по нејзиното осамостојување направи такви содржајни анализи на македонскиот политички живот, за сегашноста и иднината на Северна Македонија. Што е најважно, сите различни од позициите на власта. Тоа беше доволна причина во дел од медиумите блиски до СДСМ да го превртат човекот со главата надолу, некои дури и да му врзат јаже и да го обесат на гнило дрво. Поради Коцарев, МАНУ се најде под жесток рафален медиумски оган, времето покажа дека се пукало со ќор-фишеци.
Во секоја земја со долги традиции, научните и уметничките академии се национална гордост, се чуваат како зеница во окото. Тоа не значи дека МАНУ и нејзиниот претседател не се подложни на критики, но не критики што во основа имаат уривачки намери. Визијата на Македонската академија на науките и уметностите е Македонија да стане напредно општество, базирано врз науката и знаењето. Тој пат секако дека заслужува поддршка, а не атаки.
Пред крајот доаѓаме до Уставниот суд, кој треба да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основа на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Можеби токму за да се запре или минимизира реализацијата на сите овие надлежности, Уставниот суд, највисоката законска институција на државата, е партиски осакатен и медиумски разбиен.
Без јасна ориентација, подложен на политички влијанија, во меѓусебна лична кавга и нетрпеливост меѓу судиите, Уставниот суд можеби намерно е една од послабите алки во македонскиот политички и правен систем. Во државите со традиција и одговорност штом парламентот не може да избере судии на уставен суд, тој парламент се распушта. Но, за жал, нема медиумска анализа за таа политички и правно ненормална состојба.
За крај, не како фалба, туку како соопштување голи факти, треба да се каже дека весникот „Нова Македонија“ со децении го почитуваше моралниот, непишан кодекс за заштита на најважните национални институции, како во времето на социјализмот, така и по осамостојувањето. Тој принцип остана важечки и по големите општествени промени и конституирањето на новиот повеќепартиски политички систем. До тие непишани начела држи и возобновената од 2008 година „Нова Македонија“, најстариот и најдолготраен весник на македонски јазик.

[email protected]