Тикток-војна: социјалните медиуми како бојно поле

Во воајерскиот и опседнат со социјалните медиуми свет во кој живееме, не е изненадување што има луѓе што го документираат своето секојдневно постоење на интернет, дури и од град опколен од војна. Документирањето на реалноста, иако често се сметаше за чисто егоистичен чин, на крајот на денот е начин за поврзување со други човечки суштества, за споделување искуства и информирање

Денес како никогаш порано во услови на криза и војна не можете да ја зборувате вистината и не ви е дозволено да ја видите вистината. Долго време светот учи како да врши контрола над својот народ во ерата на социјалните мрежи. Сега научените лекции се применуваат, а геополитичката конфронтација и информациската војна влегуваат во својот екстрем. Во време на војна изгледа како доброто и злото да се неспорни. Секогаш постои морална сигурност дека „Бог е на наша страна“. Кога сме убедени дека непријателот произведува само опасни лаги и пропаганда сакаме да го забраниме нивниот влез на пазарот на идеи. Војната меѓу Русија и Украина уште еднаш го стави светот на тест за тоа колку сме посветени на слободата на говорот и вистината. Руската инвазија на Украина стана дефинирачки геополитички момент за некои од најголемите светски технолошки компании, бидејќи нивните платформи се претворија во главни боишта за паралелна информативна војна, а нивните податоци и услуги станаа витални врски во конфликтот. Информативната војна што беснее меѓу Русија и Западот создаде алтернативна реалност, а интернетот стана клучно бојно поле за вистината. Додека руската инвазија на Украина се одвива на интернет, дизајнот и алгоритамот на социјалните мрежи се покажуваат идеални за нередот на војната, но кошмар за вистината. Вооружувањето на социјалните медиуми и агресивното промовирање лажни наративи се покажаа како клучни во војната во Украина. Последиците се застрашувачки.

Историјата на војната е исто така историја на медиумите, а популарната меморија поврзува конкретни војни со различни медиумски формати. Виетнам беше првата телевизиска војна. Заливската војна во Ирак во 1991 година беше првата војна на кабелски вести, или првата војна на Си-ен-ен. Дванаесет години подоцна, американската инвазија на Ирак се претпоставуваше повторно да биде војна на Си-ен-ен, но наместо тоа, стана војна на Фокс њуз. Таа беше наречена и „војна на Јутјуб“, во која војниците правеа лични и понекогаш шокантно брутални домашни видеа од престрелки, самоубиствени бомбашки напади и други насилства, од кои многумина се слушаа на рап или метал-музика. Социјалните медиуми беа истакнати во бунтовите на Арапската пролет во 2011 година, помагајќи да се катализира „продемократскиот жар“ и да се обликува политичката дебата на Блискиот Исток во тоа време. Сликите од дотогаш невидените ужаси ја заменија баналноста на ажурирањата на статусот и селфито. Очигледно дека руската инвазија на Украина не е првата војна на социјалните мрежи – но таа е прва што се игра на Тик ток. Сегашниот конфликт многу е поинаков вид војна на социјалните медиуми, поттикната од трансформативниот ефект на Тик ток врз старите норми на технологијата. Тик ток создаде прилив на воени снимки какви што досега не сме виделе. Сеќавањата од војната, кои порано се снимаа во тајност, сега се поставуваат во реално време. Тик ток е дизајниран на начин што им овозможува на корисниците извонреден, бескраен прилив на привлечни содржини што го монополизираат вниманието во вистинско време. Алгоритамската активност на оваа социјална мрежа особено го олеснува пасивното консумирање на едно видео и преминувањето на следното без да се доведува во прашање изворот на содржината. Поплавата од видеа на Тик ток, веројатно, ќе ја предизвика нашата збунета свест да сочувствува со страдањата од војната во Украина што трае само доволно долго за да нè задржи да продолжиме да скроламе на интернет. Како и другите социјални мрежи и Тик ток ги охрабрува сите колективно да разберат што се случува — или да ја заматат вистината. Можеби тикток-мрежата не е структурно компатибилна со потребите на тековниот момент во врска со дезинформациите, зашто нејзините дизајнерски карактеристики создаваат лесен пат за дезинформации.

Сепак, се покажа како посакувана дестинација за сите оние што повеќе веруваат во индивидуалните креации и микроинфлуенсерите отколку на моќните и големи социјални мрежи. Всушност, Тик ток е хранет од огромниот апетит за воена содржина и консумиран од оние со мал интерес за глобалните вести, зашто може лесно да ги прескокне целосно. Тик ток е брутален одговор на цензорите на интернет и оние „факт чекери“, кои станаа судии на вистината и лагата.
Во воајерскиот и опседнат со социјалните медиуми свет во кој живееме, не е изненадување што има луѓе што го документираат своето секојдневно постоење на интернет, дури и од град опколен од војна. Документирањето на реалноста, иако често се сметаше за чисто егоистичен чин, на крајот на денот е начин за поврзување со други човечки суштества, за споделување искуства и информирање. За жал, ниту Тик ток ниту другите социјални медиуми не ја добиваат војната и нема да им ги намалат страдањата на цивилите. И додека на социјалните мрежи се лицитира кој ја добива, а кој ја губи информациската војна станува сѐ поочигледно дека Украина ја губи војната на бојното поле, а светот вистината. Западот сака да верува, а и ние со него, дека ова е оној универзален момент на морална јасност во последниве стотина години; дека Путин е лагата наспроти вистина, темнината наспроти светлината; „Сталин“ наспроти децата на Тик ток. Дека рускиот лидер е осамен во мрачната уметност на дезинформациите на интернет. Зашто сето тоа веќе е небитно и бесцелно. Како што не е важно веќе што украинскиот претседател Зеленски не само што командува со своите вооружени сили туку истовремено командува со Tик ток, Инстаграм, Твитер, Телеграм и што е достапен на сите платформи на социјалните медиуми промовирајќи се како првиот хибриден лидер на хибридната војна зашто луѓе гинат. Зашто војната не е хибридна. Вистината е дека војната е реално смртоносна и ужасна. Како што се реални и невините жртви и разорувањата. А светот немоќно го гледа тоа.