Театарот во Македонија како депонија на политичкиот отпад

Драги мои, со ретки, ама многу ретки исклучоци, театрите во Македонија се претворија во депонија на политичкиот и политикантскиот отпад на социјалдемократската „културна елита“. И тој исфрлок се депонира во два склада, по две основи. Првата основа, односно првиот склад е управителскиот и таму се депонираат оние на кои партијата не знае што да им прави, а им должи некакви услуги што тие ги вршат главно пред и за време на избори во форма на „нарикачи“ по митинзи. На тој список главно се актери што не успеале да направат никакви лични кариери, но се „ај вона би“ уметници и просторот за лична реализација го гледаат токму таму – во управата на театрите, односно во директорувањето со државни институции, како едно од оние места во кои можете да правите што сакате, а да не преземете никаква одговорност за направеното. Од 2004 година, кога започнаа промените со реформите на Благоја Стефановски, кои утврдивме дека беа спонзорирани од Владо Бучковски и Зоран Заев, театрите низ Македонија станаа депонии на промашените кариери на политиканти и уметници, на кои не можеа да им најдат места по листи или по министерства, па ги праќаа на директорување.
И така, драги наши, во овие пет години власт, Драмскиот театар промени четворица директори, од кои првиот беше другарот Сашо Тасевски, познат „нарикач“ на Шарената револуција, па сѐ до сегашната директорка Катерина Коцева, која долги години е активистка на СДСМ. Во театарот „Комедија“, пак, навистина да не беше трагична, ситуацијата ќе беше комедија, па таму годишно се менуваат по двајца директори, кои доаѓаат на големи врати, со фанфари, а си одат со скандали и мајки-шајки, што би се рекло колоквијално.

Она што Јелена Жугиќ им го остави, како формирана и форматирана институција, која само треба да се надградува и подобрува, за две сезони го претворија во театар на скандали и борба за доминација на фракциите на партиите на власт. Во МНТ се променија двајца директори, причините ги знаеме, иако таму со националната драма на големо директорува човек што нема ништо со театарот, особено со оној суштинскиот, уметничкиот дел, но е типичен апаратчик што во македонската театарска историја ќе остане запаметен по тоа што во насловот на единствената институција од културата што ја задржа придавката „македонски“ го додаде и ова Република Северна Македонија, за да не остане само Македонски народен театар. И тоа е сѐ.
Што се случува во внатрешноста на државата е посебна приказна. Се сеќавам, кога се правеа фамозните театарски реформи на големиот директорски маг Баге, се предлагаше Драмскиот театар во Скопје да биде под патронатство на Град Скопје, а Битолскиот театар да си остане така како што е. Во тие реформи, театарот во Битола се спаси од фузија со Домот на културата во една институција, што во краен случај, иако тоа беше нелогичен, само локалпатриотски чин, сепак го спаси Битолскиот театар од катастрофата што ги нападна Струмица, Штип и Куманово, каде што ситуацијата е, малку е да се каже, очајна. И да не забораваме, Драмскиот театар, кој Роберт Вељановски го доведе на чекор пред решавање на круцијалниот проблем на оваа навистина успешна приказна, да добие нов, сосема нов современ театар, заврши во кич, кој се создаваше низ изборите на директори, кои не траеја ниту по една сезона, а главната програма за работа им беше покривот што протекува. Ова е таа управителска депонија. А што е со онаа другата, која јас ја нарекувам уметничарска. Депо, не на уметници, туку на уметничари. Како инаку да се дефинираат наводно уметници што ги напика по театрите во сите професии, актери, режисери, драматурзи, сценографи, костимографи, да јадат државна плата а со години да не работат ништо. Навистина не разбирам како млади луѓе, во најубавите творечки години, од дваесет и петтата до четириесеттата, седат, чмаат, земаат плата, а не создаваат ништо? Не ми влегува во глава. Ама, има тоа своја логика, која е типична за црвената буржоазија од времето на Никола Груевски, кој од една страна направи достигнувања што ќе бидат милениумски и неповторливи во сегментот на инвестиции во неподвижното културно богатство и особено во археолошко-музејскиот сектор и во издаваштвото, а од друга страна ги уништи живата култура и живите уметници, што е, пак, основен предуслов за потврдување и одржување на вредностите во националната култура и уметност.

И секако, најголемата од сите катастрофи беше невозможноста културата да се ослободи од канџите на црвената буржоазија, која уметноста ја доживува како сопствено пространство за општествена реализација, па во тој притисок измешаа култура со уметност и сценски и изведувачки дејности со уметничко творештво. Тој олмач-болмач на македонската култура и уметност е живата кал што во себе ги влече и дави сите уметнички пориви и го упропастува и оној мал потенцијал на ретките уметници во Македонија. Со години се форсира идејата дека театрите во Македонија треба да имаат популарен или комерцијален репертоар на евтини комедии, водвили и мелодрами, кои вообичаено се земаат како претпоставки за успех кај публиката, која во театар оди заради забава, а не заради образование. И така пропаднавме. Со државни пари, самонаречени уметници, вработени во државни театри, со единствена и крајна цел да создаваат уметност, произведуваат комерцијални – сиреч популарни претстави, кои можат да се наречат сѐ, ама не и уметност. И ете, дојдовме на почетокот од проблемот. Никој не можеше да се спротивстави на идејата дека државата не треба да супсидира шунд, дека државата не смее да си дозволи државните театри да ги симнува на ниво на кабаре, кое ќе ги задоволи ниските страсти на промискуитетната публика.
Државните театри се тука за да финансираат уметност, а не комерцијала. Зошто инаку би ни требале тие театри? Логиката на државата е да го плаќа она што ѝ треба како додадена, духовна вредност, како образование за граѓаните, а не да финансира евтина забава за масите. Така, со таа логика, дојдовме дотаму во нашите државни театри да нема со кого да се зборува за уметност. На репертоарите на нашите театри нема ниту едно класично дело на македонската драматургија и ниту една пиеса на македонскиот романтизам. Од репертоарите на македонските државни театри се прогонети Софокле, Ајсхил, Еврипид, Молиер, Шекспир, Расин, Корнеј, Чехов, Горки, Гогољ, Брехт, О’Нил, Милер и сета класика на светот, што е основа на сите државни или супсидирани театри во цела Европа.

Во нашите театри нема жив уметнички и творечки живот и внатре во самите театри, а не пак во оној дел од општеството, кој тие по логика на нештата треба да го контаминираат со творечка енергија и пасија кон уметноста како поттик за создавање општи естетски вредности и општествено поведение на доброто, затоа што уметноста е добро само по себеси. И така, се создаде уметничарска депонија на актери што не играат, на драматурзи што не напишале ниту една пиеса, на режисери што се на платни списоци а не изрежирале ништо. Непостојниот творечки порив кај тие луѓе, кои сѐ додека не се пикнале во државен театар не создале ништо, го пренеле во форма на општа апатија на уметничарска депонија на духот. Сопствената зачмаеност ја претвориле во општа категорија, во вредност што не може да се дефинира никако поинаку освен како примитивен конформизам. Сето тоа на крајот се рефлектира врз општеството, оти каква уметност такво општество, па ниските страсти и примитивизмот наместо да се коригираат со уметност и творештво, тие ги претворија во уметничарство. Тука се затвара кругот! Имам информации дека повеќе од дваесет драматурзи се вработени само во последните десет години низ театрите во Македонија. Колку праизведби на оригинални текстови имале тие автори? Нула? Ова е вистината. Овде-онде понекоја драматизација на проза или адаптација на туѓа пиеса. Каков пораз. Но во секој трн, што би рекол Шекспир, има и понекој цвет, па ако останало уште нешто ум, можеме, за жал не знам по кој пат, да утврдиме дека муфљузите што не успеале во самотијата и социјалното дно да напишат една пиеса што има идентификација со десет луѓе надвор од нивната творечка мансарда, тие истите муфљузи кога ќе добијат државна плата само ќе станат поголеми муфљузи, а не поголеми уметници.
Но тоа е, драги мои, комуњаризмот во Македонија е сметката што ја плаќаме по стоти пат, затоа што комуњарството е производ на црвената буржоазија, а тие за себе си имаат проекција на аристократи, на кои им е дадено смрдливите творечки лепешки што ги произведуваат седумдесет години да бидат нарекувани вкусни уметнички торти. И најголемиот дел од младите творци и уметници создаде идентификација со нив. Тие беа примерот за тоа што треба да се прави. И така, се произведе систем во кој крајна цел на талентираниот актер е да се вработи во државен театар и да не работи ништо, а мечтата на нереализираниот актер е да стане подобен директор од оваа или онаа партија, драматургот да има канцеларија во некој театар и најпосле да не пишува ништо, а режисерите да се вовлечат во личниот конформизам и самозамислено интелектуално прогонство на скапо платени замолчени уметници што одамна не создаваат уметност туку уметничарат.

Што се случува во внатрешноста? Не сакате да знаете. Театрите во Куманово, Штип и Струмица, кои беа творечко јадро, генератор на уметници од сите дејности, денес се потонати во смрдеата на политичките депонии на нереализираните кариери на локални уметничари и политичари. Во следната колумна ќе пишувам за нив. А потоа ќе дојдеме и до излезот. А излез има. На голема врата. Се нарекува – сите надвор, низ вратата, па на пазарот на уметноста! Кој ќе преживее, по пет години ќе може на општ повик да се вработи како веќе докажан уметник во државен театар за државна плата. Тоа е. Невидливата рака на Адамс може да биде видлива во уметноста. Оти, пак, да не? Нели сме за капитализам и либерално општество, каде што творечката конкуренција создава и творечки квалитет?

Авторот е режисер и универзитетски професор