Театарот како оружје за борба, дел први

Никој никому не му дал ништо за бадијала. Сите си се борат за себе. Не знам до кога ќе верувате дека вашите битки ќе ги бие некој друг, некаде таму по Европа, Британија, Америка, Русија или Кина. Си има светот своја мака и своја борба. Тоа е. Постоиме сѐ додека се бориме за своето постоење. А ќе постоиме ако, и покрај сѐ, само ако се менуваме и приспособуваме на живиот живот. Ете го него, таму каде што јас го живеам, во светот на уметноста. Ќе пишувам денес за проблемот на македонскиот национален театар, состојби, причини и излез од проблемите. Театарот, драмата, актерите, театарџиите се средиштето на националното освестување и се оној генератор што ќе ги произведе и придвижи сите други форми на творештво што во суштина го дефинираат идентитетот на Македонија и на Македонците од средината на деветнаесеттиот век, од Џинот, преку Чернодрински, до Мајски, Иљоски, Крле и Панов помеѓу двете светски војни. Сосема е јасно дека првите форми на здруженија на граѓани Македонци што се собираат за да создаваат и споделуваат творештво и култура како катарзис на нивните духовни и цивилизациски вредности одделни од соседите, се групите што на почетокот аматерски, а потоа професионално ќе почнат да се занимаваат со театар и други музички и сценски дејности. И за само едно десетлетие ќе ни се случи преродба со која поголемите градови, последната декада пред Втората светска војна ќе развијат живо и оригинално творештво, кое не престанува да инспирира и ден-денес. Тие здруженија по ослободувањето ќе станат првите професионални театри во Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип и во Струмица. И за исклучително кратко време ќе се претворат во културни средишта околу кои ќе се движи, создава и еманира целиот уметнички и културен потенцијал на градовите надвор од Скопје. Театрите во градовите се местата каде што освен жив театарски и драмски живот се води и жив поетски, писателски, сликарски, вајарски, музички, воопшто жив творечки живот што ја создава општата атмосфера на живи градови со жив духовен и културен живот.

Најпосле, Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија и сите други национални уметнички институции на повоена Македонија што ќе се формираат во Скопје се есенција на најдоброто што ќе го произведат театрите од внатрешноста на земјата, не само од Вардарска, туку и од Пиринска и Егејска Македонија. Во годините на подемот на социјалистичката република, театрите во Битола, Куманово, Прилеп, Штип и во Струмица ќе бидат столбот на цивилизациските вредности на македонската духовна преродба. Во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век имало обиди за гасење на тој стожер од црвената буржоазија. Нивните деца на почетокот на 1990-тите правеле иницијативи за „редукција на уметноста,“ па социјалдемократските министри Слободан Унковски и Ѓунер Исмаил предлагале постоење на еден театар во Скопје, кој, внимавајте на ова, ќе ги сервисира културните потреби на граѓаните во внатрешноста, а дури имале и предлози за укинување и на националната опера и балет. Било скапо и непотребно. Од Србија ќе доаѓале опери и балети да ги сервисираат културно-уметничките потреби на граѓаните во главниот град на Македонија. Но, најпосле, владата на Бучковски ќе ја исполни поставената цел и, типично за необразовани комуњари, ќе измеша култура и забава со уметност и творештво. И ќе започнат години на стагнација и умирање на театрите како професионални институции, кои произведуваат не само театар и драма туку потикнуваат и развој на сродните уметнички дејности. Не знам дали можете да си претставите дека само десет години по Втората светска војна, на пример во Струмица, во театарот што е формиран во 1949 година, на македонски јазик, македонски актери и режисери на сцена ги поставуваат и играат Ајсхил, Еврипид, Молиер, Брехт, Шекспир, О Нил, Чехов, Гогољ, но и Чернодрински, Панов, Крле, Иљоски, Чашуле и јужнословенските великани Крлежа, Нушиќ, Поповиќ и многу други.

Театрите по македонските провинциски градови буквално ги изродуваат сите оние писателски и драмски имиња што ќе ја создадат македонската современа литература, драматургија, уметност и култура и ќе ја направат Македонија препознатлива на картата на светските духовни вредности, прво во Југославија по многуте театарски фестивали, а потоа по Европа и светот, каде што за првпат ќе се освојат просторите што подоцна ќе ги примат како вредност на светот и авторите Коле Чашуле, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Митко Маџунков, Томе Арсовски, Дејан Дуковски, Сашко Насев, Венко Андоновски, Блаже Миневски и многу други, како живо и оригинално творештво од Македонија и за Македонија. Видете ги пиесите на сите овие автори напишани до крајот на дваесеттиот век. Сите до еден и сите до една пиеси, на класичен, модернистички и постмодернистички начин пишуваат само и единствено за теми, настани и карактери што се поврзани со Македонија и со Македонците. Видете кои театри, со какви претстави, на кои автори, со какви теми победувале на фестивалите во Нови Сад, Сараево, Загреб и Прилеп. Нема како да не се соочиме со фактот дека целата идеја за цивилизациското духовно достигнување на овој народ е вткаена внатре во нивните текстови, но и во актерската содржина, во продукцискиот дизајн, во музиката, во сите други елементи што ги сочинуваат театарската претстава и театарскиот чин. И одеднаш, во 2004 година, Владо Бучковски, Благоја Стефановски и Зоран Заев прават реформи во театарската дејност, кои почнуваат и завршуваат со укинување на театрите во Прилеп, Куманово, Штип, Велес и во Струмица! Сите вие што сте дел од овие поранешни театри сте сведоци за тоталниот пад и распад на театарот и драмата во Македонија од денот кога почнаа комуњарските реформи во културата. Вие, кои сте само обична публика или читатели, сетете се што се случуваше само во последните четири години во центрите за култура во Куманово, Штип и Струмица, сите на истокот од Македонија, каде што Владо Бучковски и Зоран Заев, уште во далечната 2003 година, го почнаа проектот за бришење на духовните вредности на македонскиот народ, токму таму каде што се најнападнати, на границата со Бугарија! Не беше ништо подобро и во времето на преродбата на владата на Груевски. Ви се чини ова случајно? Тогаш Зоран Заев го „реформира“ споменикот на Благој Мучето во Струмица и една година подоцна го укина и избриша од сеќавањето и од јавниот простор името на истиот тој партизан, антифашист, убиен среде бел ден во 1943 година, Благој Мучето, кој беше патрон на тогашниот дом на културата, во срцето на градот Струмица. Да не мислите дека оваа стратегија ја смислил Заев? Умрен Германец, би рекле на ова драгите ни по болка театарџии од Куманово, што да вадиш, што и да е на таков? Нема предизвик. Но мора да се знаат работите. Ништо не е така случајно. Зоран Заев е исклучително необразован и примитивен човек и сите тоа го видовте не еднаш и не двапати.

Тој нема ниту интелектуални ниту човечки капацитети за вакви стратегии, ама, како што знаете, има човекот содржина да реализира, и тоа бескомпромисно, агенди што се насочени против Македонија и против Македонците. Нашиот пад започна на денот кога тој зеде да брише споменици и институции на културата. Голем дел од вас го поддржуваше. Јас и тогаш бев жесток противник и точно знаев и кажував каде води ова, има кој памети за тие денови и тие настани. Кога тогаш не го запревме, беше јасно дека од пиварницата будалата ќе ја пресели толпата на плоштадите, а потоа и во Рајхстагот, каде што и се заврши процесот на бришење на македонскиот народ со бришењето на придавките македонски на македонската опера, балет и филхармонија, а Македонскиот народен театар доби и дополнителен наслов – Република Северна Македонија. Така почна нашиот пад во театарот, а потоа и во сите други сфери. Утврдивме, театарот во Македонија бил, е и ќе биде генератор на сите големи општествени настани. Таква му е судбината. Театарот во Македонија, режисерот и професор Наум Пановски во рацете на Војдан Чернодрински го дефинира како – оружје. Затоа, таму почна нашето духовно разоружување. Никогаш не е доцна да се вооружиме до заби со сабјите долами на Чернодрински, со малихерите на Иљоски, со берданките на Крле, со патроните на Панов и бомбите на Чашуле. Каква сила е тоа, драги мои?! Со тоа оружје ќе го држиме уметнички фронт од Струмица до Куманово до крајот на светот, само доколку ги заземеме линиите внатре во рововите на уметноста, на културата и на сите духовни достигнувања што ги произведуваат театарот и драмата. Каква битка ќе биде тоа? М? Ништо ново не ви кажувам. Таму веќе сме победиле во 1949 година, кога се формирани тие професионални театри како духовни и културни средишта. Немаме друго оружје за борба. А и што ќе ни е? Ние и онака не мислиме да освојуваме туѓи култури. Само треба да ја одбраниме својата. И толку. Иако некои тврдат дека со оружјето на културата и цивилизациските вредности Александар Македонски освоил сѐ што наумил. За десет години. Да не мислите дека фалангата освојувала со меч и со копје. Нема такво освојување. Секое освојување е културно, а уметноста е алатка за поробување на духот. Ако немаш своја уметност, ќе ти ја донесе некој друг неговата. Така е тоа. Од ропството на мечот човекот лесно се ослободува, од ропството на духот тој пат е многу тежок. Затоа, на оружје. Да го нападнеме участокот и да ги ослободиме театрите. Потоа сѐ ќе биде полесно. Да не се повторувам. Проверено е.

Авторот е режисери универзитетски професор