Тајното оружје на Путин во Украина за кое Западот засега е без решение

Ако очекувате сценарио од некој холивудски суперакционен филм со тајно оружје што е толку моќно што ќе донесе инстант победа, ќе морам да ве разочарам. Тајното оружје на Путин, драги мои, е апстрактната и, за жал, сурова реалност, која вештите мајстори на уметноста на војувањето на Запад многу добро ја видоа уште во 2014 година (ако не и претходно), но за која барем засега не можат да сторат многу. И да, да не заборавам да ги замолам квазиекспертите кога ќе користат тези што сум ги кажал пред недели ако не и месеци да имаат барем доблест да цитираат. Ако сепак решат да не го прават тоа, тогаш во „лакрдијава“ наша, тоа е тоа – чорба. Но да сме живи и здрави. Пред да продолжам само ќе сумирам, бидете спокојни (освен ако јас тотално не промашам). Путин нема да изврши масовен напад врз Украина! Тој веќе го користи своето најмоќно оружје за кое Западот барем засега нема одговор.
Ајде да тргнеме по ред. Додека многумина се занемени од либерализмот и демократијата на Германија околу „испадот на германскиот шеф на морнарицата“, кој зборувајќи го тоа што го мисли – нели слободоумно, мораше да даде оставка, независно од делот што има своја тежина во однос на Украина, едно стана сосем јасно за тоа како ние (а ова е релевантно и за Украина) ја доживуваме демократијата. За разлика од нашата ултралиберална елита, која ни продава магла чиј најмал заеднички содржател е чиста демагогијата (со цел да го оправда целиот блуд на корупцијата во која се потопени), вистинската либерална демократија е сѐ само не тоа. Колумната ја почнувам со оваа странична увертира, која е суштинскиот елемент на кој Путин го гради целиот пристап кон Украина. Тоа е неговото тајно оружје. Од емотивната реакција на официјална Украина, која од наша перспектива е разбирлива, едно е јасно како ден. Тоа е дека квазилиберализмот „прска“ од сите пори на украинското општество и дека независно колку илјади килограми оружје ќе се натрупа нема да се постигне ефектот што би требало. Паниката за изјавата што во моментот направи штета за Европа, но поинаква од онаа што се интерпретира, само укажува, за жал, дека водството во Украина е збунето и дека сите коцки ги става на нешто во што се сомнева, а тоа е дека Европа ќе биде единствена во одговорот против Русија. Иако е дискутабилно што ќе дефинираме како единствен одговор, заради поедноставување на работите ќе кажеме тоа не е онака како што јавно се надеваат лидерите во Украина.

Тука е и моќноста на оружјето на Путин. Тој за разлика од Западот има реална претстава за односите и вистинскиот капацитет на Украина. Не е во прашање украинскиот народ, кој како и секој друг кога ќе биде втурнат на работ жестоко ќе врати и ќе си го земе тоа што е негово. Во прашање е квазиелитизмот, кој е резултат на лошиот „лоу-левел“ менаџмент и подоцна „кампањскиот“ обид да се истурка нешто што не е или, пак, за што треба многу време. Во превод тоа е корупцијата, која е делумно резултат на уништените вредности во Украина преку дерогирање на поранешниот систем на вредности и погрешното прикажување на либералниот свет со целиот инженеринг на транзицијата, која го опустоши украинскиот народ. Тоа е и лажната и „всадената инстант гратификација“ кај младиот свет, кој патриотизмот и државотворноста ги замени со лажната слика за тоа што се западни вредности преку трката по брза испорака на резултати на патроните што го протежирале тоа. За да бидам појасен, најдете го записот на прислушуваните разговори на Нуланд со „ф-да Јуропианс“ и ќе ви стане јасно од каде е изворот на најсилното оружје на Путин. Тука лежи поголемиот дел од тоа што Путин веќе го употребува во Украина и како тајно оружје. Тука ќе видите како тешкашите како Нуланд во криза мораат да импровизираат заради индивидуални слабости на тамошната експозитура или, пак, заради лошиот штаб на Нуланд – сеедно. Тоа не е за да се бара виновник за ситуацијата, туку за да се подвлече дека кога имаш глобални аспирации, а лимитирани ресурси едноставно мораш да импровизираш.
Се плашам дека импровизацијата, досадната и извештачена (не вистинската) либерална толерантност и потпирањето на старата слава на „булдожер-дипломатија“ се храната на Путин со која тој го всадува најопасниот сегмент од неговото тајно оружје – стравот, скепсата и влијае врз волјата на украинскиот народ. Во таа насока, на Путин му е крајно јасно дека Европа нема да биде единствена и веќе не е, околу неговиот план. Тој го виде тоа уште кога Олбрајт го правеше последниот (не оној што сега се подготвува) стратегиски концепт на НАТО – каде што наместо една, за да се задоволат сите, НАТО доби три мисии. Па, во перспектива секој си интерпретираше тоа што нему му беше битно. Оттука, во многу НАТО-земји речиси и да не се зборува за војување, туку за криза. Војската во многу НАТО-земји заради лажниот либерализам е организација за кризен менаџмент – гасење пожари, евакуација и сл.

Да не се разбереме погрешно. Далеку дека тие мисии не се битни за вооружените сили, ама не се примарни. Тоа е случајот и со украинската сага во вооружените сили. Не ми верувате, сетете се на 2014 г. Тука ќе застанам за да не повредам некои чувства бидејќи имам голем број пријатели во Украина. Во период од 2014 година, досега, дури и по претпоставка да имате суперелитно водство што разбира безбедност и геостратегија, а го немате, не можете да подигнете капацитет што ќе биде подготвен да даде одлучен одговор на силата на Путин. За да не се разбереме пак лошо, не зборувам за десетина елитни баталјони (по околу 500 луѓе). Зборувам за целата армија, без и воопшто да помислам за масовна мобилизација и отсуство од евиденција за искуство од координација на пошироките маси и ресурси – онаква каква што секој посакува да ја види во Украина.
И сега пак заради просторот, а по нешто и за препишувачите да им биде појасно. Земете сѐ што досега кажав во поглед на информациите, дипломатијата, прокси-силите, капацитетот на рускиот маневар и оперативен досег, и пак ќе подвлечам, Путин нема да изврши масовна инвазија врз Украина. Тој ќе го добие тоа што го сака, не на начин на кој многумина очекуваат, туку по мера како што тој сака, барем засега. Последното е од особена важност, бидејќи за разлика од сите анализи што се прават за потенцијалниот конфликт (и тоа погрешно бидејќи се обидуваат да го регионализираат целиот проблем), вистинските махери на воената уметност на Запад многу добро знаат кое е најрационалното решение за Путин – бидејќи тој е практичен. За Путин, неколкупати кажав, е битна географијата. Тој знае дека историски Русија никогаш не била добра во офанзива. Внимавајте, не контраофанзива како на Суворов, Котузов или победите на Жуков, туку онаква како што некои се обидуваат да имплицираат дека се подготвува. Наместо тоа, Путин ќе продолжи да го храни конфликтот во Донетск и Луханск, со ресурси и сили. Диверзантските сили што се на територија на Украина веќе се во контакт со проруско население и вршат масовна обука на сепаратистички сили, кои треба да ја отежнат евентуалната офанзива на украинските вооружени сили за ослободување на деловите од истокот на Украина. Многу бргу, доколку ситуацијата продолжи да ескалира во полза што нема да му оди во прилог, е можно да започне со длабоки диверзантски операции и саботажа врз критичната инфраструктура, но и на вооружените сили во Украина.

Потенцијални пробни диверзантски напади врз вооружените сили на Украина со цел собирање податоци преку насилно извидување се опција, (пак ако се инсистира на тоа Украина да почне офанзива во спорните територии). Истовремено, би се очекувало да се активираат и спијачите, кои сѐ уште ги има во делови од вооружените сили на Украина (во периферните состави или деловите за борбено сервисна поддршка) на кои им е посветено помало внимание во текот на професионализацијата. Масовното распоредување на просторот околу Украина ќе продолжи за да се осигури блицкриг-маневар за влез во спорните делови на Украина и распоредување еднострани мировни руски сили во овие делови, како краен оперативен досег во оваа фаза – по што анексијата и на овие делови е неминовна.
Дополнително, тоа ќе има цел да се одврати евентуален здружен европски одговор или, пак, да се влијае превентивно врз јавното мнение во либералниот свет, кој најмалку од сѐ сака да го растури комодитетот на благосостојба и да влезе во војна со Русија. Засилен рој од сајбер-напади со кои ќе се врши прво насилно извидување, собирање податоци и масовно електронско војување за парализа на комуникациите и командните системи, за кои барем засега Украинците имаат многу малку искуство. Кон сето ова би додал и засилена синхронизација на другите економско-енергетски мерки, кризен менаџмент за намалување на последиците од евентуални санкции, дипломатска офанзива кај традиционалните сојузници, но и билатерален пазар, посебно со северните европски држави на оваа основа и, секако, продолжена информациска кампања за стратегиско подривање на европската поддршка на Украина (за сето ова зборував нашироко претходно).

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.