Стоп за сите војни!

Колега ми праќа петиција за запирање на војната во Украина. Повеќе како провокација отколку како пријателско споделување на каузата. Не верува дека ќе потпишам, т.е. суптилно имплицира дека сум „за Путин“ затоа што ја критикувам дволичната политика на Западот и нивните неказнети војни. Пред 19 години, при најавата на нападот врз Ирак, циркулирав писмо на интелектуалци од Словенија до Македонија, со апели против таа војна, за која знаевме дека почива на лажен претекст и што ќе донесе. Овој ист професор, кој на мировните студии предаваше теории на ненасилство, ми одговори: За првпат сум горд на македонската влада, која е дел на коалицијата на Буш! Го потсетив на таа епизода, па побрза да ги израмни сметките, сега сме биле 1:1. Не баш коректно импутирање на нешто зад што никогаш не сум стоела и нема да стојам! НИТУ ЕДНА агресивна војна не може да се оправда, без оглед дали ја води „американската коњица“, „руската мечка“ или „саудиски бедуини“. Петицијата ја потпишав, иако е патетичен обид да се „стори нешто“, да се смири совеста и да се демонстрира стоење на „вистинската страна“ (по децениски молк за другите воени походи, од кои некои и денес се активни). Таканаречените „проверувачи на факти“ бараат од некој како мене со децениски стаж во антивоеното движење и книга со антивоени есеи одново и одново да се колне дека е против (и) оваа војна. Трипати дневно, и со задолжително знаменце на ФБ-профилот. Имплицитниот императив е фаќање страна, небаре сме во криза со „Информбирото“: дали си за Тито или Сталин е заменето со дали си за НАТО/Украина или Путин. Таа лажна дилема во бинарниот ум (или-или) е вградена во темелите на моралниот колапс на човештвото. Тие не можат да сфатат дека човек мора да биде еднакво против двете завојувани страни. Особено кога сме на чекор до нуклеарен холокауст, а ЕУ се однесува како пироман, а не нобеловец за мир. Со дотурање оружје, Украина станува фактичко бојно поле на НАТО и Русија, да не се лажеме. Како што вели Јан Оберг, Западот е на автопилот на безгранична омраза кон Русија и сѐ руско (од Чајковски до театарот Бољшој).
Глобалното мировно движење имаше моментум на 15 февруари 2003. Светското јавно мислење беше прогласено за трета суперсила од „Њујорк тајмс“. Побрзав да го вклучам во учебникот по меѓународна безбедност, верувајќи дека ќе се факторизира и дека моќта е во народот, кој никогаш не би војувал ако не е заведен со омраза и страв. Обичните луѓе знаат какви страдања следуваат кога тие на врвот играат шах и воени игри. Но мировното движење исчезна како дожд во пустина. Светот остана нем и индиферентен пред сите злосторства, од секојдневните во Палестина и Јемен до употребата на белиот фосфор во Басра, тортурата во Абу Граиб и Гвантанамо, враќањето на Либија во камена доба, уништувањето на музејот на Вавилон, Палмира и Дамаск итн. Асанж ги разоткри злосторствата и за тоа лежи во лондонски затвор, додека Тони Блер стана витез. Впрочем, и антивоените протести во руските градови се поголеми од сите други што беа организирани против западните империјални походи (секоја чест на квекерите и малите антивоени групи, но јавното мислење е со „фабрикувана согласност“, како што вели Чомски). Великиот Роберт Фиск почина, па едвај да има некој да сведочи за страдањата на цивилните жртви во некои заборавени делови на светот. Среќа е што уште зборуваат Пилџер, Чомски, Варуфакис, Глен Гринвалд, Скот Ритер – со сиот ризик да бидат линчувани како „љубители на Путин“. Ритер беше инспекторот на ОН за вооружување во Ирак што ја разоткри лагата на Блер, а денес го порачува она што го знаеше секој разумен човек: НАТО не само што нема добра причина да постои, туку е и апче за самоубиство на Европа. Можеби и на човештвото…

Меѓународното право, или она што постоеше од него, умре во 1999 година, кога суверена земја беше нападната без одобрение на Советот за безбедност. Тоа беше точката на пресврт, а беше само прашање на време кога тој (божем) преседан од „хуманитарна интервенција“ ќе стане правило што ќе го користат големите сили. Се нанижаа „преседани“, кои сега ги (зло)употребува Русија. Единствено различно е што нападот се врши врз европска земја, и тоа со директна (копнена) операција. Во оваа верзија на битката на Давид и Голијат, западните сојузници, наместо да инсистираат на итно и мирно решавање на спорот и враќање кон договорите од Минск, сега дотураат масло во огнот. Во моментов е тешко да се предвидат последиците, но светот веќе тргнал по ѓаволите. Несомнено е дека симпатиите се на страна на Украинците, кои се колатерална жртва на големите сили, па станаа бојно поле за нивниот судир. Ретко кој смее да ја види пошироката слика, која ќе ги вклучи и страдањата на источниот дел од земјата со десетици илјади жртви за кои никој на Западот не се вознемири. Тоа беа само некаквиси сепаратисти, Руси. Се мижеше и пред неонацистичките групи, идеологија и веење со свастики.
Досега знаевме (иако малкумина се осмелуваа/т да кажат) дека сите американски претседатели беа/се воени злосторници и останаа неказнети, над моралот и меѓународното право (САД дури не се ни членка на Меѓународниот кривичен суд). Со овој чин, Путин тукушто им се придружи: една суверена земја е предмет на агресија. Или, поточно, ова е преемптивна „одбрана“, со зборовите на Џорџ Буш Помладиот. Очигледно Путин ги бележел во тефтерот сите постапки од изминатите триесетина години, па постапува речиси идентично, користејќи иста реторика, потези, воени операции, како и правото на вето во Советот за безбедност на ОН (исто како што САД блокираат секаква осуда на Израел со децении и како што манипулираа со разните резолуции за да најдат „дупка во закон“ за операциите во кои растурија цели држави и оставија милиони невини цивилни жртви).
Дали е светот воден од лудаци подготвени да војуваат без оглед на цената во човечки жртви и деструкција? Или станува збор за нешто друго? Никогаш не сум верувала во тезите за „манијаци“ што водат војни за историско овековечување или освојувања. Фундаменталниот проблем е гнилиот меѓународен систем во кој големите држави го прават тоа што сакаат, а малите го трпат тоа што мораат. ООН намерно го направија бескорисен и немоќен музејски експонат, а неговите „сини шлемови“ се прикажуваат како неинволвирани (UNinvolved). Ако 1999-та беше климаксот на униполаризмот, 2022-та е година во која сведочиме на породилните маки на мултиполарниот систем во кој Студената војна ќе биде посакувана ама далечна цел. Во ваков систем (кој Европа го има преживеано со крв до колена пред Втората светска војна) нема правила, нема трајни коалиции, нема променливи принципи. Двојните аршини се единственото „право“ што владее во џунглата.

Украинските сцени побудуваат револт и барање итно да се запре војната. Парадоксот е што најгласни се тие што бараат мир – со оружје. Оние што ги осудуваат сите воени дејства, контекстуализираат или поставуваат незгодни прашања, како и против општото газење на меѓународното право, се најомразените луѓе. Им се закануваат како да се тие со крвави раце и со прстот на копчињата на лансирните рампи. И кај нас некои божем антивоени активисти бараат власта да ги збрише сите руски агитпроп-мегафони и агитпроп-агенти. Веројатно не ја разбрале ниту суштината на сталинизмот, ниту Оревловата „1984“ – која е опис на мултиполарен свет доминиран од тоталитарни режими што бараат целосна лојалност и љубов кон Лидерот, а длабока омраза кон непријателот (кој и да е тој во моментот). За жал, ова е глобален феномен. Го посведочив на онлајн антивоен собир (преку 2.000 луѓе), а на кој зборуваа и Џереми Корбин и многу мировни активисти на Коалицијата за забрана на војната. Додека тие зборуваа за ненасилство и преговори, во коментарите се лееше не само омраза туку и јасни повици за докрајчување на Русија. Таква жед за крв во име на мир одамна не сум видела. А по социјалните мрежи се закануваат и лица од позиции на моќ, па и харвардски професор по уставно право осуди за велепредавство (казната е смрт) една конгресменка од редовите на демократите, само затоа што побарала нештата да се решат на преговарачка маса. Таа жена, која трипати служела во Ирак, беше нарекувана кукавица и предавничка. Нешто слично се случува и со Катерина Пејовиќ во Хрватска. Деновиве е најопасно да си антивоено настроен. Личиш на човек што се обидува да раздвои двајца тепачи, па на крајот го извлекува подебелиот пат.

Без оглед на сѐ, антивоеното движење (и особено вистинската левица) стои пред огромна иако ризична задача. Во време на воена хистерија, треба голема храброст да се каже: доста е со двојни аршини, доста е со гледање на едно око, доста е со аплаудирање на воени алијанси, на трката во вооружување и милитаризацијата! Додека страда Украина, страдањата во другите делови на светот (Јемен, Сомалија, Сирија) се сметаат за не толку шокантни, па дури и како „нормални“. Антивоеното движење не може да си го дозволи тоа. Кога течат солзи за дечињата од Киев, тоа мора да се солзи и за оние во Донецк и насекаде во светот. Ова е моментот кога треба да се бара запирање на сите војни, не само на европската. Во оваа огромна задача, за жал, тргнуваме од нула. Американците го изгубија и сеќавањето на антивиетнамските протести, светот го нормализира милитаризмот, никој и не мисли на можноста од нуклеарен холокауст, „слабите држави“ се легитимна цел на интервенции, и сето тоа спакувано во „идеологија“, која на крајот се сведува на тоа дека едни животи се повредни од други. Санкциите против Русија ќе имаат бумеранг-ефект за целиот свет, освен за САД, кои повторно профитираат со јакнење на воено-индустрискиот комплекс и со зависноста на Европа од нивната воена моќ. Сценаријата за Украина се темни, но ако од Русија се направи држава-отпадничка, портите на пеколот ќе бидат отворени. Пораката до сите ќе биде дека веќе ќе нема ништо освен законот за силата. Помислувам дека сме можеби проколнати, дека чекориме на пат без враќање, истото месечарење со кое се влегло во Првата и Втората светска војна.