Стагнацијата на пензиите како општествен проблем

Сеќавања и сведоштва

Замина 2021 година, но последиците од здравствената и економската криза и осиромашувањето сѐ повеќе се чувствуваат. За тоа придонесуваaт и новите поскапувања на цената на електричната енергија за домаќинствата, на парното греење и нивното верижно влијание на ценовниот скок на многу производи, што создаваат посебна загриженост кај сите жители во нашата земја. Притоа, во општество за сите возрасти, како да се заборавени највозрасните, на кои пензиите им стагнираат и стануваат општествен проблем. Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари е зголемена за 9,48 отсто, а сметките ќе бидат повисоки, бидејќи е укината дневната евтина тарифа, која пензионерите често ја користеа. Истовремено, за скопјани парното греење е поскапено за 14,05 проценти. Поради овој голем удар на домашниот буџет, владата во заминување усвои програма извесен број најранливи категории лица да добиваат гарантирана помош за намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија за домаќинства со 600 или 800 денари, во зависност од нивните месечни примања и бројноста на членовите на семејствата. Но притоа не се земени предвид новите зголемувања на прехранбените и други продукти што деновиве се забележани и на пазарите за новогодишните и божиќните празници.
Од вкупно околу 330.000 корисници на пензија, речиси половината имаат пензија до 15.000 денари, а околу 75.000 пензионери до 10.000 денари, со кои тешко преживуваат. Познато е дека во 2021 година пензиите, според важечки законски одредби, се усогласени само со порастот на животните трошоци, и тоа во јануари со 1,2 и во јули со 1,1 отсто. Ова е историски најниско зголемување, со што реалната вредност на сите пензии значително е опадната и не го следи трендот на зголемените плати и на растот на цените на повеќе производи што не се пресметуваат во статистичката пензионерска кошничка. Ист е случајот и со зголемените трошоци на пензионерите за неминовни превентивни и куративни потреби предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Со оглед што законската одредба за усогласување на пензиите сѐ уште не е изменета, се очекува и од 1 јануари годинава покачувањето на пензиите да биде незначително. Просечната пензија е околу 15.800 денари, што во однос на досегашната просечна плата изнесува загрижувачки 54 отсто. На пример, на почетокот на овој век, од 2002 до 2006 година, овој сооднос бил од 59,2-61,4 отсто.

Меѓутоа, во последните години тој е сведен на 54,2-55,3 проценти. Според критериуми утврдени од Европската комисија, лицата што за живот имаат на располагање помалку од 60 отсто од просечната заработувачка во земјата каде што живеат се во опасност да станат сиромашни. Кај нас стагнацијата на пензиите е евидентна, така што месецов и да се зголемат линеарно по 1.000 денари, нема да има значаен придонес за враќање на нивната потребна вредност. Впрочем, стручните анализи укажуваат дека сегашните пензионерски примања создаваат егзистенционална грижа за 70 отсто од вкупниот број на пензионерите во нашата држава. За ублажување на оваа загрижувачка состојба, покрај измената на законските одредби за усогласување на пензиите, се апелира да се разгледа и законската можност за зголемување на пензиите доколку во тековната година има пораст на минималната плата за повеќе од 15 отсто и пораст на просечната плата од претходната година за повеќе од 5 проценти. Во тој случај пензиите може да се зголемат во процент не повисок од процентот на просечната плата од претходната година. Во спротивно, народните кујни со бесплатни оброци ќе стануваат наша стварност и за пензионери со ниски пензии. Секако, особена општествена грижа треба да се води и за снеможените и стари лица. Доколку се усвои барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија минималните плати од 1 јануари да изнесуваат 60 отсто од просечната плата, или 18.000 денари, според европските стандарди минималните пензии треба да изнесуваат 70 отсто, или 12.600 денари.
Сѐ поактуелно станува прашањето како да се обезбедат доволно средства не само за редовна исплата на пензии туку и за нивно пореално зголемување, за што треба да се бара помош и од наменските фондови за стари лица на Европската Унија. Насекаде третата доба е значително продолжена и трае многу подолго.

Фактите укажуваат дека во Европа живеат повеќе шеесетгодишници, отколку млади луѓе на 20 или 30-годишна возраст, поради што се води сѐ поголема грижа за старата популација. Во нашата земја значително е намален коефициентот помеѓу вработени и пензионери. Додека во 1991 година тој изнесуваше тројца вработени на еден пензионер, во последно време тој е намален само на 1,8 вработени. Кај нас мажите во пензија заминуваат со наполнување на 64 години старост и најмалку 15 години работен стаж, а жените со 62, но и со можност да го продолжат заминувањето во пензија за уште две години.Тоа е приближно со заложбите во повеќе европски земји 65 години да бидат горната граница за заминување во пензија. Во нашата земја од пандемијата на коронавирусот животот го загубија над 8.000 лица, повеќето возрасни и пензионери, со што Македонија е меѓу европските земји со највисока стапка на смртност. Во Холандија, Норвешка и во други земји на сите здравствени осигуреници им се надоместуваат трошоците од последиците на пандемијата, кај нас тоа е мислена именка. Но и тоа влијае на зголемувањето на сиромаштијата. И најновите сознанија укажуваат дека најсиромашни пензионери живеат во Естонија, Летонија, Литванија, Бугарија, Албанија, Романија и во Македонија. Во сите овие земји е потребна поголема државна грижа за промени во општествените сфаќања за стареењето и староста и за создавање услови за достоинствена старост. Новото време бара поголемо разбирање на стареењето и возраста, а на моќта, вештините, способностите и можностите на постарите лица да се гледа како ресурси што треба да бидат искористени. Меѓугенерациската соработка подразбира и целосно вклучување на ветераните на трудот во општествените збиднувања, подобрување на квалитетот на нивното живеење и збогатување на традиционалните културни, спортски и хуманитарни активности и дружења. Поради тоа Европската Унија особено ги поттикнува и финансиски потпомага оние проекти што вклучуваат повеќе генерации, најмладите со работоспособното население и старите лица што живеат дома или во пензионерски и старски домови. Притоа е потребно социјалните и другите институции активно да се соочат и да одговорат на предизвикот на општеството што старее.

Во очекување на стабилизација на економијата, потребни се нови стопански инвестициски активности и отворање работни места за млади стручњаци што ќе го подобрат солидарниот внос во фондот за пензиското осигурување. Европските пораки укажуваат на потребата од подобрување на стандардот на пензионерите, но и побрза изградба на современи пензионерски и старски домови, отворање клубови и центри за дневен престој на стари лица и друго. Овие прашања треба да имаат приоритети и во програмите на пензионерските сојузи, како и во Националната стратегија за стари лица на Македонија. Се истакнува потребата и од подобро точно и навремено информирање на старите лица во државата, а во локалните заедници треба да се формираат информативни канцеларии каде што постарите луѓе ќе може да добиваат информации и совети. Во рамките на сето тоа, Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија (СЗПМ), со 54-те здружени членки, треба да најде модели и форми да се вклучи во поголемо искористување на можностите што ги нуди Европската Унија преку финансирање разни проекти насочени за меѓугенерациска солидарност и соработка. Но за сето тоа е потребно и во ова време-невреме пензионерската организација и кај нас да биде погласна и понастојчива во своите барања во интерес на пензионерите и да стане значаен општествен фактор во државата, дотолку повеќе што во неа членуваат голем број научна, здравствена, културна интелигенција, докажани творци и истакнати личности, учесници на Народната револуција за ослободување од фашистичките окупатори, нивни поддржувачи, но и претставници на работничка класа и градители на татковината.

По примерот на Словенија и Хрватска и на други земји, и кај нас јавноста со право го очекуваше гласот на пензионерите со јасни ставови за проблемот со промената на името на државата, за бугарското вето и нивното настојување за заборавање на историската вистина, за значењето на македонскиот јазик и идентитет, како и за други значајни општествени прашања, како што се сиромаштијата и загрижувачките социјалните проблеми, за поделбите на наши и ваши, за недостигот од човечност и поголема солидарност. Сето тоа најмалку е мешање во политиката, туку е грижа за подобро денес и утре. Во вакви услови, СЗПМ наместо да го прошири информирањето на своето членство и јавноста, го укина прилогот „Пензионерски видици“, кој повеќе години излегуваше во ценетиот дневен весник „Нова Македонија“, но добро е што не го стори тоа и со прилогот на албански јазик во весникот „Коха“. Нови сериозни активности во државата не случајно најавуваат и лидерите на СЗПМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според мандатарот на новата Влада, Димитар Ковачевски, поради тоа што живееме во турбулентни времиња на кризи и неизвесности, потребно е да се обезбедат сигурност, подобар живот и посветла иднина за сите граѓани. Патем, тој ќе биде прв премиер во историјата од револуционерно Куманово. Претходно, пред осамостојувањето на државата, единствено Јездимир Богдански беше претседател на Претседателство на Социјалистичка Република Македонија и Станко Младеновски претседател на македонскиот парламент. Во новата 2022 година, за подобро решавање на наведените проблеми во државата и подостоинствен живот на пензионерите, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во името на опозицијата, бара предвремени парламентарни избори. При сето тоа не треба да се игнорира фактот дека кај возрасните се искуството и мудроста, а кај младите силата и со нивната сплотеност и заедништво може да се создаваат подобри и посакувани европски вредности за подобра сегашност и иднина на сите во нашата убава татковина.
Авторот е новинар, публицист и поранешен претседател на СЗПМ