Србите за Македонците и Бугарите за Македонците?!

Во изминативе децении можеби илјадници пати слушавме шум од истокот дека „Македонците ја љубат Србија“ (?!)… Постојано и непристојно ни се повторува дека Македонците сакаат да слушаат српска музика и гледаат српски телевизии. Но кој е тој Македонец што би вклучил бугарска телевизија и би слушал како се омаловажуваат неговите национални и културни особености, кој е тој човек што би трпел некој што се однесува непристојно кон него, без почит и уважување? Е, токму тоа може да се слушне или прочита во бугарските медиуми: Македонците се вештачка нација, која е создадена од Тито! Гоце е Бугарин! Гоце е Бугарин! Гоце е Бугарин! И сѐ така до бесконечност

Историјата честопати знае да биде апсурдна и да предизвика збунетост. Во еден документ од српска провиниенција можеме да прочитаме: „Ние со својата сила ќе поработиме што порано да стекнеме знаење како би ѝ биле од корист на нашата околина, а со тоа и за целото српство, па нас да не нè мачат Бугарите и преостанатите туѓинци.“ За оние што не знаат, станува збор за барање од септември 1888 година, испратено до Владан Ѓорѓевиќ, српски министер за просвета и црковни работи, од страна на македонски ученици. Меѓу потписниците на барањето е и смилевчанецот Дамјан (Даме) Груев – идниот апостол и волјата на револуционерна Македонија. На прв поглед, документот посочува дека Даме Груев и другите Македонци ветиле дека ќе работата за српската идеја. И сега српските историчари може да ни речат дека Даме Груев бил Србин! Но историската вистина не е толку едноставна.
Оваа бесмисленост можеме да ја објасниме и со Осман-бег и музичарите. Осман ги запрашал: Вие Македонци ли сте? На што сите во глас одговориле: Да, Да! Но кога повикал еден од нив и го запрашал: А ти? Го добил одговорот: Јас сум музичар, бегу! Во минатото, кога Македонците немаа своја држава и институции, кога немаше кај кого да се обратат за помош и заштита, Македонците беа прагматични и на туѓинците им го кажуваа она што сакаа да го слушнат.
Во српските архиви постојат повеќе документи што посочуваат дека неколку истакнати Македонци во одредени моменти во својот живот јавно го прифатиле српството. Но денешната српска држава и современата српска историографија, во ниту еден момент не го присвојуваат Даме Груев, ниту, пак, ги негираат националните особености на Македонците. Српските политичари и историчари разбираат дека споменатите македонски искажувања се во едно време-невреме и не ја злоупотребуваат сопствената архивска граѓа, сосема спротивно од бугарската политичко-општествена елита.

Да се навратиме на суштината. Во изминативе децении можеби илјадници пати слушнавме дека „Македонците ја љубат Србија“ (?!) и тука не застанува бугарската националистичка наративност. Постојано и непристојно ни се повторува дека Македонците сакаат да слушаат српска музика и гледаат српски телевизии.
Човек не треба да биде многу интелигентен за да разбере. Кој е тој Македонец што би вклучил бугарска телевизија и би слушал како се омаловажуваат неговите национални и културни особености, кој е тој човек што би трпел некој што се однесува непристојно кон него, без почит и уважување. Е, токму тоа може да се слушне или прочита во бугарските медиуми: Македонците се вештачка нација, која е создадена од Тито! Гоце е Бугарин! Гоце е Бугарин! Гоце е Бугарин! И сѐ така до бесконечност.
Да одговориме на прашањето зошто Македонците немаат исти аршини за Бугарија и за Србија. Македонско-српските односи не се национално-шовинистички оптоварени. Српската држава нема никакви претензии кон Македонија и македонскиот народ. Српското општество јасно и недвосмислено ги признава јазичните, културните и историските особености на македонската нација. Понекогаш може да слушнеме или прочитаме некој српски историчар како вели дека Македонците се вештачка нација, но тоа не е официјален став на српската држава.

Напротив, Македонците ги имаат сите малцински права во Србија и имаат три политички партии што се легални и регистрирани во српската држава. Затоа не треба да се зачудуваме што постојат големи културни, политички и економски врски помеѓу Македонците и Србите. Денес, Србија е еден најголемите економски партнери на Македонија, стотина компании и фирми инвестираат и соработуваат од двете страни на границата, имаме директна железничка и авионска линија помеѓу Белград и Скопје итн. Бидејќи односите помеѓу двата народа се релаксирани, честопати можеме да слушнеме некој Македонец како пее некоја српска песна или обратно.
За овие напишани редови, убеден сум дека ќе ни дофрлат: „Конечно србоманот си ја отвори душичката и пишува славопојка за својот Белград.“ Да, славопојка, ама врз основа на неоспорната вистина. Софија многу може да научи од Србија како се градат добрососедски односи. Во оној момент кога бугарската политичка и општествена елита ќе престане да ги присвојува македонските национални особености, тогаш Македонците ќе ја почитуваат Бугарија.