Софиските атентати од СДСМ врз Зоран Заев

За почеток едно објаснување до читателите. Текстот што ќе го читате подолу е најверојатно меѓу последните во кои ќе пишувам за Зоран Заев, поранешниот претседател на Социјалдемократскиот сојуз и претседател на Владата на Република Македонија (Северна, од негово време). И еден од ретките што ги пишувам во прво лице еднина, новинарски стил што не го негувам, освен при обработка на теми од лична или интимна природа. Изнесеното во текстот се мои лични погледи и толкувања, кои, на моменти ќе имаат призвук на цинична одбрана на поранешниот премиер. Не го бранам, само сакам да укажам на политичката некултура што владее во Македонија и на последиците од неконзистентната политика што се води во државата.
Од историските настан на почетокот на минатиот век, познати ми се настаните поврзани со атентатите и убиствата на македонски револуционери на улиците во Софија, главниот град на Бугарија. Нема да набројувам и именувам зошто листата е долга. Тие крвави години најчесто се дефинираат како братоубиствени пресметки меѓу Македонците, кои меѓусебно се разликувале во политичките убедувања за начинот на ослободување на Македонија и околу прашањето дали Македонците треба да создадат своја независна држава или да бидат во рамките на единствена бугарска држава.
Стопати е кажано дека историјата се повторува на разни начини и во поинакви форми. Сличности од пред еден век се забележуваат и во денешните односи меѓу Македонија и Бугарија. Тие ја немаат жестината проследена со ликвидации, крвопролевање и братоубиства, но ја имаат речиси истата тема, која сега се третира со насмевки и во бели ракавици. Нешто дипломатски, нешто заканувачки, отворено или под маса, добар дел и со јудини бакнежи. И со понекоја политичка бескрвна жртва.
Таква жртва е Зоран Заев. Човекот што дојде на власт во држава со едно име, а заминува од држава со друго, променето име. Човекот избран за шеф на Владата по еден устав, а поднесе оставка под друг устав, пропадна во јамата што сам си ја копаше. Притоа неговите колеги се потрудија да фрлат и понекоја грутка земја, секој по свое наоѓање и за свој интерес. Од посакуваното утописко општество за сите, создаде реално општество во кое сите застанаа против него, контра неговите политики.

На јануарскиот билатерален фестивал на насмевките и прегратките во Софија, кој не може да асоцира на Василичарскиот маскенбал во Вевчани, поранешниот, од партијата наклеветен, претседател на северномакедонската влада (негов омилен израз), го доживеа својот дефинитивен политички дебакл. Тоа славно пропаѓање не му го приредија ниту опозицијата ниту неговите критичари. Не дома, туку на туѓ терен го изведоа по однапред подготвени сценарио и режија неговите довчерашни поданици, подредени министри, послушни соработници, неговите сопартијци, фаворизирани кадри. Водечката улога во атентирањето на Заев на бугарска почва ја имаше аматерската, анационална младинска постава на Социјалдемократскиот сојуз, партија каде што до скоро Заев беше претседател. Прашање е дали сега некој во неа се сеќава дека навистина бил Заев или некое друго, виртуелно, онлајн лице. Во неговото решетење не изостанаа ни министрите од ДУИ, предводени од Артан Груби и Бујар Османи. Без вкус и мера го понижија својот довчерашен „бос над босовите“.
Да, софиските настани се обележјата на славната политика на апсурдот. Дури и кога еден вечен политички маченик и божји спасеник, каков што е Владо Бучковски, ќе изјави дека она што е направено во односите меѓу двете држави само во една (последнава) недела не е направено цела година. Протолкувана на македонски таа изјава значи дека неговиот неноминален шеф Зоран Заев цела една година чукал празна слама, се занимавал со марихуана, со корупција, со поткупи на пратеници за создавање собраниско мнозинство и од тие причини ги баталил и ги донел на најниски гранки односите со Бугарија. Па истиот тој Бучковски повеќе од една година беше специјален претставник токму на Заев, токму за Бугарија. Трескаше зелени, како што треска и сега, префрлајќи ја сета вина врз шефот, чистејќи ги валканиците од себе.
Францускиот филозоф Сен Симон, политички, економски и општествен теоретичар и трговец од Франција, кој имал значајно влијание врз политиката, економијата, социологијата и филозофијата на науката, само со една, мошне пластична реченица го објаснува односот на подредените откако ќе падне шефот од власт. Таа политичка филозофија гласи: „Оние што на министерот му го држеа нокширот при вршење нужда, подоцна, откако падна, му го истурија врз главата“. Токму тоа му го направија на Заев неговите следбеници, неговите есдеесовци во свечените бугарски министерски сали и разлеани низ софиските булевари.

Најновиот случај со поранешниот премиер на една држава со две различни имиња е уште еден пример за македонскиот синдром на самоуништување, состојба што политички ја обликуваше Михаел Данев, еден од комунистичките лидери кон крајот на минатиот век. Низ ситото на тој синдром сега се сее судбината на Заев. Тој си ги заслужи сите критики за своите дела и недела, но по толку слава и возвишувања, не беше за очекување дека ќе биде треснат толку силно од земја токму од неговите, од оние што ги држеше под пазува, ги измисли или ги донесе од никаде. Дека тие, со зборови и метафори, ќе му вршат дополнителни политички атентати.
Ако се проследат сите говори, изјави, интервјуа на македонските претставници при 24-часовната визита на Софија, од новиот претседател на Владата, до последниот министер, ќе се дојде до еден единствен заклучок. А тој заклучок гласи: За сѐ е виновен македонскиот претседател на Владата, кој се викаше Зоран Заев. Тој е виновен што односите меѓу двете земји биле замрзнати долго време, тој треба да се стави на некој столб на срамот зашто наместо изградена железничка пруга таа траса е обрасната со трње и трева. Зашто нема автопат од Шупли Камен до Банско, Боровец и Пампорово. Тој е крив зашто не ја исправи Крива Река и зашто Крива Паланка не ја направи Права.
Според сите изјави, иако никој не му го спомна името, камоли презимето, Заев е виновен што не бил потпишан ниту еден договор, меморандум или декларација, што не му текнало да играат фудбал министрите. Тој неспособен премиер бил без визија, имал застарени погледи, не го сфаќал новото политичко време. И бил главниот што не им давал уставни права и ги ништел Бугарите во Македонија, зашто тие кутри, биле без работа, без плата, без пензии, и што овие денешниве и нивните татковци, биле малтретирани уште во времето на цар Самуил, што треба да се признае како историски факт и да им се исплатат парични оштети. Заев е тој што ја ширел омразата, не биле тоа некои новинари, видни академици или интелектуалци, како што се шпекулираше во македонската јавност.

Вака преведена е опачината на говорите на македонските претставници, кои не само што го предадоа својот довчерашен лидер туку низ своите изјави му извршија неколку во синџир поврзани атентати. Не со куршум, бомба или експлозив, туку со збор. Главната порака на тие атентаторски изјави е: Сѐ што заташка Заев, ние, новите, неговите довчерашни пулени, ќе исправиме. Ќе ги исправиме дури и јазикот и писмото, ако видиме дека се грешни, дека не се чисто македонски. Заев веќе не е нашата надеж, нашата нова надеж е Кирил Петков, тој е од „Харвард“, не е како некојси ‚‚прост сељак од некоеси струмичко Муртино“.
Преку Заев се збогуваме со минатото, со Петков ја градиме иднината – е новиот државен и политички слоган под кој се одвива ангажманот на СДСМ, ДУИ и Алтернатива. И со Али Ахмети, неизбежно. Зашто само Бог и Али се безгрешни и вечни, сѐ друго е минливо и менливо. И Македонија како држава и македонскиот народ во неа, се разбира.

[email protected]