Софија – Скопје, летот непрофитабилен, односите крахираат

Кирил Петков во односите со Македонија не покажува толкава храброст како во односите со Украина. Или мотивацијата за Украина е посилна, или Кирил Петков нема
сили за двата пробива, па ја избира Украина наспроти Македонија, или отпорот кон Македонија е поголем отколку отпорот кон поддршката на Украина. Или мешавина на сите овие работи

Веста дека ќе се укине авионскиот лет Софија – Скопје поради непрофитабилност, по само два месеца функционирање, веројатно не изненади никого, барем во Македонија, и претставува одлична илустрација на крахот што им се случува на бугарско-македонските односи. Или, со зборовите на незаборавната југословенска спортска коментаторка, „диван лет, красан пад“.
Зошто веста за укинување на авионскиот лет Софија – Скопје, поради непрофитабилност, не изненади никого? Поради едноставната здрава деловна логика. Авионските летови на кратки растојанија, Софија – Скопје е околу 170 км воздушно растојание, се генерално непрофитабилни, поради другите опции за транспорт. Затоа обидите за авионска врска Софија – Скопје и претходно пропаѓале, а поради истата логика нема авионски летови од Скопје ниту за Солун и Тирана, кои се на слични растојанија. Не верувам дека и летовите Белград – Скопје би биле исплатливи, иако Белград е на двапати поголемо растојание од претходните примери, доколку Белград не е авионски хаб, точка на поврзување со други летови, вклучувајќи за Америка. Верувам дека поголем дел од патниците за Белград, Загреб, Љубљана или Виена, па и Истанбул, не се патници за таа дестинација, туку за поврзувачки летови за други градови. Но тие аеродроми станеле поврзувачки по многу години летови и натпревар со други аеродроми. И градови како Прага или Варшава се обидувале или обидуваат да земат дел од тој колач, но се откажувале. Оттука, секое планирање лет Софија – Скопје мора да биде во план за лет за поврзување за други летови, за што треба многу добра понуда и многу подолг период, да не кажам години, за да се променат навиките за патување и повеќе патници ја изберат Софија за транзит. Тоа, секако, не може да се постигне со два месеца летови.

Како што ни бугарско-македонските односи не можат да се променат за два месеца. Не само што летот Софија – Скопје е непрофитабилен, туку се чини подобрувањето на бугарско-македонските односи, не само што не дава резултати, туку се чини односите крахираат. Дали Кирил Петков, премиерот на Бугарија и неговиот план, поддржан од Димитар Ковачевски, премиерот на Македонија, за подобрување на бугарско-македонските односи беше преоптимистичен, наивен или замајување. Не само што летот е непрофитабилен, туку и другите делови од планот, како средби на разни комисии секоја недела, не функционираат. Фактот дека летот Софија – Скопје е ад хок, без многу промислување и план, говори дека и други делови од планот не се многу промислени.
И секако дека отпорот веројатно во двете земји, но особено во Бугарија, е многу голем. Така, наместо средби на официјалните комисии, добивме скандалозна посета на Кирил Петков на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. За тоа пишував претходно во „Блгария мерси!“. Зошто едно скандалозно и омаловажувачко однесување заслужува „Блгария мерси“? Затоа што со изборот на Иван Ванчо Михајлов ја отфрлија „јагнешката кожа“ и се покажаа во вистинскиот лик на волк. Мерси за отрезнувањето. „Мерси“ и дека Бугарија го избра Иван Ванчо Михајлов, а не Гоце Делчев. „Мерси“ што Бугарија уште еднаш нѐ сплоти нас Македонците, уште еднаш ги приближи македонската левица и десница. И дека таа скандалозна посета не е случајност се потврдува деновиве со конференцијата за Гоце Делчев под покровителство на Румен Радев, претседател на Бугарија.
Секако, Кирил Петков и Димитар Ковачевски можат да најдат оправдување за крахирање на меѓусебните односи во војната во Украина. Кога двата премиера ја најавуваа новата пролет во меѓусебните односи, сигурно не можеа да ја предвидат војната во Украина. Бугарија е на самата граница на војната и, верувам, тоа бара многу внимание на нивната влада. Но, од друга страна, Кирил Петков се осмели да се спротивстави на силното руско влијание во Бугарија и да одобри директно снабдување на Украина со оружје, како и да одбие плаќање на рускиот гас со рубли, поради што стана една од двете земји, со Полска, на кои им е прекината испораката на гас. Исклучителна храброст на Кирил Петков. Од друга страна, истиот Кирил Петков во односите со Македонија не покажува толкава храброст како во односите со Украина. Или мотивацијата за Украина е посилна, или Кирил Петков нема сили за двата пробива, па ја избира Украина наспроти Македонија, или отпорот кон Македонија е поголем отколку отпорот кон поддршката на Украина. Или мешавина на сите овие работи. Не може да се исклучи дека Кирил Петков ќе собере храброст и сили за уште еден пробив, земајќи во обѕир дека во моментов никој не посакува нови избори во Бугарија.

Во напливот на лоши вести во меѓусебните односи, се случи формирањето клуб за бугарско-македонско пријателство. Секако дека може да се најдат точки за критика. На пример изедначувањето на декларациите/резолуциите во собранијата на Бугарија и на Македонија. Или, пак, во учеството на контроверзни политичари, кои со своите изјави ќе претставуваат повеќе бреме отколку корист за клубот. Но во овие моменти на крах на меѓусебните односи, секоја иницијатива за пријателство треба да се прифати и поддржи, да ѝ се даде шанса. Во спротивно нѐ очекуваат натамошно закопување во позициите и долгогодишен замрзнат конфликт.

Авторот е аналитичар*

*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek #Добрососедство