Со посвета: На навидум тивките Македонци

Се зареков дека серијалот колумни за оваа 2022 година ќе биде целосно посветен на Македонија и македонските премрежиња. Не стасувам да направам план и структура на таа вивисекција; можеби тоа е и невозможно во време кога нештата се одвиваат и расплеткуваат пред нашите очи, де со трагични, де со своите фарсични димензии. Но оваа колумна е посебна: таа му е посветена на мојот неодамна починат колега Благоја Јанаков, не само како последен поздрав туку затоа што токму од неговото заминување научив многу за нешта што досега не сум ги видела доволно јасно. Кога претходната колумна, по обичај, ја испратив до еден круг колеги, ми дојде неочекувано ехо од Благоја – неговата ќерка ми соопшти дека татко ѝ починал претходната вечер. Во вакво време на умирање (што како резултат на ковидот, што од колапсот на здравствениот систем), ваквите вести колку што се потресни, толку ни станаа и „очекувани“. Обично, завршуваат со изразување сочувство – и толку. Но оваа вест ме потресе посилно одошто очекував, бидејќи – видете – Благоја ми беше факултетски колега од друг институт (психологија), човек кого не го среќавав често, ниту пак стасавме да го испиеме кафето и да си направиме муабет, како што си ветувавме со години. Некои би забележале дека јас сум веројатно последната што би требало да му посвети колумна на човек што, реално, други го познавале многу повеќе од мене. Но, како што одминуваат деновите, јас веќе не размислувам толку за неговата смрт, колку за неговиот живот. И тоа ме вознемирува! Многу! Бидејќи во неговиот живот, и особено во последната година откако замина во пензија, јас како да препознавам дел од својот. Лесно е да се каже „нека почива во мир“ – кога нему мирот му беше одземен во последните години и месеци, беше оставен сам да ги бие своите битки, поставен на ѕидот на срамот од цензори и „полицијата на мислата и моралот“ креирана во овој режим. Затоа чувствувам потреба да кажам како јас гледам на неговиот живот и она што го оставил зад себе.

За оние што можеби и не можат да се сетат или намерно го заборавиле, ќе потсетам дека Благоја Јанаков беше професор на Филозофскиот факултет речиси целиот негов живот. Не сум компетентна да го рецензирам неговиот научен опус, но една од највредните книшки што сум ги добила на подарок е неговата, посветена на среќата и добрувањето. Да, Благоја ги збогати мојот речник и мојата (раз)мисла со поим што не сум го знаела дотогаш. Или можеби сум го чувствувала тоа без да знам да го именувам. Според Јанаков, основна животна задача на човекот е добрувањето, a потребата да се постигне и одржува добросостојбата е мошне силен двигател. Добрувањето го дефинира како стремеж на луѓето кон личен развој, себеостварување и совршенство, а веруваше дека за многу луѓе најважна животна задача се љубовта и заедништвото. Според него: „Секој може да добрува. Дури и кога живее во тешки услови. Здравје, напредок и среќа не се можни без проблеми, тешкотии, труд и борба. Неприфаќањето на стварноста породува страдање. Луѓето не ценат битни нешта, а често се занесени по небитни. Не го ценат она што се и што го имаат, туку она што не се и што го немаат… Туѓото не усреќува. Биди свој/а, тоа што си. Основа на среќата е доброправењето“.
А знаете ли како замина од универзитетот? Познат како автор чиј универзитетски учебник стана предмет на првата тужба пред суд поради наводен говор на омраза и дискриминација (по родова и сексуална основа). На него го тестираа новиот закон донесен по победата на шарените прогресивци. Пребарувам по нашата имејл-кореспонденција и ја наоѓам неговата последна порака испратена во моменти во кои му беше многу тешко (јуни 2021). Меѓу другото, ми пишува: „Билјана: Не сум расположен за пишување, па ќе бидам краток. Работите со судењето споро се одвиваат и се компликуваат“. Во декември 2020 година ме известил: „Билјана: Поштарот ми донесе тужба. На околу 70-80 страници! Тужени се Филозофскиот факултет, јас и двајцата рецензенти“. Ми довери нешта што нема да ги соопштам јавно, но ме болат и денес, бидејќи јас – повеќе од другите – знам како е да си сам, изложен на ветрометина, како е да си посрамен без вина, како е прекуноќ да станеш предмет на линч за кажан збор, а само мал број луѓе да ти упатат топол збор на човечка поддршка.
Тужбата е уште пред судот, иако авторот замина, а учебникот некако се турна настрана. Некои ми велат бил чудак, бил аскет, немаше дома телевизор, живееше на свој начин. Живееме во општество во кое не се прифаќа да бидеш инаков, свој, „чудак“, а најмалку од сѐ да бидеш патриот, Македонец. Ова последново те прави, по дефиниција, „небањат“, примитивен, непрогресивен итн. Она за што го судеа и судат е дека бил хомофоб, дискриминирал и ширел омраза со својот научен опус. Еве, и да се оградам од заземање став за напишаното (не сум психолог), но никогаш нема да прифатам дека рецензенти и цензори од невладин сектор треба да го имаат мечот на Јустиција в раце. Да, тие „само“ се обратија до судот, но јавната осуда ја направија без тој воопшто и да одговори на нападите и клеветите. Беше јавно осуден и без судска пресуда.

Знаев дека Благоја е по потекло од егејскиот дел на Македонија (сега дознав дека баба му и дедо му биле партизани), ама ништо повеќе од тоа, никакви детали. Иронијата на судбината сакаше, покрај семејната траума, да доживее и физичка повреда (несреќен случај) токму во Грција пред повеќе години, по што остана со тешко оштетени гласни жици. Можете да замислите што значи тоа за професор! Но, Благоја не се откажа, беше стоик и продолжи посветено и чесно да си ја врши работата сѐ до пензионирањето. Можеби имаше физички хендикеп, но имаше повеќе храброст од мнозина да викне секогаш кога други молчеа и кога беше во прашање Македонија. Јас и Благоја стоевме на истиот фронт, бевме потписници на исти иницијативи и трибини, дури и тогаш кога не сме се договарале. Бевме во групата што ја обвинија дека наместо со научни аргументи, на трибина на Филозофскиот факултет (март 2018) пеела „Едно име имаме“. Се поздравувавме на протести, по снег и по дожд, под сонце или облаци, и ако не можеше да вика „МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА“, тој користеше свирче. Не пропушти ниту еден настан, додека другите си гледаа сеир, седеа во кафеаните и ни се чудеа на умот што протестираме пред Собранието. Ми кажаа дека свирчето му го ставиле в џеб, го понел со себе таму каде што заминал засекогаш – ако му затреба и таму да свирне против неправдите. Неговото семејство знае што му беше значајно нему, што го болеше и што го правеше среќен.
По игра на случајот, јас бев меѓу првите што дознаа за неговата смрт и, со дозвола на семејството, на Фејсбук се простив со него. Следуваше лавина реакции главно од неговите студенти, кои ми ја открија сета големина на Благоја како професор, човек и родољуб. (Патем, само на нивните солзи им верувам, студентите се нашите вистински судии за она што сме го сториле добро или не толку добро.) Сфаќам дека Благоја бил многу поголем патриот од мене и од она што сум можела да го замислам! Тој го посеал семето на добрувањето и љубовта кон татковината, без притоа да посее омраза кон кого било и од себе да прави икона. Безброј фејсбук-постови и приватни пораки сведочат колку млади луѓе извел на пат, на колкумина им помогнал да се најдат себеси, на колкумина им ја вратил самодовербата кога им било тешко и сега му се благодарни што верувал во нив. Речиси немаше реакција во која не рекоа „беше извонреден човек, редок, исклучителен професор, имавме среќа да го сретнеме во нашите животи“. Сега, кога размислувам за огромното наследство што зад себе го оставил навидум тивкиот Благоја, сета добрина, човештина, почит и родољубие, почнувам да се преиспитувам и себеси. Дали им оставам во залог на генерациите доволно добрување и љубов за Македонија? Дали сум дефетист ако не умеам навреме да видам дека некои луѓе, и без гласно викање и удирање в гради, умеат да посеат толку љубов и посветеност на професијата и татковината? Дали ним им ја должиме надежта дека Македонија ќе ја биде, на тие големи, а божем невидливи македонски патриоти? Колку вакви херои има низ земјава, а јавниот радар не ги регистрира?
Благоја Јанаков замина – со свирчето. Претпоставувам и со тежина на душата и горчина што е тешко да се опише. Неговата ја чувствувам како своја. И се прашувам: што правиме со нашите гласови и свирчиња, со нашите животи? Дали добруваме и сакаме доволно? Дали ги цениме битните нешта или дозволуваме да нѐ заведуваат со небитни светликави нешта од „европската цивилизација“? Дали нѐ наведуваат да не го цениме она што сме и што го имаме, туку по секоја цена да настојуваме да бидеме она што не сме за да го добиеме она што го немаме – и што наводно ќе го добиеме кога ќе стасаме „таму“, во Европа?

Што би кажала на крајот на ова простување со Благоја, тој чуден и благ човек, кој своите најдобри вредности ги споделувал толку штедро без да прави драма од тоа, а не сакајќи замина како лик од јавна фарса, којашто не ја заслужи и во која мнозина му го завртеа грбот или останаа индиферентни? Ми паѓаат на ум зборовите на негова бивша студентка: „Зарем е можно да се опише тагата за Вас? Нема збор, само да се преживее, да се истагува, како што вие нѐ учевте – тагата треба да се тагува!“. Почивај во мир, драг Благоја, а за сѐ што си сторил за студентите, за нас кои се сметавме за твои пријатели и за Македонија, постои само еден збор: добрување! Ти си добрувал и си нѐ збогатил сите.