Скитник, кројач, војник, шпион и дипломат

Зошто македонската власт започна жесток прогон на генералот Методија Величковски, разузнавачот Наќе Чулев и амбасадорот Зоран Дабиќ? Веднаш по јулските протести против предлогот Ковачевски – Петков, попознат и како „француски предлог“, се случи итно пензионирање на генералот Методија Величковски, беше суспендиран врвниот македонски разузнавач Наќе Чулев и во МНР се поведе дисциплинска постапка за отказ на амбасадорот Зоран Дабиќ. Овие тројца врвни професионалци ги поврзуваат премногу заеднички нешта. Прво, станува збор за три прекрасни личности, семејни луѓе, со оптимистички и жизнерадосен светоглед, неспорен личен интегритет и врвни морални вредности. Потоа, сите тројца се влезени во државните институции преку конкурс, „ни по бабу, ни по стричевима“, оценувани исклучиво преку најобјективни мерила, со највисоки просечни оценки во сите степени на образованието и со беспрекорни вреднувања при најобемните безбедносни проверки пред нивното вреднување. И генералот, и разузнавачот, и амбасадорот влегуваат во армијата, агенција и дипломатијата буквално на најниските можни скалила, односно како потпоручник, помлад соработник и аташе, а потоа бавно напредуваат по сите скалила сè до највисоките професионални звања на генерал, државен советник и амбасадор. Германците знаат да кажат „Ochsentour“ за овој тип кариерно напредување, најгрубо преведено на македонски како макотрпен и долготраен биковски труд, без да се прескокне ниту една пречка и без да се избере кој било пократок пат до врвот. Исто така, за сите нив тројца е невиден успех пробивањето без звучно презиме, стари семејни врски или фамилијарни азна, без никакви моќни кумови, другари и роднини, а и без припадност на партии, препораки од општински комитети или залагања на општински организации. Сите нивни три биографии може слободно да влезат и во учебник за кариерно напредување во државната служба како урнек за постојано вложување во себе, користејќи го напредното образование (магистерско и докторско) на македонските образовни институции, но и сите највисоки професионални школи што ги нудат Европската Унија, НАТО и врвните светски сили за кариерно унапредување на најзначајните и најчувствителни државни служби. И сите овие тројца на сите меридијани и во сите професионални школи го осветлиле образот на Македонија и на македонската државна служба.

Не можам многу да зборувам за нивната работа затоа што и јас и сите тие тројца сме врзани со одредбите на македонските закони околу класифицираноста на податоците, а и елементарната пристојност и воспитание наложува дека е потребна јасна историска дистанца за објава на детали од конкретните активности во нивните служби (војска, разузнавање и дипломатија). Меѓутоа, можам слободно да кажам дека со сите нив тројца сум се сретнал и во мојата професионална кариера како државен службеник, а и потоа како политички функционер. Моја врвна привилегија и чест била што сум имал можност да ги имам сите тројца и како ментори и како колеги, но и како соработници. Знам дека најлесна и најкомотна позиција во македонската јавност е да се критикува македонската администрација, а посебно македонската дипломатија, разузнавање и војска. Секако, овие најчувствителни институции на државата не смее да бидат лишени од критика затоа што доколку внатре ја вклучиме и полицијата доаѓаме до најтврдиот дел на државната служба, установите одговорни за заштита на редот, мирот и уставниот поредок, одговорни за одбрана на човековите права и слободи на секој македонски граѓанин. Секое, па макар и минимално, потфрлување во нивната работа завршува со сериозни проблеми и големи трагедии. Но нивната успешна дневна работа е невидлива за јавноста, но овозможува општеството, економијата и културата непречено да си функционираат, а секој поединец да си ја бара својата среќа онака како што замислил.
Генералот Величковски, разузнавачот Чулев и амбасадорот Дабиќ се дел од едно јадро во македонската државна служба, ако сакате и во македонската длабока држава, кое успеа да ги преброди сите општествени зла што ја снајдоа Македонија по демократизацијата и осамостојувањето. Тоа јадро и ден–денес од петни жили се обидува и се труди да ја одбрани македонската државна служба од корупцијата, партизацијата, непотизмот и сите други зла што ја разјадоа секоја институција во Република Македонија и доведоа до владеењето на Зоран Заев, Преспанскиот договор и оваа кошмарна агонија што ги поткопува самите темели на државноста. Сите овие тројца државни службеници кога раководеле со институциите зад себе успеале да остават подобри установи, да издигнат нови колеги способни да ја преземат палката и да ја одбранат македонската државност од чудовишните посегања на сите нејзини душмани. Исто така, иако во непосредна близина и во секојдневна работа со политичарите, генералот, разузнавачот и амбасадорот успеаја да одолеат на сите предизвици на политичката моќ, да одбијат незаконски, неуставни и неетички насоки од политичарите, но и да ги советуваат избраните и именуваните функционери како најдобро да ги спроведат зацртаните политики за унапредување на македонската држава, економија и општество.

Генералот, разузнавачот и амбасадорот се светол пример за тоа како треба да изгледа државната служба во дипломатијата, војската и во разузнавањето. Тоа е еден ферментиран и дестилиран државен и уставен патриотизам. „Во служба на македонскиот народ“ разбрано како заклетва пред татковината и пред секој нејзин граѓанин.
Токму тоа е причината за овој срамен прогон против генералот, разузнавачот и амбасадорот. По интервјуто на Зоран Заев на БГНЕС, а посебно по 19 јули и усвојувањето на предлогот Ковачевски – Петков, познат и како „француски предлог“ веќе е јасно дека чудовишната цел на архитектите на Преспанскиот договор и на „преговарачката рамка“ не запираат тука, туку одат далеку подлабоко во разградување на самите темели на современата македонска држава и во создавање нова „северномакедонска нација“. Пензионирањето на генералот Величковски, суспензијата за Наќе Чулев и дисциплинската постапка против амбасадорот Зоран Дабиќ не се изолирани и неповрзани акти. Тоа е системски обид на одродената врхушка на власт за заплашување на сите војници, разузнавачи и дипломати, но и на сите припадници на професионалната државна служба. Владата мошне правилно го толкува злокобниот молк на македонскиот народ, а посебно напнатоста во врвната државна служба, помеѓу луѓето што се заколнале на верност на Македонија и на одбрана на македонскиот устав. Кај генералот, разузнавачот и амбасадорот пречи само нивната гласност, фактот што тие станаа гласноговорници за целата македонска армија, за сите македонски разузнавачи и за севкупната македонска дипломатија. Нивната заклетва ги обврзува да бидат гласни и да го предупредат македонскиот народ дека следните чекори нè носат во бездна. Владата сака да ги замолчи, мислејќи дека така ќе го реши проблемот и дека ќе ги преплаши сите други припадници на македонската државна служба да не помислуваат на својата заклетва пред државата, Уставот и пред македонскиот народ.

Мојот омилен британски писател на шпионски романи, Џон Ле Каре, во неговото прекрасно дело „Скитник, кројач, војник и шпион“ ги држи читателите во тензија до самиот крај за да се дознае кој е „кртот“ на советското КГБ во британскиот МИ6 („Циркусот“), кој толку скапо ги чинеше. Меѓутоа, во епилогот на неговото дело следиме дека по разоткривањето на кодошот, врвната државна институција самата си се чисти од непријателскиот пробив и се обновува. Токму затоа и во оваа моја колумна го украдов насловот од Џон Ле Каре. И кај нас, откако конечно ќе се возобнови демократијата и ќе си ја вратиме државата на следните избори, ќе биде потребно да се расчистат последиците од владеењето на наметнатата, одродена и ненародна власт, која се обиде да ги поткопа самите темели на македонската државност, ја доведе Македонија во подредена состојба пред други држави и го загрози самото постоење на македонскиот народ, идентитет, јазик, култура и традиција. Обновата на македонската државност ќе ја водат учениците на генералот, разузнавачот и на амбасадорот, а тие треба да ги добијат поддршката и заштитата од целата македонска јавност против разјарениот политички прогон со кој се соочуваат.

Автор: Ивица Боцевски