Сите: Бараме мерки! Владата: (Цацко) е крив!

402

Владата е влада, бидејќи ја има најголемата моќ, а со тоа и најголемата одговорност! Затоа треба да престане со игри на обвинувања и да отвори политички дијалог, не само со опозицијата туку и со приватниот сектор, за ефективни антикризни мерки!

Две години по ковид-пакетот на економски мерки, Владата, по голем притисок од јавноста, го обелодени пакетот за мерки за справување со растечката економска криза предизвикана од војната во Украина. Мерките, според изјавите на Владата, се во вредност од 400 милиони евра. Тоа би било значајна економска помош по 1,2 милијарда евра од ковид-мерките. Би била значајна доколку е вистинита! Сѐ се чини дека мерките за ковид и војната во Украина се вистина колку што се вистина 1.000 километри патишта изградени и реконструирани во мандатот на оваа влада. Во земја каде што пругата за Бугарија не паметам колку години веќе се гради, каде што автопатот Кичево – Охрид се гради осум години и е далеку од завршување, каде што 2 км од автопатот кон Приштина ветени пред три години никаде ги нема, не е дрско, туку крајно безобразно да се даваат изјави за „1.000 километри“.
Така е и со ковид и сегашните мерки. Владата упорно тврди дека ковид-мерките се 1,2 милијарда евра, што уште со објавувањето на мерките беше јасно дека не е точно, бидејќи вклучуваа и мерки како тригодишен проект за комасација на земјоделско земјиште, мерка што нема врска со ковид. Според познавачи на состојбите, ковид-мерките во фискални рамки не биле повеќе од 400 милиони евра за 2020 и 2021 година, а сегашните мерки, бомбастично најавени за 400 милиони евра, најверојатно нема да надминат 120 милиони евра. Значи, стандард на оваа влада е да ги надувува своите мерки за три-четири пати. Така, најверојатно оние „1.000 километри“ се 200-300 километри, повеќето рурални и урбани улици.

И не е така само со овие мерки, туку речиси со сите мерки што ги презема оваа влада. Од оваа година се воведе недела како неработен ден, наместо претходното решение за еден неработен ден во седмицата. Прес-конференции, најави, сликања… и неколку недели по воведувањето први анализи. Што мислите, кој е најголем прекршител на законот? Продавниците? Не, сите редовно ги затворија продавниците, сметајќи дека прометот ќе остане ист, а ќе се намали потребата од работници за 15 проценти и ќе се зголеми мотивацијата на преостанатите вработени. Најголем прекршител е Владата, според Сојузот на синдикати, од 12.000 пристигнати пријави, најголем дел се од јавниот сектор. Од овој месец се утврди минимална плата од 18.000 денари. Кој мислите ќе биде најголем прекршител на законот? Текстилната индустрија? Можеби ќе биде втора, но повторно зад Владата. Да, да, Владата е најголемиот прекршител на законот и има убедливо најголем дел од судските постапки за трудово право. А сте слушнале, не за 300 инспектори во еден ден во една институција, туку за еден трудов инспектор некогаш да изврши контрола во државна институција?
Или сакате повеќе за „швајцарскиот модел“ на пензии, изјава што веројатно ќе ја надмине по безобразноста таа за „1.000 километри“. Владата воведува модел сличен на тој што се применува од 2012 година, а поради штедење Владата на СДСМ го укинува во 2018 година. Е, сега, не штедела самата Влада, туку штедела на пензионерите. Со измените од 2018 година на пензионер со просечна пензија од 16.000-17.000 денари му се скратени околу 1.500 денари месечно или годишно 18.000 денари – една пензија или за три години пензионерите се скратени за три пензии. А сега нудат милостина од 1.000 денари за три месеци.
А што да се каже за мерките во енергетиката или за замрзнувањето на цените или на трговските маржи. Она пресмешно замрзнување на трговските маржи на 5+10 проценти, на пример на овошје и зеленчук, каде што кало и растур е 15 проценти, што веднаш ги испразни полиците во продавниците?
Одговорност, вина? Е, тука Владата не штеди. Но не во својата одговорност, туку не штеди во префрлање на вината, во оцрнување на кој било друг, најчесто опозицијата или приватниот сектор („злите алчни олигарси“), секако и самите граѓани, само тие, Владата, се „невини, некорумпирани, одговорни политичари“. Да не редам пак десетици примери, да го земам за пример последниов, за префрлање вина на „Кам“, најголемиот синџир на продавници во Македонија. Над седумдесет продавници беа затворени по еден-два дена поради контроли од УЈП, со над 300 инспектори, како што изјави самата Сања Лукаревска, директорка на УЈП. Повод, наводни пријави за поскапување и ограничување на продажбата на масло за јадење. Некој би рекол, редовна работа на УЈП. Но дали е баш така? Поводот не е толку значаен за толку масовна акција. „Кам“ е дисконт-маркет, што значи дека заедно со другите дисконти, како „Стокомак“ и „Кипер“, има најниски цени и рабати и маржи. Според моите информации, редовните трговски маржи тука се најниски во секторот.

Така што маржите тешко дека се образложение. Како што не и ниту маслото, бидејќи се попишуваа сите артикли. Оттука, Сања Лукаревска, директорка на УЈП, ќе треба да објасни кои се причините за таква масовна акција, која поради затворањето на продавниците дополнително ја зголеми паниката на граѓаните. Ако нема објаснување, преостануваат чаршиските муабети, од тоа дека акцијата во „Кам“ е казна од Крешник Бектеши, министерот за економија, и порака до сите трговци, поради нивното одбивање на ограничувањата 5+10 проценти на маржата, до тоа дека се прави притисок за подобрување на конкурентска позиција на друг синџир на продавници, што потсетува на казнените експедиции во угостителството во Битола, Гевгелија, Куманово, Кочани и други градови. И да не кажам, потсетува на последните години на владеењето на претходната влада, кога Никола Тодоров, министерот за здравство, измисли епидемија на листерија за да казни одредена фирма од месната индустрија.
Владата е влада, бидејќи ја има најголемата моќ, а со тоа и најголемата одговорност! Затоа треба да престане со игри на обвинувања и да отвори политички дијалог, не само со опозицијата туку и со приватниот сектор, за ефективни антикризни мерки!

Авторот е аналитичар* *Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek #ЕУ