Штрајкбрехери

1282

Ако очекувате да се зафатам со глорификацијата на фашизмот, со понижувањата, со безмилосното размакедончување, со патриотизмот на грчкиот фанариот ЗЗ, со венецијанскиот трговец Бујар што ни продава мачка во вреќа, со Ковачевски, кој е само неважен извршител на тестаментот, со срамотата што ни ја нанесоа не само Битола (бабам, Битола) – ќе ве разочарам. Како Касандра одамна сум го предвидела сиот овој гнилеж, уште кога не ми веруваа. Фашизмот се повампирува, ама не е ни тоа од денес. Ја заборавивте Преспа? Денес Гоце го поставија рамо до рамо со Ванчо Михајлов, а ние градиме добрососедство со луѓе што своето темно минато го нудат како европска иднина. Што повеќе да се каже – а да не се дејствува? До коска боли сето ова, но сепак во сенка не смее да падне темата што насила сакаат да ја затворат – образованието. (Можеби и штрајкот ќе престане додека ова стигне до вас. Со полиција во Битола, со притисоци и закани врз учителите.) А образованието е државниот механизам преку кој најлесно систематски се всадуваат подаништвото и демакедонизацијата.

Значењето на зборот штрајкбрехер се наоѓа во Официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик: именка од машки род, која означува „лице што одбива да учествува во штрајк на колективот на кој му припаѓа или лице / што за време на штрајк доаѓа како замена за работник што штрајкува“. Во оваа земја не сме виделе ниту еден единствен генерален штрајк за триесетина години (а ни претходно, кога синдикатите беа приврзок на СКМ, а работничката класа беше божем владејачка). За ваквиот масовен и солидарен вид борба за подобри услови за работа и соодветно вреднување на трудот можеме многу повеќе да научиме од Грците и од Французите отколку од нашата историја. На Универзитетот сум од 1983 година, а штрајк не сум видела ни за „лек“. Дури и кога (како сега) другите од секторот образование штрајкуваат и биваат застрашувани и демонизирани, ние на универзитетот сме од друга планета. Како да ни е толку добро што немаме причини за штрајк. Поделени внатре, како и општеството во целина, моќ за акција нема. Доминира политичката кооперативност; не бива да го лутиш оној на власт кого го молиш за милост, а божем преговараш. А им даваме јубилејни награди на полуписмени и милитантни ликови, се поклонуваме како тие да се заслужните. Молчиме кога ги деградираат науката и слободата на научно творештво (историските науки се најдобар пример), молчиме кога нѐ преименуваат, молчиме за сѐ – освен за смена на (груевистички) режим, кога краткотрајно ќе се „разбудиме“ за да го дочекаме „заевистичкиот“. Тогаш не ни пречеше ни средношколците кога протестираа – демек, за добра и висока цел. Денес да ни кажат и јаже за бесење да си купиме, ќе нема приговори. Затоа, кога пишувам за штрајкбрехери не мислам на репертоарот за минирање на штрајкот со т.н. „заменски наставници“ (фактички штрајкбрехери), туку на безвоздушниот простор во кој лебди високото образование. Вистинските штрајкбрехери сме ние на највисокото скалило на образованието, кои се однесуваме како сето ова да не нѐ засега.
Социјалниот лом беше очекуван и започна од моментот кога власта почна да купува социјален мир со подигнување на минималната плата. Грижата за најниските социјални слоеви е императив за секое праведно општество, а особено среде кумулација на кризни состојби (од пандемија, криза во енергетиката, сиромаштија и инфлација што демне, санкции против друга држава заради солидарност со НАТО, кои нѐ погодуваат како бумеранг, зголемени воени издатоци). За јавашлакот и аздисаноста на елитите и да не зборувам. Ама ние не сме ни праведна, ни држава. Минималната плата се зголеми со декрет – и со задолжувања во странство – а не поради раст на економијата или разбудената свест за социјална правда или одрекување од луксуз на најбогатите! Духот од шишето го ослободија без да знаат како ќе го контролираат и вратат назад. Очекувано, настана верижна реакција во сите сектори каде што се наруши балансот на договорените коефициенти на сложеност на трудот утврдени во некакви колективни договори. (Поради нив насила нѐ тераа да се зачлениме во синдикати за да имаме право на некои трошки од колачот. Одбив да се зачленам затоа што имам искуство од такви фасадни институции од минатото, а и зашто не верувам во синдикална борба во која те инструираат и контролираат одозгора.)

Колешка ми праќа историски сведоштва за штрајкот на учителите во САД од 1930-тите години. Ти се чини дека ама баш ништо да не се сменило кога станува збор за понижувачкиот статус на оние на кои им се доверуваат децата. Насекаде во светот и во сите епохи. Денес кога дебилизацијата на масите е политичка цел, мотивот за тоа е повеќе од видлив. Наставничката професија останува една од најниско платените и општествено најценетите (на зборови). На старата фотографија се гледа млад човек во работничка облека како држи транспарент: „Го напуштив школото за да работам за 21 долар неделно. Платата на моите учители е 17 долари неделно.“ Така е и денес: поисплатливо е да бидеш келнер во подобар ресторан, овчар или службеник во оние добро платени јавни агенции и комисии отколку да си во образование. Во секторот, иако јавен, намерно се создава конкуренција: наместо да нѐ поврзуваат иста цел и чувство на општествена мисија, ние се гледаме преку нишанот на егзистенцијата и суетата. Така се кршат и фелата и класната свест. Практично гледано, ако платата на административните работници, во судството, поштата итн. е подигната, тогаш зошто некој би се занимавал со континуирано дообразување, докажување и извонредност, творештво, меѓународни ангажмани итн., ако трудот се вреднува колку и тој на вработен со средно или (само) високо образование? Платата на редовен професор на универзитет не достигнува ни 40 илјади денари, а асистент со докторат има плата колку наставник во средно образование. Докторските студии (за кои државата не обезбедува стипендии ни за најбрилијантните) чинат 5.000 евра без дополнителните трошоци (еден од нив е новиот изум со кој задолжително се бара од кандидатите на свој трошок и издвоено време од работното место да си платат еднонеделен престој на странски универзитет.) Одамна дел од професорите опоменуваат дека универзитетот одумира (заедно со идејата за извонредност): државата не само што не дозволува нови вработувања; ако ги дозволи – тие се за партиски кадри (обично за најслабите студенти препишувачи). Дури и да не се „наместени“, најдобрите кадри одбиваат да работат за ниска плата на работно место што бара непрекинат ангажман низ целата кариера. Најдобрите заминуваат што подалеку.

Иако не се согласувам со главно економскиот резон за мисијата на образовниот систем во колумната на Зоран Јовановски, не можам, а да не се сложам со заклучокот дека не е сѐ во ниските примања. Проблемот е што образованието е сираче, несакано дете на сите влади во изминатите 30 години, низ кои се изредиле 19 министри за образование (и наука, нагласувам), со просечен мандат од нешто над 1,5 година и со старосна структура од околу 40-годишна возраст (осуммина биле во своите 30-ти години). Сетете се само на пустошот што го остави зад себе милата Мила (заедно со слаткиот профит за избраните што спроведуваа дигитализација со пари на Светската банка). Најжално е што ние во високото образование немаме храброст да се погледнеме во огледало, да видиме каде тоа одиме, па да се приклучиме на штрајкот; ниту имаме доблест да покажеме солидарност, па и одговорност. Бидејќи ние продуцираме наставнички кадар што потоа е понижен и застрашуван (или невработен), а се однесуваме како да сме свет за себе. Отсуствуваат свест и совест барем за сопствената фела, која наместо со наука се занимава со штанцање дипломи (највидливиот облик на комерцијализација на образованието и науката). Среќа е да се покријат елементарните трошоци на дејноста, која се сведува на чиста импровизација. Имам да кажам многу критички нешта за наша сметка, но сега најважното е дека сме штрајкбрехери додека нашите колеги манифестираат храброст и дигнитет. Покачувањето на платите од некој ситен процент нема да ја смени општата беда. Од шупливо во празно, се вртиме во круг додека преживуваме (по некое чудо и поради геоекономски причини). Пошироката слика не бара внатрекласна борба, туку заеднички фронт против власт што повеќе ја интересираат војни и божем европски интеграции, која ништо не гледа и не слуша ништо од Битола или Тетово, од Софија или Атина, распродава сѐ што ќе ѝ се довери и така нѐ лишува од иднина. Страдаме од терминална болест, а аспирини во вид на изнудени социјални отстапки не се голема победа, туку одложување на неизбежното. Но може да се почне и од генерален штрајк, зар не? Социјалното и националното овде одат рака под рака. Ако сме штрајкбрехери во едната сфера, значи и дека сме никој и ништо во другата – и обратно. Ова е село без кучиња, заради тоа што сите сме станале штрајкбрехери на сопствената судбина.