Што ќе ми е светот ако нема Македонија?

И денес светските варвари не застануваат. Ми ја силуваат татковината на сите можни начини. Праќаат силеџии да се изживуваат врз нас. Ни ја срушија државата, ставија марионетска „пиноче“ влада, затворите ни се полни политички затвореници како да сме гулаг, ни се посраа на референдумот и продолжуваат со истото тоа за административно да исчезнеме… Е па, еве им, третата светска војна и економски колапс се на вратата

Европската Унија сака по брза постапка да ја прими Украина, затоа што е нападната од Русија, а нам ни порача да ги прифатиме бугарските нацибарања, што значи ликвидација на последните идентитетски обележја. Добро утро, евролицемери, добре дојдовте во мојата страшна колумна што ќе сакате да ја забраните.
Хасан, пет години, убиен по воздушен напад на Американците. Сакав да ставам слика од него, ама нема, на светските мејнстрим-медиуми баш им е гајле за неговата смрт и другите пола милион ирачки деца за кои Медлин Олбрајт рече дека се исплатлива жртва, за потомците на коњокрадците да можат да крадат нафта. „Ако не успееш како писател, може да станеш новинар. Неуспешните писатели стануваат новинари.“, му вели вујкото (Афлек) на својот внук (Шеридан), во новиот филм на Џорџ Клуни „Тендер бар“. Деновиве медиумите со сите сили се трудат да станат писатели. Достоевски да им позавиди. Оној Достоевски, од малоумници забранет во Италија. Ако медиумите сакаат да бидат писатели, тогаш писателите стануваат пророци.

Не треба човек да биде пророк за да ги согледа нештата. Лазански, Кисинџер, Чомски и многу други бистри луѓе, а не хистерици, предупредуваа уште во 2014 година дека е насилство на Русија да ѝ се топори во двор нуклеарно оружје, додека во делови на Украина се врши геноцид врз руско население, а Западот, премолчувајќи, го поддржува тоа. Како што мене ми беше јасно што ќе се случи истата таа 2014 година, кога официјално започна хибридната војна на САД, ЕУ и НАТО против Македонија, предводена од, симболично, нивните „азов“ баталјони, Грција и Бугарија.
Деновиве во нордистанските медиуми пред името на Путин се користат зборовите лудак, психопат, монструм, „вампирот од Кремљ“. И не видов реакција на медиумски здруженија и совети за етика. Јас како поборник на нелицемерна слобода на говор, ќе се борам за нивното право да се искажат, сеедно дали е тоа Путин, Бајден или Русјаков, но молкот на медиумските организации и совети за етика, ми дава за право и мене да користам такви етикети.
Премиер-лигата секој натпревар го почнува со осуда на Русија. Спортските организации ги исфрлаат руските репрезентации и тимови од сите натпреварувања. Сметам дека спортот треба да обединува, да пропагира љубов и пацифизам. Ама имам гаден проблем со лицемерството. Јас не се сеќавам дека Премиер-лигата го осуди нивниот „вампир од Даунинг стрит“, кога заедно со оној „лудак од Белата куќа“ лажеа дека Ирак има хемиско оружје, па за да крадат нафта масакрираа цела нација. Не се сеќавам дека спортските организации казнуваа американски спортисти затоа што Олбрајт прифаќа касапење деца низ ирачките пустини или фрлање осиромашен ураниум низ балканските предели. Исто така се чуди и англискиот спортски новинар Бен Рамзби од „Дејли телеграф“. Патем, злосторства не се прават само преку војни. Постојат и софистицирани холокаусти. Како оној врз Македонците. Сите светски институции и сојузи го погазија основното човеково право на самоидентификација. Не видов спортски организации да цвичат хистерично, како денес, за политичкиот терор врз Македонците.
Аман бе, Русјаков, Обединетите нации ја осудија Русија, а ти си тераш свои будалаштини за Македонија.

Тоалетната хартија е покорисна од Обединетите нации. Тие се обединетото лицемерство на светот. Ги погазија сопствените начела, правила и вредности за да ѝ удоволат на изопачената моќ. Со нив почна теророт врз Македонија, кај нив заврши софистицираниот идентитетски геноцид. Ме заболе соработникот за нивните резолуции, одлуки и осуди. Нека исчезнат во кенефот на историјата.
Ама, тебе треба да ти се забрани да пишуваш.
Ќе ме забранат. Веќе забрануваат. Западот е буре полно измет и лицемерство, а Диоген е во затвор заедно со Џулијан Асанж. Фејсбук дозволи да се воспеваат нацисти ако тие се борат против Русија. Во исто време укинуваат сè што е руско, дури и кога нема врска со политика. Луѓе се чудат зарем е можно ваква медиумска диктатура? Па, тие Доналд Трамп, сопствениот претседател си го забранија на социјалните мрежи. Војната во Украина ќе заврши, ама допрва ни следува војна со креаторите на новата диктатура. Кај неолибералите, хистеричните прогресивци и нивните лицемерни колеги десничари, само гебелштината е западна, сè друго во нив е сталинизам.
Значи нема да го осудиш „вампирот од Кремљ“ како што го стори тоа сиот цивилизиран свет.
Ме заболе за сиот „цивилизиран“ запад и „нецивилизиран“ исток. Слободно може да одат по ѓаволите. Што ќе ми е светот ако нема Македонија? Може Путин да ја нападне Месечината и Си Џинпинг да го освои црвениот Марс, сеедно ми е дали Кореите ќе се распукаат, може Африканците на свој терен да ги запалат корпорациите на белите робовладетели, за мене ќе остане непријател западната политика предводена од ОН, САД, ЕУ и НАТО, затоа што тие ми ја осакатија душата политички окупирајќи ја Македонија, тие врз моето срце го фрлија сето свое насилство, лицемерство, изопачена моќ, само за да ме присилат да се откажам од македонизмот, тие и денес продолжуваат со својот терор врз мојата татковина. Не им заборавам. О, не ликувам јас, ниту се радувам, не запаѓам во хистерија и не сочувствувам, туку само ја гледам божјата промисла во која тие не веруваат. А им напишав стопати, не чепкајте го името Македонија.

Ја гледам западната моќ влезена во хистерија, чекор по чекор, ја укинува демократијата. Вреска и се храбри самата себе, ама среде беснилото во кое запаѓа чувствува страв и немоќ од нешто силно и страшно што ѝ се спротивставува. Нивните граѓани треперат пред можноста за светска војна што ќе им ја уништи комоцијата. Така и ние Македонците се чувствуваме, немоќно, нападнато и окупирано, додека врз нас Западот ги врши своите манијачки експерименти. Ја гледам и другата, руската страна. Изолирана, демонизирана, санкционирана. Дали Русите знаеја дека и ние Македонците така се чувствувавме сиве овие години додека Запад ни го бришеше битието? Знаеја, ама ништо не сторија во однос на меѓународното право, а можеа да го блокираат идентитетскиот холокауст врз нас среде Советот за безбедност. Затоа сега, гајле ми е и за едните и за другите.
И да завршам со теорија на заговор. Ја парчосаа Македонија во 1913 година, па им се сруши врз глава Првата светска војна. Потоа беа глуви и слепи за време на егзодусот и асимилацијата на Македонците. Си велеа, готово е со нив, завршена приказна. Ама нивниот лудак одлучи и тој да го прави истото тоа со Евреите, па се случи и Втората светска војна. И денес светските варвари не застануваат. Ми ја силуваат татковината на сите можни начини. Праќаат силеџии да се изживуваат врз нас. Ни ја срушија државата, ставија марионетска „пиноче“ влада, затворите ни се полни политички затвореници како да сме гулаг, ни се посраа на референдумот и продолжуваат со истото тоа за административно да исчезнеме… Е па, еве им, третата светска војна и економски колапс се на вратата. А само сакавме да нè оставите раат да бидеме она што со векови сме биле.