Шчо сакат нашијот собеседник? Клоца сакат

Колумнава требаше целосно да му биде посветена на Крсте Мисирков. Ама тоа веќе не е можно, зашто минатата седмица како полемични собеседници на Мисирков се наметнаа Емануел Макрон и Бугарите

Во 1903 година, кога браќата Рајт во САД го изведуваат првиот лет со авион, ние сме во крв до колена од Илинденското востание: некој лета по небото, некој се бори за парче родна земја. Фердинанд де Сосир во својот спокоен кабинет во Женева ги подготвува своите прочуени лингвистички предавања, кои стануваат основа на европската лингвистика. Но, чудо! Во истата година се јавува и македонскиот Фердинанд де Сосир – Крсте Петков Мисирков, последниот светилник на деветнаесеттиот и првиот на дваесеттиот македонски век. Се јавува со светата книга на македонскиот идентитет, книга со која се раѓаат македонската филологија и политикологија: „За македонцките работи“. Во неа Мисирков, освен што говори за причините за неуспехот на Илинденското востание, за посебноста и „одделноста“ на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, прави и еден мал ЕВРОПСКИ лингвистички подвиг, во само една единствена реченица со која го дефинира јазикот: „Јазикот јет средство со које није познааме шчо мислит, шчо осеќат и шчо сакат нашијот собеседник“. Денешниве лингвисти и комуниколози лесно ги препознаваат поимната и емотивната функција на јазикот во она Мисирково „шчо мислит“ и во она „шчо осеќат“, ама не ми е познато дека му е посветено значајно научно внимание на она трето делче: „шчо сакат нашијот собеседник“. А токму со тоа „шчо сакат нашијот собеседник“, 31 година пред првиот комуникациски модел (на Карл Билер), Мисирков дава јасен сигнал дека ја чувствува онаа функција на јазикот што Билер ја именуваше како „апелативна“, а Јакобсон уште 30 години подоцна како „конативна“. Тоа е онаа функција на јазикот која, откако ќе упатиме порака до нашиот собеседник, во него треба да поттикне реакција: интелектуална, емотивна или ПРАКТИЧНА, зашто ние „сакаме нешчо“ од него. Сакаме интелектуално или емотивно приврзување за некој став, но понекогаш сакаме да поттикнеме и практични дејства: некој да скокне во базен, некој да аплаудира, некој да исвирка политички говор.

Пример за таа „апелативна“ функција е и она моментално станување и трчање во „Сити мол“ откако се примила некаква рекламна порака за некој нов, атрактивен производ. Така што, тоа „шчо сакат нашијот собеседник од нас“ покажува дека Мисирков како лингвист многу рано станал свесен дека јазикот е и политички инструмент, со кој можеме да остваруваме и прагматски цели: да ветуваме и доведуваме во заблуда луѓе, да наведуваме толпи на посакувано однесување, да ги придобиваме: нешто што денес го прават политичарите и корпорациите низ политичкото и корпоративното комуницирање. Тоа „шчо сакат нашијот собеседник“ на Мисирков е најава и на прагматската лингвистика на Џон Серл и култната книга „Говорни чинови“, која се јавува цели 68 години по Мисирков. Џон Серл и неговиот учител Џон Остин покажаа дека постојат десетици типови говорни чинови: констативи, ветувања, наредби, закани, побарувања, молби, уцени… Тоа Мисирково „шчо сакат нашијот собеседник“ е најава и на Мишел Фуко и неговата филозофска струја, која целосно јасно ќе го покаже она што Мисирков само го насетувал: дека јазикот може да служи да се врши надзор и да се управува со толпите, на најневидливи и суптилни начини, преку „капиларни“ дискурзивни практики. Од каде го знаел сето тоа Мисирков, кога кај Сосир нема ни трага од прагматска лингвистика? Можел само да го насети кај Хумболт, ама тоа можел да го стори само интелектуалец од светски формат, таков што чита со лупа и меѓу редови, и кој силно го чувствувал притисокот на нашите тогашни (а и сегашни) недобронамерни политички собеседници. Тоа се истите оние што во Софија, веднаш по печатењето, ќе го запленат речиси целиот тираж на Мисирковата книга и ќе го запалат.
И, еве, драг наш Мисирков, само колку да знаеш „шчо сакат“ од нас нашиот собеседник денес. Знам дека не си чул за Емануел Макрон, ама еве што тој, како наш собеседник, „сакат од нас“, откако пред некој ден нѐ нарече северномакедонци: „Блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што Северна Македонија може да го направи.“ Значи, од нас се бара да направиме сѐ што можеме за да ја задоволиме „правдата на бугарските барања“. Тоа е говорен чин ПОБАРУВАЊЕ. Се граничи со уцена (ако не го направиме она за што Макрон е убеден дека МОЖЕМЕ, нема ЕУ).

Или ова, драг Мисирков, што како говорен чин, според Серл, се класира во НАРЕДБА и ПРИНУДА: „Владата на РС Македонија, во согласност со Декларацијата (…) за извинување кон жртвите од репресијата на режимот 1945-1990 година и во духот на резолуцијата на Европскиот парламент од 2009 година за европската совест и тоталитаризам, да ги осуди и да се извини за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етнополитичко самоопределување, вклучувајќи и во однос на Бугарите“. Комично е, зашто многу потсетува на антологиската реплика во „Балканскиот шпион“ на Душан Ковачевиќ: „Ако се лепо извиниш, мој брат Ѓуро ќе ти опростити што те је тукао“. Но и трагично е. Сетете се само на ваташките младинци. Кој ги стрелаше нив? Мојот дедо или дедото на некој Бугарин? Кој ќе им се извини ним?
И само уште еден пример од регистарот ЗАПОВЕДНИ (НАДЗОРНИ) говорни чинови, како доказ дека самите сме се понижиле до дно, до слуги на Бугарите, зашто само на слуги им се заповеда. Еве што стои во бугарските документи со кои се уценува Македонија: „Владата на РС Македонија се обврзува, во периодот на преговори за членство во ЕУ, да ја информира Република Бугарија за какви било промени во содржината на сите учебници, наставни средства и упатства во образовната програма на Република Северна Македонија и да обезбеди копии на новите изданија.“ Тоа значи – бугарска контрола на образованието.

Молчиш? Па, нормално. Знам што си мислиш. Секој нормален човек на ваков НАТРАПНИК-собеседник би му одговорил со практична акција (перлокуција, како што вели Серл): би го кренал на клоци. Се разбира, културно и дипломатски. На пример, би ги прекинал дипломатските односи веднаш, додека овој не се извини, воспита и поправи. И би се свртел кон оние луѓе како македонската професорка Фроса Пејоска-Бушро од Институтот ИНАЛКО во Париз, која минатата седмица ХЕРОЈСКИ се избори македонистиката да се вброи кај Французите (на кои за жал, им припаѓа и Макрон) и Германците како „ретка научна дисциплина“. И ќе биде голем срам ако некој не ја одликува со македонски орден, оти таа работи „за однапред“, драг мој Мисирков. Толку: кој има уши ќе чуе, кој има очи ќе види.